Крај на кинескиот сон за Европа

924

Големи промени се случуваат во односите меѓу ЕУ и Кина. Кризата со ковид-19 предизвика нова дебата во Европа за потребата од поголема „диверзификација“ на синџирот на снабдување, а со тоа и за успешно дистанцирање од Кина. Тоа нема да биде лесно и брзо. Но јасно е дека Европа ја напушти претходната амбиција за поблизу интегриран билатерален економски однос со Кина.
Во минатото, кога Европејците бараа реформи во трговијата, економската и надворешната политика во однос на Кина, нивната надеж беше секогаш да го зголемуваат контактот со земјата, а притоа односот да биде поправеден и пореципрочен. Основната цел беше да се прошири билатералната трговија и да се отвори кинескиот пазар за европски инвестиции.

Дури и кога ЕУ го заостри пристапот кон Кина, нејзината цел сепак беше да ги продлабочи економските врски со земјата. Создавањето нови инструменти на ЕУ за проверка на инвестициите и спроведувањето антимонополски мерки беа претставени како неопходни потези за создавање политички услови за поблиска соработка.
Ендру Малит од Европскиот совет за надворешни односи во еден извештај тврди дека ангажманот на ЕУ со Кина отсега ќе има нова цел, да ги структурира кинеско-европските односи на начин што ќе ја намали зависноста на Европа од кинеската трговија и инвестиции. Новиот консензус е дека Европејците треба да бидат поизолирани од каприците на несигурни или преголеми странски влади, без разлика дали се тие во Пекинг или во Вашингтон. Ова ново размислување е евидентно во изјавите на највисоките претставници на ЕУ.

На пример, Јосеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, неодамна ги повика Европејците да ги скратат и диверзифицираат своите синџири на снабдување и да размислат за промена на трговските врски од Азија во Источна Европа, Балканот и Африка. Слично, еврокомесарката за конкурентност Маргарет Вестагер сака да ги промени правилата за државна помош за да ги заштити европските компании од кинеските преземања.
Од своја страна, повеќето европски влади не сакаа промена во стратегијата. Тие многу инвестираа во развојот на соработка со Кина, а сега се очајни за медицинска опрема произведена во Кина за да се справат со пандемијата.

Сепак, три фактори го сменија стратегиското позиционирање на Европа. Првиот е долгорочната промена во Кина. Претходната политика на ЕУ кон Кина се засноваше на надежта за конвергенција, односно дека Кина постепено ќе стане поодговорен глобален играч ако добие пристап до меѓународните глобални пазари и институции. Наместо тоа, се случи спротивното. Под водство на претседателот Си Џинпинг, Кина стана поавторитарна. Кинеската држава ја зголеми својата улога во економијата и кинеските пазари станаа помалку гостопримливи за европските компании. Политиките на Си, како „Произведено во Кина – 2025 година“ и „Кинески стандарди – 2035 година“, и иницијативата „Појас и пат“ не само што ги истиснаа европските компании од кинескиот пазар туку и го извезуваа кинескиот модел во странство. Кина повеќе не се натпреварува за удел на производството со ниска додадена вредност. Таа брзо се искачува на глобалниот синџир на вредности и продира во самите сектори што Европејците ги сметаат за клучни за сопствената економска иднина.

Второ, САД имаат се поагресивен пристап кон Кина, особено откако американскиот претседател Доналд Трамп влезе во Белата куќа. Пред пандемијата се чинеше дека е во тек пошироко „раздвојување“ на економиите во САД и Кина. Оваа промена дојде нагло и беше шок за Европејците, кои одеднаш заглавија среде кинеско-американска игра. Земете го предвид начинот на кој многу европски држави се борат да ги смират и САД и Кина во однос на изградбата на европски 5Г-мрежи од страна на кинескиот гигант „Хуавеи“. Теоретски, новиот скептицизам на Европа кон Кина требаше да го отвори патот за поблиска трансатлантска соработка по ова прашање. Но напаѓајќи ја Европа со царини, секундарни санкции и со други непровоцирани потези, администрацијата на Трамп го замагли она што требаше да биде јасен избор.

Но третиот и изненадувачки фактор е однесувањето на Кина за време на пандемијата. По светската финансиска криза во 2008 година, Кина се чинеше дека се претвора во одговорна глобална сила, учествувајќи во координирани напори за санирање на штетите. Но не и овој пат. Во почетокот на оваа година, кога коронавирусот беснееше во Вухан, членките на ЕУ испратија речиси 60 тони медицинска опрема во Кина. Голем дел од нив беше дел од националните стратегиски резерви и беше испратен дискретно, по барање на Кина. Спротивно на тоа, кога пандемијата пристигна во Европа, кинеската влада направи големо шоу со понудата на „помош“ за Европа. Уште полошо, Кина ја користи кризата со ковид-19 за да склучи политички контроверзни економски зделки, како железницата Белград – Будимпешта. Слично, „Хуавеи“ со кризата сакаше да оправда зошто треба да ги гради 5Г-мрежите.

Но најмногу вознемирува фактот што Кина ги користи здравствените потреби за да ги оствари своите ситни политички интереси. На пример, Кина ја предупреди Холандија дека може да ги запре медицинските пратки поради одлуката на земјата да го смени името на дипломатската канцеларија во Тајван.
Од избувнувањето на кризата, ЕУ покажа поголема подготвеност да се спротивстави на кинеските кампањи за дезинформации и донесе мерки за да ги заштити ранливите европски компании и да не бидат преземени од кинески инвеститори.

Но најсериозните потези треба допрва да дојдат. Европејците наскоро ќе почнат да ја спроведуваат „диверзификацијата“ на дело. Структурните промени во глобалниот поредок предизвикаа нова дебата за Кина Но сега, кога ковид-19 ги откри и зависностите на Европа и вистинските намери на Кина, на повидок е вистинска стратегиска промена.

Авторот е директор на Европскиот совет за надворешни односи