Иновациите се единствениот чекор напред

108

Како резултат на пандемијата на ковид-19, економиите во САД и во Европа се подготвуваат за отворање голем број работни места. Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, вети дека ќе инвестира 700 милијарди долари во производството и иновациите, како и дополнителни две илјади милијарди долари во „Зелениот договор на Бајден“ за борба против климатските промени и промовирањето чиста енергија. Во меѓувреме, Германија се откажа од штедењето и го поддржа фондот за обнова на Европската Унија (ЕУ) од 750 милијарди евра, а како и Франција ќе ја одржи својата национална програма за задржување и отворање работни места во текот на 2021 година. Уште во март многумина очекуваа дека Велика Британија ќе доживее брза обнова. Бидејќи оваа можност повеќе не е можна, стана јасно дека операцијата за спасување на британскиот министер за финансии треба да се совпадне со остварлив план за обнова по пандемијата.
Консензуалниот став е дека и Велика Британија и светската економија ќе бидат помали во 2021 за разлика од 2019 година. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува дека светската економија ќе се намали за 6,5 отсто отколку што беше предвидено пред кризата со ковид-19, а невработеноста ќе биде барем двојно поголема од нивоата пред пандемијата. Овие мрачни предвидувања ги поттикнаа меѓународните повици за враќање на активната фискална политика, при што ММФ ги повика владите на богатите земји да започнат големи програми за јавни инвестиции. Во својот најнов фискален извештај, ММФ вели дека зголемувањето на јавните инвестиции за еден отсто од БДП може да го зголеми БДП за 2,7 отсто, приватните инвестиции за 10 отсто, а вработеноста за 1,2 отсто.

Банката на Англија, исто така, ги промени своите практики. Таа планира да инјектира дополнителни 150 милијарди фунти во британската економија, покрај над 200 милијарди фунти што веќе ги ослободи во 2020 година, а сега сфати дека не може сама целиот товар да го понесе. Бизнисите нема да инвестираат, без оглед колку е ниска цената на капиталот. Затоа, Банката на Англија сега им се придружи на Федералните резерви на САД и на Европската централна банка (ЕЦБ) во повикот за фискален стимул.
Пред појавата на ковид-19 се чинеше дека монетарната политика е единственото решение. Сега, ако сакаме да избегнеме масовна невработеност и последователно губење на побарувачката во економијата, отворањето нови работни места мора да стане најголем приоритет по карантинот. Британската влада минато лето инвестираше осум милијарди фунти во инфраструктурни трошоци. Но тоа е само мал дел од потребното. Владата сега исплати 40 милијарди фунти во петгодишниот инвестициски план во следните две и пол години и им даде приоритет на големите еколошки проекти и социјалните станови.

Регионалните и локалните планови за вработување и обуки за вештини се од суштинско значење за долгорочната задача за преквалификација на пазарот на трудот во иднина. Се проценува дека еден милион млади Британци на возраст под 25 години не работат, немаат доволно обуки или образование. Но владината програма за создавање работни места „Кикстарт“, која беше започната со задоцнување на почетокот на овој месец, им понуди вработувања на младите за шест месеци. Владата очекуваше дека со „Кикстарт“ ќе обезбедат места за 300.000 млади луѓе, но можеби само околу 100.000 ќе бидат вклучени во неа до крајот на 2020 година. Министрите претпоставуваа дека пет отсто од работодавците во Велика Британија ќе ангажираат млади луѓе, но настрана од малопродажните и логистичките сектори, илјадници фирми планираат отпуштања и речиси сигурно нема да понудат вработување како што се планираше во следните месеци. Ако сакаме да им помогнеме на другите 900.000 лица под 25 години на кои им е потребна помош и да создадеме околу 1,5 милион младински вработувања што ќе бидат потребни во текот на следната година, јавниот сектор ќе мора да стане работодавец во крајна линија.
Она што е потребно, пред сè, од британските политичари е сериозна посветеност за целосно вработување. Суштински услов е координацијата на монетарната и на фискалната политика. Банката на Англија треба да ја задржи својата антиинфлациска политика, но политичарите не треба да го користат ова за да ги намалат потребните фискални стимуланси. На почетокот на овој месец, Банката на Англија го повтори познатото залагање на поранешниот претседател на ЕЦБ, Марио Драги во 2012 година, за заштита на еврото, посочувајќи дека „е подготвена да преземе секакви неопходни дополнителни мерки“ за зајакнување на економијата.

За да се зајакне кредибилитетот на таквите отворени политики, Владата може да ѝ даде двојно овластување на Банката на Англија да се бори против инфлацијата и невработеноста, додека таа може да соопшти дека нема да ја заостри монетарната политика сè додека невработеноста не падне под нивото пред кризата од четири отсто.
Успешното претставување на новата вакцина на „Фајзер“ против ковид-19 (како и другите) може навидум да го врати животот во нормала до следната пролет. Но дури и ако здравствената криза се реши, сепак ќе остане кризата со невработеноста. Европските политичари мора да дејствуваат сега за да се спречи губењето на растот за една деценија, ако не и за една генерација.

Браун е поранешен британски премиер и министер за финансии, а актуелно е специјален пратеник за образование на ООН и претседател на меѓународната комисија за финансирање глобални можности за образование. Роберт Скиделски е почесен професор по политичка економија на универзитетот „Ворвик“.