Како да се надмине трговската војна меѓу САД и Кина

98

Економскиот пораст на Кина претставува значителен политички и стратегиски предизвик за актуелниот глобален поредок. Појавата на нова суперсила во Азија неизбежно произведе геополитички тензии за кои некои предупредуваат дека на крајот може да резултираат со воен конфликт. Дури и во отсуство на војна, зацврстувањето на кинескиот политички режим, во услови на тврдења за огромна злоупотреба на човековите права, отвора тешки дилеми за Западот.
Кина стана најголем светски трговец, а нејзините сложени стоки за извоз доминираат на глобалните пазари. Малку е веројатно дека меѓународната економска улога на Кина ќе биде изолирана поради политички конфликт, а исто така е незамисливо дека Западот ќе престане да тргува со Кина. Но поголемото прашање е какви правила треба да се применуваат за регулирање на трговијата меѓу земјите со толку различни економски и политички системи?
Неодамна формиравме работна група на економисти и правници, која би можела да даде одговор на ова прашање. Нашата работна група даде соопштение, со поддршка од уште 34 научници, меѓу кои и пет нобеловци.

Приемот на Кина во Светската трговска организација (СТО) во 2001 година и основањето на самата СТО беа засновани на имплицитната премиса дека националните економии, вклучувајќи ја и кинеската, ќе се приближат до еден сличен модел, овозможувајќи значителна или „длабока“ економска интеграција. Неортодоксниот економски режим на Кина, кој се карактеризира со интервенција на државата, индустриски политики, континуирана улога на државните фирми и специфични пазари, беше многу успешен во поттикнување на растот на БДП и намалување на сиромаштијата. Но тоа ја прави невозможна длабоката економска интеграција со Западот. Алтернативна перспектива што зема замав во САД е дека американската економија треба да ги прекине врските со кинеската економија. Ова ќе предизвика големи трговски бариери за кинескиот извоз и сериозни ограничувања на билатералните инвестициски текови. Ваквиот пристап дополнително ќе ја интензивира трговската војна на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, и ќе ја направи трајна.

Ние предлагаме пристап помеѓу приближување и раздвојување на економиите. Клучно е дека Кина и САД, како и сите други земји, треба да можат да одржат свој економски модел. Трговијата и другите политики во насока на заштита на економскиот систем на една земја треба да се сметаат за легитимни. Она што не е прифатливо се политиките што ќе наметнат правила на една земја врз друга (преку трговски војни или друг притисок) или кои обезбедуваат домашни придобивки само преку наметнување трошоци врз трговските партнери.

Спротивставувањето на втората категорија е клучно за нашиот пристап. Ние тврдиме дека меѓународните трговски правила треба да стават црвена линија за таквите политики и да ги забрануваат. Типичен пример се трговските ограничувања што ѝ овозможуваат на една земја да остварува монопол на глобално ниво, како што Кина се обиде да направи со ограничување на извозот на ретки минерали во изминатите години. Друг пример, кој може да стане многу релевантен за дигиталните технологии, е затворање на домашните пазари за странски инвеститори за да се добие конкурентна предност на светските пазари. Трет пример се упорно девалвираните валути, кои помагаат во одржувањето на големите макроекономски нерамнотежи (трговски суфицити).

Според овој пристап, многу други политики, на кои обично се жалат САД, не би се сметале за негативни. На пример, кинеските индустриски субвенции би се сметале за домашна работа. Тие може да повредат одредени американски фирми и инвеститори, но сепак таквите практики не се генерално насочени кон сите ривали. Тие или имаат корист за остатокот од светот или нивните економски трошоци, таму каде што ги има, се на товар главно на државните компании. Истовремено, САД би биле слободни да усвојат трговски и инвестициски политики што го штитат интегритетот на нивните технолошки системи и ги штитат сферите неповолно засегнати од увозот. Исто така, тие може да се изолираат од какви било негативни прелевања од кинеската политика, доколку одлучат да го сторат тоа, со наметнување ограничувања на границите. Кина мора да признае дека автономијата е двонасочна улица: таа им е потребна на другите земји исто колку што ѝ е потребна и на Кина.

Овој пристап е наведен во билатерални американско-кинески услови, но лесно е да се вметне во мултилатерална рамка, па дури и во самата СТО, со одредено креативно правно маневрирање. Како и да е, реалноста е дека напредокот на мултилатерален фронт е малку веројатен без претходен договор меѓу двете најголеми економии во светот. Така, ние го гледаме нашиот предлог како почетен чекор во таа насока. Како и сите меѓународни договори, нашиот предлог-пристап зависи од подготвеноста на страните да ги почитуваат условите. Додека концептот може да биде јасен за економистите како аналитичка материја, ние не сме толку наивни да претпоставиме дека САД и Кина брзо и лесно во практика ќе се согласат што е, а што не е дозволено. Споровите за дефинициите ќе продолжат. Дури и да е така, надежта е дека рамката што поставува јасни очекувања, го почитува економскиот суверенитет на двете држави, спречува најлоши можни трговски злоупотреби и дозволува да се искористи најголем дел од придобивките од трговијата, со текот на времето ќе создаде стимулации потребни за градење меѓусебна доверба.

Овој пристап го остава отворено прашањето како САД и другите западни земји треба да одговорат на политичката репресија или злоупотребите на човековите права во Кина. Тоа не е така зашто овие прашања се неважни, туку затоа што мора да се воспостават јасни правила на однесување во економските односи, без оглед на тоа како треба да се решат уште поголемите конфликти. Без таков патоказ, нема да страдаат само економските интереси на Кина и на САД. Со други зборови, високата цена ќе ја плати и остатокот од светот.

Авторот е професор по меѓународна политичка економија на Харвард