Како да се разговара со Иран

220

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изминатите две и пол години го посочува Иран, дури повеќе и од Русија, Кина или Северна Кореја, како земја врз која треба да се врши постојан притисок. САД се повлекоа од нуклеарниот договор од 2015 година, означија дел од иранската војска (Револуционерната гарда) како странска терористичка организација, наметнаа економски санкции против речиси илјада лица и субјекти и презедоа чекори за да му биде исклучително тешко на Иран да ја продава својата нафта.

Политиката на САД функционира во смисла дека повеќето земји (вклучувајќи ги и оние што не се согласуваат со политиката на Трамп) сметаат дека е подобро да ги одржуваат трговските и инвестициските врски со САД отколку со Иран.
Иранскиот извоз на нафта драматично се намалува, а неговата економска изолација е вистинска и постојано расте. Економијата се намали за околу четири отсто во 2018 година и се предвидува да се намали за уште шест отсто оваа година. Валутата паѓа. Има извештаи за пораст на цените, недостиг од храна и лекови и намалени финансиски трансфери за Хезболах и различни паравојски, кои се клучни во обидите на Иран да го зголеми своето влијание во регионот.
Но ако притисокот е јасен, неговата цел не е. Многумина во администрацијата на Трамп се чини дека поддржуваат промена на режимот во Техеран. Но малку е веројатно да се случи тоа. Четириесет години по револуцијата што го собори шахот, политичко-религискиот систем на Иран се чини е доволно силен да ги издржи притисокот од САД и економските тешкотии.

Поверојатен исход е дека американската економска војна ќе доведе до вистинска војна. Иран речиси сигурно беше вмешан во неодамнешните напади врз танкерите за нафта во Оманскиот Залив и во нападите со беспилотни летала врз аеродром на Саудиска Арабија, кои ги извршија Хутите во Јемен. Иранската влада, исто така, објави намера постепено да се откажува од нуклеарните ограничувања наметнати со договорот од 2015 година. Според Меѓународната агенција за атомска енергија, Иран полека го зголемува производството на нуклеарно гориво. Земјата, исто така, се чини е решена да го приближи нивото на збогатување ураниум до тоа што е потребно за производство на оружје.
Сето ова го зголемува ризикот од скапи конфликти меѓу Иран и еден или повеќе негови соседи или САД. Таквиот конфликт речиси сигурно ќе се ескалира и ќе се прошири, оставајќи ги САД, Израел и Иран во уште полоша ситуација.
Некаде меѓу скапата војна и неверојатната промена на режимот лежи трета можност, која ќе бара од Трамп да ја употреби дипломатијата. Тој го промени курсот со Северна Кореја и може да го стори истото тоа со Иран.

Критиката на администрацијата на Трамп за нуклеарниот договор повеќе беше погрешна отколку точна. Договорот навистина ги намали нуклеарните капацитети на Иран и го зголеми времето кога би му било потребно за да развие нуклеарно оружје. Сепак, ограничувањата што тој ги прифати се релативно краткотрајни и ќе истечат во текот на наредната деценија. Во тој момент, Иран би можел да продолжи да го почитува договорот, а истовремено да стори сѐ што треба за да изгради нуклеарни капацитети со мало или без никакво предупредување. Ова не го оправдува повлекувањето на САД од договорот, особено со оглед на тоа што Иран го почитуваше, но нуди силен аргумент за нови преговори. Оваа можност сè уште постои. И покрај неодамнешниот неуспешен обид на јапонскиот премиер Шинзо Абе да посредува меѓу САД и Иран, дипломатските изгледи сега се подобри, делумно и поради тоа што санкциите функционираат. Администрацијата на Трамп изрази подготвеност да разговара со иранската влада без предуслови. Иран засега ги отфрла разговорите, но тоа би можело да се промени ако САД посочат дека е можно олеснување на санкциите.
Време е за таква дипломатска увертира. Тоа може да се нарече нуклеарен договор 2.0. Одредбите од спогодбата со кои се ограничуваат нуклеарните активности на Иран, пред сѐ неговите центрифуги и нуклеарно гориво, ќе бидат проширени и во иднина. Ревидираниот договор, исто така, ќе ја ограничи иранската програма за балистички ракети. За возврат, Иран ќе добие олеснување на многуте санкции што беа воведени. САД, исто така, би можеле да ја формализираат изјавата на Трамп дека бара промена на политиките, а не промена на режимот. Има добри шанси европските учесници во првичните преговори – Британија, Франција, Германија и ЕУ – да поддржат ваков пристап. Поднесувањето ревидиран договор во Конгресот на САД, кој треба официјално да го одобри, ќе сигнализира дека САД нема да се повлечат вторпат.

Сепак, некои санкции би требало да останат, со оглед на иранските активности во регионот. Во принцип, може да се замислат преговори во кои би било понудено да се отстранат сите санкции во замена за престанок на иранските активности во Сирија и во Јемен, иранската поддршка на тероризмот и воведувањето либерални политички реформи дома. Но ова нема да има шанси за успех. Дипломатијата „сѐ или ништо“ нема да има резултати. Како што беше случајот со контролата на оружјето помеѓу САД и Советскиот Сојуз за време на Студената војна, понекогаш е доволно амбициозно да се обидете да ја ограничите конкуренцијата наместо целосно да ја елиминирате.
Тоа не значи дека Иран ќе има слобода да прави што сака во регионот. Се претпоставува дека Израел ќе продолжи да спроведува воена стратегија насочена кон конкретни цели за да осигури дека Иран не може да воспостави воено присуство и инфраструктура во Сирија, блиску до израелската граница, како што го стори тоа во Либан. И САД треба да го задржат зголеменото воено присуство во Персискиот Залив или блиску до него, да ги задржат војниците во Сирија и да одржат значајно дипломатско и воено присуство во Ирак. Промовирањето на договорот 2.0 нема да доведе до нормализирање на дипломатските врски со Иран, но драматично ќе ги намали шансите за војна или промовирањето на Иран во нуклеарна сила – развој што најверојатно ќе ги поттикне Саудиска Арабија и неколку други земји да го следат иранскиот пример. Блискиот Исток веќе е доволно експлозивен, па не треба да се додава нова запалива состојка.

Ричард Хас е претседател на Советот за надворешни односи на САД