Како да се зголеми довербата во ЕУ

153

На шпански, зборот „конфианца“ има двојно значење. Од една страна, тој ја опишува цврстата доверба во нешто или некој, вид доверба што луѓето од целиот свет – од Бразил, преку САД, до Северна Африка – повеќе ја немаат во своите лидери и системи на државна власт. Од друга страна, „конфианца“ се однесува на самодовербата, нешто што е особено слабо во Европа.

Всушност, Европската Унија страда од дефицит на „конфианца“ во двете значења на зборот. Тоа е исклучително опасна комбинација, бидејќи недостигот од доверба и самодоверба ја насочува ЕУ не само кон аутсајдерски политичари и политики, туку и целосно ја парализира политиката, со што се зголемува јавниот гнев поради неспособноста на Унијата да ја определува сопствената судбина. И пред и по изборите во Европскиот парламент што ќе се одржат во мај, по кои Унијата ќе добие нова Европска комисија и нов претседател на Европскиот совет, овој проблем мора итно да се реши.

Довербата на јавноста во водачите и во институциите на ЕУ претрпе сериозен удар по финансиската криза во 2008 година. Дотогаш, првичната цел на европскиот проект, одржувањето на мирот на Стариот Континент по уништувањата за време на Втората светска војна, ја загуби привлечноста кај јавното мислење. Европејците се навикнаа на мирот. Во меѓувреме, „Европа“ стана фокусирана на пошироката и нејасна цел за залагање за „заеднички вредности“. Таа цел беше поткрепена од воспоставувањето на формалните институции на ЕУ. За избирачите, сепак, возвишените идеали не се крајната поента. Европа постигна мир преку просперитетот. Заемно корисните економски односи беа клучот за обесхрабрување на конфликтот. Но, како што исчезнуваа сеќавањата за војната, така средствата станаа крајна цел. Просперитетот стана најважната цел. Кога пазарите колабираа во 2008 година, а Европа беше погодена од низа кризи (кои беа влошени поради недостатоците во европската структура), јавноста ја загуби довербата дека европскиот проект е воопшто остварлив, а не па пожелен. Овие сомнежи се интензивираа како што другите трендови, вклучувајќи ги и глобализацијата, автоматизацијата и доминацијата на големите економии и општества трансформирани со технолошкиот напредок, создадоа нови извори на несигурност. Економиите станаа многу пошироки од општествата и затоа немаа социјални темели како во минатото. На тоа додадете го проширувањето на надлежностите на државата и добивате ситуација во која граѓаните чувствуваат дека загубиле секаква можност за дејствување.

Сето тоа резултира со неизвесност, што ги засили стравувањата и фрустрациите, поттикнувајќи го јавниот гнев не само кон недостатоците во системот, туку и кон самиот систем и „елитите“ што „го наметнаа“. Со помош на политичарите-опортунисти, главните политички партии станаа непријател, а експертите го изгубија кредибилитетот. Самата вистина е цел на огромни напади.

Ефективниот одговор на овие предизвици мора да биде опсежен, повеќеслоен и робустен. Во европските земји, и во западните демократии пошироко, таквиот одговор бара од политичките водачи да се ангажираат уште повеќе со граѓаните, и да ги здружат напорите за да се изгради една општествена флексибилност. На европско ниво, исто така, бара развој на јасна цел што се протега надвор од просперитетот. Но тоа исто така значи изградба на поефикасен институционален систем ориентиран кон резултати. ЕУ е меѓувладина, а не транснационална унија, најмалку од времето на финансиската криза. Организирањето на агендата и донесувањето одлуки се однесуваат на националните влади, и, по правило, тука доминираат моќните членки, особено Германија, и недисциплинираните земји, како Унгарија и Полска. За време на финансиската криза, Европејците се свртеа кон германската канцеларка Ангела Меркел, а не кон тогашниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, за да побараат решение. И покрај изјавата на наследникот на Баросо, Жан-Клод Јункер, дека неговата комисија претставува „последна шанса“ за враќање на поддршката на граѓаните, Меркел исто така доминираше во процесот на носење одлуки во изминатите пет години. Најдобар пример за тоа е имиграцијата, каде што одново одлуките што влијаат врз целата ЕУ, како што беше договорот на Унијата со Турција, беа донесени во Берлин, со мали консултации или без нив. Ова е реалноста. И сепак, Европскиот парламент и Комисијата се обидоа да ги зголемат своите овластувања. Ова е погрешен начин да се постигне значајно централно место во креирањето на политиките. Наместо да се обидат да ја неутрализираат моќта на земјите-членки преку проширување на нивните надлежности, овие институции треба да се фокусираат на компаративната предност. За Европскиот парламент, тоа би можело да значи да се постави себеси како извор на факти, идеи и визии, наместо како козаконодавец, со оглед на тоа колку е мал апетитот за предавање на суверенитетот дури и за најпрактичните прашања. Во време на дезинформации и конфузија, парламентот може да спроведе веродостојни студии и да ги дистрибуира авторитетните истражувања, слично како што тоа го прави Горниот дом на парламентот на Британија. За Европската комисија, целта треба да биде да ја зајакне својата улога како заштитник на духот и визијата на договорите на ЕУ, истовремено преземајќи одговорност за правилно спроведување на политиките. Ова ќе бара од Комисијата да престане да се обидува да покажува во секоја пригода дека е капетан на бродот. Како што покажаа овие последни години, без политичка поддршка, не може да се следи кој било курс, без разлика дали станува збор за имиграција, енергетска независност или за одбрана. Овој неуспех го поткопува кредибилитетот на ЕУ, а истовремено се губат време и ресурси. За Европскиот совет, тој мора да дејствува повеќе како колегиум и помалку како гласник на ставовите на одредени метрополи при поставувањето на правците. Тука улогата и личноста на новиот претседател на Советот, кој ќе го постави тонот, е од клучно значење. Со фокусирање на обновата на „конфианца“ во двете форми, следните комисија, парламент и совет може да го зајакнат легитимитетот на ЕУ и да го олеснат напредокот во клучните области, како што е консолидирање на еврото и комплетирање на единствениот пазар и банкарска унија. Оваа нова, посилна ЕУ би била многу подобро опремена за да ги брани европските интереси и вредности на светската сцена, што дополнително ќе ја зајакне довербата на јавноста. Но ако институциите на ЕУ не успеат да ги покажат потребната понизност и визија, нема да се појави таков виртуозен круг. Европскиот брод би можел да продолжи да плови бесцелно или, уште полошо, да почне да се полни со вода и, на крајот, да потоне. Во бурните мориња на ескалацијата на големиот натпревар за моќ, тоа ќе се случи многу побрзо отколку што лидерите на ЕУ се чини можат да препознаат.

Авторката е бивша вицепремиерка и шефица на дипломатијата на Шпанија