Зошто популизмот бележи подем?

161

Културата или економијата? Ова прашање опфаќа голем дел од дебатата за современиот популизам. Дали претседателскиот мандат на Доналд Трамп, брегзит и подемот на десничарските нативистички политички партии во континентална Европа, се последица на продлабочувањето на поделбите во вредностите помеѓу социјалните конзервативци и социјалните либерали, при што првите им ја дадоа поддршката на ксенофобичните, етнонационалистички, авторитарни политичари? Дали, пак, тие ја одразуваат економската анксиозност и несигурност на голем број гласачи, поттикнати од финансиската криза, штедењето и глобализацијата?
Многу зависи од одговорот. Ако авторитарниот популизам е вкоренет во економијата, тогаш соодветен лек е популизам од друг вид. Тоа би бил таков популизам, кој би се справувал со економската неправда и инклузија, кој би бил плуралистички во својата политика и не би морал да биде штетен за демократијата. Меѓутоа, ако тој е вкоренет во културата и вредностите, тогаш остануваат многу малку опции.

Либералната демократија можеби е осудена на сопствената внатрешна динамика и противречностите. Некои верзии на културниот аргумент можат да бидат отфрлени од прва рака. На пример, многу коментатори во САД се фокусираа на поврзаноста на Трамп со расизмот. Но расизмот, во една или во друга форма, е трајна карактеристика на американското општество и не може да ни каже сама по себе зошто манипулацијата на Трамп се покажала толку популарна. Константата не може да објасни промена.

Другите забелешки се пософистицирани. Најтемелната и амбициозна верзија на аргументите за културна реакција беше најавена од мојата колешка од „Харвард“, Пипа Норис, и Роналд Инглехарт, од Универзитетот во Мичиген. Во една неодамнешна книга, тие тврдат дека авторитарниот популизам е последица на долгорочната генерациска промена во вредностите. Помладите генерации станаа побогати, пообразовани и посигурни – тие усвоија „постматеријалистички“ вредности, кои ги нагласуваат секуларизмот, личната автономија и различноста на сметка на религиозноста, традиционалните семејни структури и конформитетот. Постарите генерации станаа поотуѓени, односно ефективно станаа „непознати во својата земја“. Додека традиционалистите сега се бројно помали групи, тие гласаат во поголем број и се сѐ повеќе политички активни.

Вил Вилкинсон од центарот „Нисканен“ неодамна даде сличен аргумент, фокусирајќи се особено за улогата на урбанизацијата. Вилкинсон тврди дека урбанизацијата е процес на просторно сортирање, што го дели општеството не само според економските богатства туку и според културните вредности. Таа создава просперитетни, мултикултурни области со висока густина, каде што доминираат општествено-либералните вредности. Истовремено, таа ги остава зад себе руралните области и помалите урбани центри, кои се поуниформни во однос на социјалниот конзерватизам и одбивноста кон различноста. Овој процес се зајакнува: економскиот успех во големите градови ги потврдува урбаните вредности, додека самоизборот за емиграцијата од заостанатите региони дополнително ја зголемува поларизацијата. Во Европа и САД, хомогените, социјално-конзервативни области претставуваат основа за поддршка на нативистичките популисти.

Од друга страна, економистите објавија голем број студии што ја поврзуваат политичката поддршка за популистичките групи со економските шокови. Една популарна студија покажува дека гласовите за Трамп на претседателските избори во 2016 година беа силно поврзани со големината на негативните трговски шокови од Кина. Колку е поголема загубата на работни места поради порастот на увозот од Кина, толку е поголема поддршката за Трамп, ако сите други фактори се непроменети. Авторите на студијата оценуваат дека кинескиот трговски шок можеби директно е одговорен за изборната победа на Трамп во 2016 година. Нивните процени укажуваат дека ако увозот бил за 50 отсто понизок од реалната стапка во периодот 2002-2014 година, демократски претседателски кандидат ќе ги освоел клучните сојузни држави Мичиген, Висконсин и Пенсилванија, односно Хилари Клинтон ќе влезела во Белата куќа.
Други емпириски студии нудат слични резултати за Западна Европа. Поголемото пробивање на кинескиот увоз се смета за „виновно“ за поддршката за брегзит во Британија, за подемот на ултрадесничарските националистички партии во континентална Европа. Се покажа дека штедењето и пошироките мерки на економска несигурност одиграа статистички значајна улога. И во Шведска, зголемената несигурност на пазарот на трудот е емпириски поврзана со подемот на екстремно десничарските шведски демократи.
Може да се чини дека културните и економските аргументи се противречни или неконзистентни. Но ако се чита меѓу редови, може да се забележи еден вид конвергенција. Бидејќи културните трендови, како вредностите промовирани од постматеријализмот и урбанизацијата, се од долгорочна природа, тие не го земаат предвид времето на популистички реакции. (Научниците велат оти пресвртна точка е тогаш кога социјално-конзервативните групи стануваат малцинство, но сепак имаат диспропорционална политичка моќ.)
Експертите што се залагаат за приматот на културните објаснувања, всушност, не ја отфрлаат улогата на економските шокови. Овие шокови, велат тие, ги влошуваат културните поделби, давајќи им на авторитарните популисти дополнителен поттик. На пример, едни автори тврдат дека „среднорочните економски услови и порастот во социјалната разновидност“ ја забрзуваат културната реакција и со нивните емпириски податоци покажуваат дека економските фактори играат улога во поддршката за популистичките партии. Слично на тоа, друг автор нагласува дека „расната анксиозност“ и „економската анксиозност“ не се алтернативни хипотези, бидејќи економските шокови значително го интензивирале културното сортирање предводено од урбанизацијата. Од своја страна, економските детерминанти треба да признаат оти факторите како кинескиот трговски шок не се случуваат во вакуум, туку во контекст на претходни општествени поделби по разни социокултурни линии.
Конечно, прецизното анализирање на причините за порастот на авторитарниот популизам може да биде помалку важно од политичките лекции, што треба да се извлечат од него. За тоа има малку дебата. Најважно е да се најдат економски лекови за нееднаквоста и несигурноста.

Авторот е професор по меѓународна политичка економија на „Харвард“