Иранската заблуда на финансиските пазари

220

По атентатот на САД на иранскиот генерал Касем Сулејмани и првичната одмазда на Техеран против две ирачки бази во кои се сместени американски сили, финансиските пазари се префрлија во режим на мал ризик – цените на нафтата се зголемија за десет отсто, американските и глобалните капитални пазари паднаа за неколку проценти, а паднаа и приносите на безбедните обврзници. Накратко, наспроти постојаните ризици од американско-ирански судир и ефектите што тој би ги имал на пазарите, преовладеа ставот дека двете страни ќе избегнат понатамошна ескалација, што ги смири инвеститорите и ги промени овие ценовни флуктуации, додека капиталот достигна нови височини.

Овој пресврт е одраз на две претпоставки. Прво, пазарите се обложуваат на аргументот дека ниту Иран ниту САД сакаат сеопфатна војна, која би претставувала ризик и за иранскиот режим и за шансите за реизбор на Доналд Трамп. Второ, инвеститорите веруваат дека економското влијание на конфликтот ќе биде скромно. Важноста на нафтата во производството и потрошувачката нагло се намали по минатите епизоди на нафтени шокови, како што беа Јомкипурската војна во 1973 година, Исламската револуција во Иран во 1979 година и ирачката инвазија на Кувајт во 1990 година. Покрај тоа, самите САД сега се голем енергетски производител, очекувањата за инфлација се многу пониски отколку во изминатите децении и постои мал ризик централните банки да ги зголемуваат каматните стапки по шок на цените на нафтата.

Двете претпоставки се очигледно погрешни. Дури и ако ризикот од сеопфатна војна може да изгледа мал, нема причина да веруваме дека американско-иранските односи ќе се вратат во претходната состојба. Идејата дека нападот без жртви на врз двете ирачки бази ја задоволи потребата од Иран да се одмазди е едноставно наивна. Овие ирански ракети се само прв одговор во пресрет на ноемвриските претседателски избори во САД. Конфликтот ќе продолжи да ги зголемува агресиите на регионалните сојузници (вклучувајќи и напади против Израел), директните судири што не се сеопфатна војна, напорите за саботажа на саудиските и на другите нафтени постројки во Персискиот Залив, блокирање на Заливот, меѓународен тероризам, сајбер-напади, нуклеарно проширување и сл. Кој било од овие фактори може да доведе до ненамерна ескалација на судирот.

Покрај тоа, опстанокот на иранскиот режим повеќе е загрозен од внатрешна револуција отколку од сеопфатна војна. Бидејќи инвазија на Иран е малку веројатна, режимот би можел да преживее војна, па дури и да има корист од неа, бидејќи Иранците ќе го поддржат, како што накратко направија како одговор на убиството на Сулејмани. Спротивно на тоа, тотална војна, зголемување на цената на нафтата и глобална рецесија би довеле до промена на режимот во САД, што Иран толку многу го посакува. Значи, Иран не само што може да си дозволи да ескалира туку и ги има сите мотиви да го стори тоа, првично преку индиректно и асиметрично војување, за да избегне директна реакција од САД.

Еднакво погрешна е претпоставката за значењето на конфликтот за пазарите. Иако САД се помалку зависни од странска нафта отколку во минатото, дури и мало зголемување на цените може да предизвика пад или рецесија, како што се случи во 1990 година. Ценовниот шок на нафтата би го зголемил профитот на американските енергетски производители, но придобивките би биле надминати од трошоците за потрошувачите на нафта во САД (домаќинства и фирми). Приватното трошење и порастот на САД би се забавиле, а истото тоа ќе важи и за порастот на сите најголеми економии што се увозници на нафта, како Јапонија, Кина, Индија, Јужна Кореја, Турција и повеќето европски земји. Централните банки нема да ги зголемат каматните стапки по шокот на цените на нафтата, но нема да им остане многу простор да ја ублажат монетарната политика.

Според процените на Џеј-Пи-Морган, конфликт што би го блокирал Ормутскиот Теснец шест месеци, би можел да ги зголеми цените на нафтата за 126 отсто, на над 150 американски долари за барел, што е основа за сериозна глобална рецесија. Дури и помало нарушување, како едномесечна блокада, може да ја подигне цената до 80 долари за барел.

Но дури и овие процени не ја откриваат целосно улогата што цените на нафтата ја играат во глобалната економија. Цената на нафтата би можела да се зголеми многу повеќе отколку што сугерира основниот модел на понуда – побарувачка, зашто многу сектори и земји зависни од нафта ќе насочат кон претпазливо складирање. Ризикот дека Иран би можел да нападне постројки за производство на нафта или да ги наруши големите маршрути за испорака на нафта создава „премија на страв“. Оттука, дури и зголемување на цените на нафтата до 80 долари за барел ќе доведе до подолга ризична епизода, со пад на пазарите од најмалку 10 отсто, што, пак, ќе ја намали севкупната доверба.

Глобалното корпорациско капитално трошење веќе беше намалено лани, поради загриженоста од ескалацијата на трговско-технолошкиот судир меѓу САД и Кина и можноста од брегзит без договор меѓу Британија и ЕУ. Покрај директното негативно влијание на повисоките цени на енергентите, стравувањата од ескалацијата на американско-иранскиот конфликт може да доведат до поголема претпазлива заштеда на домаќинствата и намалување на трошењето на капиталот на фирмите, што само ќе предизвика дополнително слабеење на побарувачката и порастот.

Пред да се појави овој ризик, експертите предупредуваа оти порастот годинава може да биде слаб како порастот лани. Пазарите и инвеститорите очекуваа период на поблага монетарна политика и завршување на ризиците со трговската војна и брегзит.

Многумина се надеваа дека ќе заврши глобалното забавување од 2019 година и дека годинава порастот ќе се приближи до 3,4 отсто. Но ова гледиште игнорира многу од преостанатите ризици. Наспроти оптимизмот на Волстрит, дури и мало продолжување на тензиите меѓу САД и Иран би можело да го намали глобалниот пораст под нивото од лани. Пожесток конфликт би ги зголемил цените над 80 долари за барел, а тотална војна, над 150 долари за барел, што би предизвикало тешка светска рецесија и пад на пазарите од над 30 отсто. Шансите за тотална војна засега се мали (до 20 отсто), но мали се и шансите за враќање на претходните состојби (пет отсто). Најверојатно сценарио е дека ќе има индиректни судири што ќе го зголемуваат ризикот од целосна војна. Затоа сегашната смиреност изгледа наивно и доведува до целосна заблуда. Ризикот од забавен пораст или од глобална рецесија е многу поголем.

Авторот е професор и бивш економист на ММФ и на Светската банка