Истото, ама обратно

1077

САД никогаш не биле бастион на демократијата, како што Грција не е нејзина колепка. Нејзините предци ги промовираа колонизациите, геноцидот и робовладетелството, а тие, денес, во име на демократијата, промовираат воени интервенции, окупации и терор низ светот. Последни се вклучија во борба против фашизмот во Европа за време на Втората светска војна, кога Хитлер беше речиси поразен од Русите, ама по завршувањето на големиот планетарен колеж ги прибраа кај себе сите врвни наци-умови што толку сликовито и духовито ни го покажа тоа Стенли Кјубрик во својот филм „Доктор Стрејнџлав“. Сега борбата се води на нивна територија, среде Америка, каде што претседателот Доналд Трамп очигледно води битка со новиот светски поредок на канцерогено метастазираната „длабока држава“.
Ми се допаѓа ова, користејќи ги речениците на Стиглиц, ќе ја направам неговата колумна поднослива за читање.

Но, Стиглиц има право кога вели дека „САД беа формирани како претставничка демократија, но само малкумина од граѓаните имаа право на глас и тоа генерално белите сопственици на имоти“, ама па денес и покрај фактот што сите Американци имаат право глас, моќта повторно е во рацете само на белите сопственици на животи. Очигледно е дека авторот на овој текст сака во „белците од југот“, кои „се бореа речиси еден век да не им дозволат на Афроамериканците да гласаат“, да ни ја посочи само десницата, односно републиканците, но намерно заборава да напомене дека токму тие на чело со Линколн го укинаа ропството, наспроти демократите, кои беа против, не само робовите да бидат ослободени, туку и жените да добијат право на глас.

САД како планетарна сила се однесуваат крајно лицемерно. Колку и да зборуваат за демократија, правда и слобода, кај нив пет проценти од населението доминира со мнозинството и има мала почит кон нивните политички и економски права. Вистина е дека Американците сакаат подобар живот, повисоки права, бесплатно здравство, но зошто тогаш ги урнисаа или се обидуваат да ги урнисаат државите каде што тоа го има? Завист е во прашање или нешто друго?

Понатаму, интересен е фактот дека авторот на колумната (од левата страна) му се лути на американскиот устав, поради кој „два од трите претседатели избрани во овој век ја презедоа функцијата, иако ја немаа поддршката од народот“ и сето тоа поради таканаречениот „Изборен колеџ“, кој ако го немаше, Ал Гор и Хилари Клинтон ќе станеа претседатели, ама не кажува дека кога победија Бил Клинтон и Барак Обама, ништо не сторија за да направат подобар „закон за контрола на оружјето, зголемување на минималната плата, гарантиран пристап до здравствено осигурување и подобра регулација на банките“.

Тоа за кај нив, но ај да видиме како тие се однесуваа во Македонија.
Е, кај нас, нивната „длабока држава“ се користи со методи „на заплашување, гласачки измами и слични обиди за изборни манипулации“, што „придонесе да се спречи волјата на мнозинството“.

Така ли е господине Стиглиц или еден критериум кај вас, а друг кај нас?
Понатаму Стиглиц станува здодевен „плачејќи“ од владеењето на „страшните“ републиканци, кои ја зедоа власта од „нежните и хумани“ демократи, намерно заборавајќи дека неговиот Обама осум години владееше, а ништо добро не стори за државата. Напротив, моќта на богатите белци се зголеми, богатите станаа побогати, а сиромашните доосиромашија, Афроамериканците продолжија да бидат „вообичаено сомнителни“, затворите се полнеа со бесплатна работна сила, како што и надворешната политика продолжи онаму каде што запре Буш Помладиот. Добитникот на „нобел“ за мир, Барак Обама, не само што не донесе мир, не само што ги продолжи окупациските војни, туку отвори нови фронтови каде што неговата државна секретарка Хилари Клинтон „одеше, гледаше и убиваше“. Затоа ќе ги прескокнам здодевните тажалки на колегата-колумнист и ќе си поиграм со речениците од неговиот заклучок.

Американските моќници на „длабоката држава“ никогаш немале идеали за слобода, демократија и правда за сите, иако тоа постојано папагалски се повторува, зашто ние, кои го сведочиме нивното однесување на сопствената кожа, знаеме дека постапуваат сосема спротивно од тоа што демек го пропагираат. На пример, преку својот амбасадор, а со асистенција на Европската Унија, ја укинаа демократијата во Македонија, па таа, демократијата, стана привилегија на малкумина, а правдата за сите е достапна само за од нив октроираните на власт и за оние што можат да си ја дозволат, односно купат. Секако, ова не е само проблем во Македонија, каде што тие ги урнаа државата, Уставот и законот. Така и во целиот свет, на власт донесоа свои моќници (читај, марионети), кои воопшто не ја почитуваат демократијата и тоа со нивни амин, а таму каде што не можат да ја вмрежат својата „длабока држава“ како, на пример кај Реџеп Таип Ердоган во Турција, Виктор Орбан во Унгарија, Јарослав Качински во Полска и сега Жаир Болсонару во Бразил, веднаш почнуваат да бараат диктатори и фашизам. Некои што се сеќаваат на минатото, како јас на пример, велат дека и нивново еден ден ќе помине. Да се сетиме на сите лоши диктатори што ги инсталираше ЦИА од Јужна Америка преку Европа, до Блискиот и Далечниот Исток. Да се сетиме на Пиноче во Чиле некогаш, Порошенко во Украина денес, сѐ нивни инсталации, да се сетиме на Садам Хусеин, кој беше добар, па стана лош, на Осама бин Ладен и неговите Талибанци создадени во цијашките кујни за да се борат против Советите, а потоа кога го снема советскиот непријател станаа новата бабарога на тероризмот. Сите тие се зад нас, ама ни се и пред нос, оти сѐ уште го прават секаде околу нас. Сеќавањата треба да нѐ потсетат на човечките жртви од сите американски интервенции, рушење влади и инсталирање диктатори по нивни модел.
За крај, Американците мора да се соочат со фактот дека нивната „длабока држава“ е соучесник во богатењето на корпорации и поединци, во создавање политички хунти, како во Македонија, во масакрирање цели држави, како Либија и Сирија. Демократијата е загрозена од страна на нацилиберализмот и „длабоката држава“ и сите имаме обврска да направиме сѐ што е во наша моќ да ја заштитиме.