Коегзистирањето во светот е поважно од ривалството на суперсилите

131

Токму кога светот треба да се обедини за да се справи со пандемијата и да го мобилизира одговорот на климатските промени, геополитичките тензии растат и се закануваат по шансите за соработка. Затоа состојбата наложува ново ниво на глобално државништво, кое допрва треба да се материјализира

Ова се тешки времиња. Геополитичките тензии растат, првенствено, но не и исклучиво меѓу Кина и САД. Сепак, во исто време, постои длабока потреба за инклузивна глобална соработка за борба против пандемијата и справување со заканата од климатските промени. Како водечките сили ќе се справат со овие конкурентни барања ќе го одреди курсот на глобалниот развој во наредните години и децении.
Во текот на изминатите неколку недели, САД и Кина се обидоа да воспостават некои бариери за да спречат зголемените тензии да излезат од контрола. По неодамнешниот состанок во Швајцарија со неговиот кинески колега Јанг Џиечи, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливен зборуваше за потребата од „одговорна конкуренција“ меѓу двете земји, избор на зборови што досега не сме ги слушнале.
Но колку и да е добредојдена оваа реторика, реалноста е дека САД и Кина сè уште се заглавени во продлабочување на ривалството. Американската одлука да ја снабди Австралија со нуклеарни подморници беше намерно смислена за да изгледа како голем стратегиски чекор за спротивставување на кинеската поморска експанзија. Слично на тоа, на дводневниот состанок во Питсбург минатиот месец, претставници на Европската Унија (ЕУ) и на САД подготвија план за нови разговори за трговијата и технологијата, ставајќи посебен акцент на потребата за одбранбени мерки против Кина. Во Вашингтон, шпекулациите околу можна кинеска инвазија на Тајван се шират со огромна брзина и поттикнуваат голем број одлуки.
Сè понаметливата и посилна Кина не е единствената што предизвикува геополитичка загриженост. Русија, исто така, претставува ревизионистичка закана, со тоа што претседателот Владимир Путин објавува соопштенија во кои отворено го предизвикува украинскиот суверенитет и фрла сенка врз полезноста на дипломатијата во справувањето со војната во украинскиот регион Донбас или прашањата што потекнуваат од руската анексија на Крим. Како што многумина во САД гледаат тенденции за судир со Кина поради Тајван, така многумина во Европа се загрижени за слична ескалација со Русија поради Украина. Но потребата за соработка за да се одговори на уште поголеми предизвици треба да биде очигледна. Кога светските лидери ќе се состанат во Рим за самитот на Г20, тие ќе треба да се соочат со фактот дека успеавме само половично (во најдобар случај) во нашата борба против пандемијата на ковид-19.

На неодамнешниот самит, чиј домаќин беше американскиот претседател Џо Бајден, претставници од повеќе од 100 влади, меѓународните институции, деловни субјекти и граѓанско општество се обврзаа да вакцинираат „70 отсто од населението во секоја држава без разлика на која категорија на приходи припаѓа“ до септември идната година. Таа цел сè уште е тешко остварлива. Во моментов, приближно 37 отсто од светската популација е целосно вакцинирана, но постои сериозна и опасна нееднаквост меѓу земјите со високи и ниски приходи. Всушност, богатите земји имаат аплицирано 32 пати повеќе дози по жител од земјите со ниски приходи.
Клишето дека никој не е безбеден додека сите не се безбедни сè уште важи. Не постои гаранција дека делта-варијантата на коронавирусот ќе биде последната мутација што ќе поттикнува нови бранови на епидемија. Тука станува збор за битката на човештвото со вирусот. Ние итно мора да мобилизираме дополнителни ресурси за да дистрибуираме не само вакцини туку и тестови и лекови. Во тој контекст, не треба да се игнорираат можните придонеси на Кина. Таа произведува вакцини повеќе од која било друга држава и ќе игра клучна улога во сите нови глобални структури што се создаваат за спречување или борба со сите идни епидемии (од кои некоја може да биде многу поопасна од ковид-19).
Слично на тоа, кога глобалните лидери ќе се состанат на самитот на ООН за климатски промени (КОП26) во Глазгов веќе идната недела, тие ќе мора да го надоместат изгубеното време. Еден скорешен извештај од Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) дава алармантна слика за тоа колку треба да се работи за да се декарбонизира економијата. Оваа година ќе бидеме сведоци на второто највисоко зголемување на емисиите на јаглерод диоксид во историјата, што покажува дека не е постигнат напредок кон целта за нето нула емисии до 2050 година. Уште полошо е што актуелните обврски на владите опфаќаат помалку од 20 отсто од намалувањата што се потребни до 2030 година за да се ограничи глобалното затоплување во рамките на 1,5 степен Целзиусов од просечните прединдустриски температури.

Секој мора да стори повеќе, но малку актери се важни како Кина. Ако не ја намали огромната зависност од јаглен, тешко ќе биде да се остварат глобалните цели. Неодамнешното соопштение на Кина дека ќе го укине финансирањето на странски проекти за постројки на јаглен е потенцијално многу значајно, бидејќи само тоа може да ги намали емисиите колку што е целта на ЕУ за нето нула емисии до 2050 година. Но дури и тогаш, Кина и сите други ќе треба повеќе да сторат.
Како и со пандемијата, климатските промени го ставаат целото човештво на иста страна против заканата што многу лесно може да излезе од контрола. Во секој случај, денешните геополитички тензии се реални, а прашањата како Тајван и Украина не треба да се игнорираат. Демократиите ги имаат сите причини да се обединат против ревизионистичкото непријателство. Но пандемијата и климатските промени се проблеми што можат ефективно да се решат само ако сите се посветени на соработката. Постигнувањето на тој исход ќе бара вистинско глобално државништво, а напредокот кон него ќе мора да биде стандард според кој се оценува дипломатијата.

Авторот е поранешен министер за надворешни работи и премиер на Шведска, како и истакнат дипломат.