Либералната демократија и нејзините непријатели

173

Предизвиците со кои се соочуваат денес западните либерални демократии се доволно сериозни за да предупредиме на опасноста од враќање на тираниите како во времето на 1930-тите во Европа. Затоа, Американците и Европејците мора да се мобилизираат за да го спречат тоа

Крис Патен

Кога германскиот драмски писател Бертолт Брехт напиша дека „сета моќ извира од народот“, тој продолжи и го постави доста важното прашање „но каде води тоа“. Половина век по Втората светска војна, клучното постигнување на либералната демократија требаше да одговори на тоа прашање, промовирајќи истовремено социјален консензус и солидарност. Иако владите беа избрани од мнозинството еднакви граѓани, тие работеа во рамките на уставниот поредок засновани на владеењето на правото, демократските институции и прифатените вредности и права. Тие владееја со согласност од малцинството, кое го почитуваа.
До крајот на 1980-тите, некои веруваа дека овој систем на владеење, кој создава економски успех и политичка стабилност, ќе излезе како победник во однос на секоја друга алтернатива. Комунистичкиот и фашистичкиот авторитаризам беа дискредитирани. Владееше расположение на триумфализам, кое го градеше самозадоволството. Но работите денес изгледаат многу помалку розови за либералните демократи.

Финансиските кризи од првата деценија од овој век ја зедоа својата жртва. Истото тоа се случи и со поттикнувањето на неограничената форма на глобализација, која не ги земаше предвид социјалните последици од пониските компаративни трошоци на работната сила во земјите во развој во однос на работниците од развиените земји. Слободната трговија и сѐ поотворената размена не беа придружувани со пазарот на трудот и политиките за социјалното осигурување за да ги намалат нивните негативни ефекти. Дополнително, Кина, која сега е најголемата светска економија, ги сврте правилата на меѓународниот пазар во своја полза.

Две други прашања уште повеќе ги дискредитираа демократските влади. Прво, социјалната нееднаквост порасна алармантно во многу земји, особено во САД, предизвикувајќи ги граѓаните да се запрашаат дали живеат во фер општество. Второ, миграцијата од посиромашните во побогатите земји, поттикната од сиромаштијата и демографските фактори, создаде тензии во развиените економии. Стандардите за живеење беа исцедени, а луѓето ги одложија надежите за подобар квалитет на живот.
Некои сега на ова гледаат како судир помеѓу нелиберална демократија и недемократски либерализам. Елитите размислуваат дека сакаат да го намалат она што го сметаат за ирационална и неизвесна надеж на мнозинството, додека мнозинството се бори да го поништи системот на проверки и ограничувања, што ја остварува народната волја.
Евидентно е зголеменото разочарување од демократската влада во подемот на лидерите како што се бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, унгарскиот премиер Виктор Орбан, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп. Тој се чини не внимава многу на Уставот, владеењето на правото, слободата на медиумите и граѓанската политичка дебата. Америка во минатото беше стандарден носител на либералната демократија и човековите права во светот.

Но администрацијата на Трамп сега претпочита строги авторитарни лидери наместо демократи, па дури и ги напаѓа американските демократски сојузници.
Како да не е доволно што Западот се мачи со самодестабилизација на системот на управување, либералните демократии исто така мора да се справат со надворешните закани.
На пример, рускиот претседател Владимир Путин сака да предизвика проблеми во европските демократии и во Америка. Со финансирање на националистичките и популистичките политички партии, притоа обидувајќи се да ги уништи заедничките вредности на ЕУ, Путин немилосрдно ги продолжува своите напори да ја смени политичката карта на Европа. Путин сака да ја врати Европа во времето во кое континентот беше поделен на сфери на влијание, а не предводен од самоопределувањето. Но Русија е нефункционална држава со нафта, гас и ракети. Таа нема економски раст што може да изврши фундаментален напад врз либерално-демократските вредности. Тоа значи дека заканувачкото однесување на Кремљ треба да се набљудува и одбива.

Кина е различна приказна. Големата економска моќ ѝ донесе подмладување на земјата и ѝ даде значително глобално и регионално влијание. Но внатрешните слабости на кинескиот систем поради авторитарната власт значат дека нејзините комунистички водачи се грижат само за тоа како да одржи апсолутна контрола над технолошките, демографските и економските промени.
Оние што го оправдуваат кинеското однесување по овие прашања велат дека западните неуспеси се поголеми од тие на комунистичкиот режим во Пекинг. Нивниот совет е дека мора да се комуницира со Кина и истовремено да се отфрли нејзиното негативно однесување, а тоа за многумина звучи мудро и избалансирано. Но комуникацијата мора да биде по фер услови за двете страни. Во спротивно, мора да има воздржаност. Ако либералите продолжат да покажуваат слабост, тоа на крајот ќе им пресуди.

Авторот е декан на универзитетот „Оксфорд“