Кога дипломатот е деспот

1039

Кристофер Хил е човекот што во 2015 година изјави дека никој не може и не смее да ѝ го промени името на Македонија. Баш ми е жал за него. Изгледа никој не му кажал дека навистина никој не може да нè силува и тероризира како ние самите. Да ни ја знаеше историјата ќе му беше јасно дека нема друг народ на планетава што толку силно пати од сопствените изроди. Ама како и би знаел кога во неговата татковина сигурно нема до толку интелектуална бижутерија, која смета дека народот на кој припаѓа е племе, а таму, некоја недефинирана безидентитетска, генетички модифицирана измислица да ти е не знам каква цивилизација. Но, забележавте ли нешто друго во писанието на господинот Хил?

Пишувајќи за Корејците од Демократска Народна Република Кореја тој цело време ги нарекува Севернокорејци. А таков народ не постои. Како што не постојат Северна Кореја и Јужна Кореја, туку Народна Демократска Република Кореја и Република Кореја. Но, Кристофер Хил воопшто не е виновен. Иако Северна Кореја и Севернокорејци не постојат, човештвото со текот на времето си ги воспоставило овие термини како природни и ете, тие се во широка, речиси севкупна употреба. А нашиов северноцрпнат и октроиран премиер сосе неговата платеничко-поданичка свита и интелектуална бижутерија нè убедуваат дека ќе сме останеле Македонци, иако, за севкупна употреба сме ја прифатиле изопачената нациидиотштина, Република Северна Македонија во која живеат Македонци/граѓани на Република Северна Македонија.
А сега за дипломатите и за деспотите. Се надевам ја прочитавте колумната лево.

Немам што да полемизирам со нејзиниот автор. Ние деспоти меѓу политичарите немаме. За овие, речиси триесет години независност се изнагледавме политички полтрони со поданички менталитет спрема центрите на моќ, никакви деспоти немало тука. И со дипломатите стоиме слично. Чест на исклучоци, ама дипломатите најчесто ни се со филозофијата „свиткан ’рбет за кубурот во задникот да не жуља“. Така што е беспредметно да се зборува за нашите политичари и дипломати, кои историјата ќе ги смести во нужникот на битисувањето. Ама една друга, крајно оригинална појава е забележлива во македонското политичко секојдневие. Имено, речиси сите западни дипломати што доаѓаат кај нас се однесуваат деспотски.
О, да, кај нас секое дипломатче од таканаречената меѓународна заедница, секое комесарче и амбасадорче, секое политичко шрафче смее и најчесто се однесува како деспот. Море слободно може и сите свои скриени фрустрации заради кои би му завршила политичката кариера во матичната земја, да ги истресе врз нас и никому ништо. Што, не ми верувате? Во ред, ајде да наведеме неколку примери.

Пјер Мороа, француски премиер ни се обрати со зборовите дека „секое племе не може да има држава“. Британскиот амбасадор Диксон се изживуваше со игроорците од КУД „Гоце Делчев“ од Битола, терајќи ги да му играат оро во дворот на амбасадата за да им одобри виза за настап на фолклорен фестивал во Ленголенд. Години подоцна, неговиот колега Чарлс Гарет ни објасни дека сосема било нормално големите држави да се мешаат и да го преуредуваат животот на помалите. Тоа ти е империјалистичко-колонизаторски средновековно-инквизициски менталитет. Еврокомесарот за проширување Оли Рен, обидувајќи се да биде духовит и циничен, а не е, ни раскажуваше шеги за Јан Сибелиус. Ќе си рече човек, во ред, раскажувал шеги. Е ама не е во ред, затоа што невоспитано и безобразно е да се подбиваш со цел еден народ, а ти си претставник на моќна унија, која поддржува геноцидна политика на твоја земја-членка и ги кршиш основните човекови права на самоидентификување.

Одиме понатаму. Уште еден британски дипломат, му го заборавив името, ни вртеше часовник како да сме малоумни, сакајќи да ни покаже дека времето ни истекува ако не ја прифатиме безумната територијална поделба. Уцени, закани, цинизам. Или оној шведскион амбасадор. Нему не му го заборавив името, затоа што не му го ни паметев. Да беше некоја вистинска шведска вредност како Стринберг или Бергман, па да го паметиш, ама перверзниов, сакајќи да го исмее проектот „Скопје 2014“, соблече млад Ром, па му стави пелени, демек Прометеј со гаќи и го шеташе низ амбасадата пред фотоапарати и исклештената малоумност на интелектуалната бижутерија. Каков изопачен ум, Боже ме прости!

Американските амбасадори посебно се истакнуваат со своите деспотски навики. Лоренс Батлер ни кажуваше дека ужива да гледа овци мислејќи на нас, Македонците. Патем, со помош на нашата полтронско-поданичка политичка елита изнесуваше вредни артефакти од земјава. Филип Рикер ни објаснуваше дека идентитетот не е тема на преговорите, ама затоа неговиот наследник Пол Волерс ни акна в лице дека спорот со Грција да ти бил идентитетски. Како да ги праша некој. Кој им ги даде овие ингеренции како на дипломати и претставници на својата држава и нејзините интереси, сосема е нејасно. Истиот тој Волерс ги избриша Македонците од светската мапа на нациите правејќи нè политичка нација, па ни држеше предавања за тоа како ние Македонците сме биле различни од Албанците по вера, јазик и култура и затоа било паметно да прифатиме промена на име и идентитет. За Џес Бејли воопшто не ми се зборува. Уште непристигнат во Македонија ни објасни дека тука живеат Словени и Албанци. Демек, тие народ, нација, а ние племе. За неговите амбасадорски лудории доволно сум пишувал. Но, дипломатскиот деспотизам и силеџиство врз Македонија и врз македонскиот народ не го извршуваа само поединци. Челниците на ЕУ и на НАТО мртви ладни ја прогласија хашката пресуда во наша корист за обично судско мислење. Од кога тоа судовите даваат мислење, а не пресуди што мора да се извршат? Е па, ете, во нашиот случај судот да ти давал само мислење, иако највисокиот светски суд донесе пресуда. Сопствениот суд практично го укинаа. И да не должам повеќе, оти има безброј примери, како оној кога четворица амбасадори, во писмо, го преименуваа македонскиот јазик во државен јазик или кога ни се закануваа дека сме ги потпишале договорите со Русија за Јужен тек и за Турски тек без да ги прашаме. Можеби светските дипломати често мораат да се среќаваат со деспоти, ама ние тука во Македонија најчесто се среќаваме со дипломати што се однесуваат како деспоти.