Игра на тронови во саудискиот двор

529

Во саудискиот кралски двор, престолонаследниците почнаа игра на тронови, едни во поддршка на актуелниот престолонаследник Мохамед бин Салман, а други во обидот да го соборат поради неговата суровост или нови вредности

Трендот на борба против ИСИЛ одамна е издегустиран од светскиот аудиториум. Тоа што ќе остане запаметено е невидената бруталност на припадниците на ИСИЛ кон сите што не се покоруваат на нивната идеологија. ИСИЛ нѐ потсети на човечкото зло во името на некаква идеологија, религија или што и да беше ИСИЛ. Говорам во минато, затоа што ИСИЛ беше само инструмент или дури и производ на вечниот ривалитет на големите сили.
Последиците од ИСИЛ веројатно ќе се чувствуваат уште некое време, додека се појави некој нов „феномен“. Како и да е, сцената на Блискиот Исток се моделира за следните неколку години. Во јавноста беше фрлена голема дамка на Саудиска Арабија како регионален лидер со сомнителен политички дискурс, особено околу нивната улога во борбата или поддршката на ИСИЛ.

Во меѓувреме, како што рекле старите, „сојузите се менуваат, а интересите остануваат вечни“, па, така, на Блискиот Исток се појавија и други актери, кои посакаа дел од колачот. Тука, пред сѐ, се Курдите, како најмногубројна популација, со територија еквивалентна на некоја од арапските држави, но без државна граница. Нивната цел е јасна, формирање сопствена држава на територија на три држави, Ирак, Сирија и Турција. Следен актер е Турција, која е принудена да реагира поради можноста од проширување на курдското влијание и на нејзината територија, а наедно и да го зацврсти своето воено присуство во регионот, надвор од сопствените граници. Во меѓувреме позициите на Саудиска Арабија се доближија до руските интереси во регионот, но не за сметка на традиционалното пријателство со САД.

Сепак, сериозните аналитичари сметаат дека ова кокетирање со Русите доаѓа во време кога администрацијата на Доналд Трамп не многу вешто се справува со новите предизвици на Блискиот Исток, односно надворешната дипломатија изгледа како реанимација на поранешната катастрофална надворешна политика водена од страна на администрацијата на Барак Обама. Истовремено, односите со Турција значително се нарушија поради тивката поддршка на Саудиска Арабија на Курдите. Од друга страна, пак, Турција отворено говореше за кршење на меѓународното право од страна на Саудиска Арабија во обидот да го изолира Катар.

Во меѓувреме, во кралскиот двор, саудиските престолонаследници почнаа игра на тронови, едни во поддршка на актуелниот престолонаследник Мохамед бин Салман, а други во обидот да го соборат поради неговата суровост или нови вредности, како што ги нарекува принцот престолонаследник на најголемото кралство во муслиманскиот свет. Имено, тој ги затвори речиси сите можни престолонаследници и им го конфискува личното богатство во име на борба против корупцијата. Истовремено целосно го либерализира пазарот со нафта, како и полето за странски и домашни инвестиции. Особено има поддршка од младите Саудијци.

По убиството на новинарот Џамал Кашоги и неговото документирање дека се случило во саудискиот конзулат во Турција, Саудиска Арабија почна да ги губи позициите и поддршката на меѓународната сцена. Осудувањата стигнуваа од сите страни, дури и од довчерашните сојузници. Смената на младиот Мохамед бин Салман е речиси извесна како единствен компромисен потег на саудискиот крал. Истовремено, Турција побара вклучување на ОН во Јемен и прогресивна улога на петте постојани членки за запирање на насилството врз цивилното население.

Според политичките аналитичари, таквиот потег на саудискиот принц е изненадување за сите, имајќи предвид дека Саудиска Арабија има водечка улога во процесите што следуваат во регионот. Многумина сметаат дека самиот чин е без знаење на саудискиот принц, но клучно е што човекот што ја водел акцијата пред само неколку седмици е во друштво на принцот на неговото патување во САД. Тоа укажува дека принцот најверојатно знаел за убиството на новинарот или, во најмала рака, дека имал доволно причини за тоа што се случило.

Во регионот се случува нова студена војна и прераспределба на силите. Секако, и формирање нови и чудни сојузи во зависност од интересите на актерите. Исто така, сирискиот „театар“ многу брзо и лесно ќе се пренесе и во друга држава од регионот. Големите сили ќе диригираат со воениот оркестар, но клучно во целокупната приказна ќе биде задоволување на интересите на малите актери во регионот заради ослабување на противничките позиции. Сметам дека во регионот се дизајнира нов „поредок“, кој нема да биде во прилог на овие воинствени актери. Истовремено, сметам дека заради реализација на „поширока слика“, шиитско-сунитската разлика нема да биде основа за идни сојузи и, наместо хендикеп, ќе биде политичко-воена предност.