За Водно е потребен посебен закон

150

Водно треба да го заштитиме за да се заштитиме себеси од него, а и да ни служи и за рекреација и за прочистување на воздуxoт.
Бидејќи Водно е специфично подрачје што е и наменски пошумувано и заштитувано за да се заштити градот Скопје од ерозија и поројни поплави, па затоа е и предлогот за посебен закон за Водно и интегрален план за управување. Затоа и бараме:
1 – Повлекување на нацрт-одлуката за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел
2 – Подготовка на закон за Водно (лекс специјалис, а Уставот дава таква можност)
3 – Интегрален план за управување
Образложение:
1 – Повлекување на нацрт-одлуката за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел
Со оваа одлука подготвена врз основа на Студијата за валоризација (а поттикната од заблудата дека Водно е некое значајно подрачје со природни реткости), ни оддалеку не се овозможува реална заштита на Водно, а покрај ова, носи колизии со барања од други закони. Со план за управување во согласност со легислативата од природа не може ни оддалеку да се решат работите, па дури и би произвеле контраефект. За подрачја каде што заштита на биолошката, геолошката и пределската разновидност (фокусот на Законот за природа) како Шара, Јабланица и сл. е апсолутно доминантна тогаш може во план да се вметнат и мерки од други закони, но во случајот со Водно има многу позначајни нешта отколку оние што се фокусот на Законот за природа и не е логично ниту исправно, дури и апсурдно, она што е можеби на 4.-5. место според некое значење да се земе како приоритет, особено кога во овој случај има и безбедносни аспекти што се апсолутен приоритет.

2 – Подготовка на закон за Водно
Водно има преголемо значење за Град Скопје, но и за Република Северна Македонија, за да може само со еден од постојните закони да се реши заштитата. Затоа е потребен и посебен закон. Уставот дава можност за вакво нешто. Според практиката за подготовка на лекс специјалис, по иницирање на вакво нешто се прави меѓуресорска група МЖСПП (води, природа, просторно планирање), МЗШВ (земјоделство, шумарство), МТВ, ЦУК, ДЗС, Град Скопје за подготовка, а Министерството за одбрана треба да даде и позитивно мислење.
Во овој закон генерално, покрај другото, би се регулирале и:
– одредби во врска со подготовка на интегрален план за управување, начинот на зонирање на подрачјето според приоритетни намени;
– насока за дозволени, недозволени и задолжителни обврски во тие зони;
– казнени одредби, кои би требало да се смислат убаво:
пример – казнени дела во врска со бесправно дејство со кое се придонесува кон загрозување на безбедноста на граѓаните, ГС и РСМ и сл.

2 – 3 – Просторен план
Зонирањето и основните начела за идното управување се изработуваат вообичаено во просторниот план каде што се преклопуваат зонирањата направени во разните студии. Но во моментот постои теxнички проблем со легислативата за просторно планирање.
Затоа тој дел изгледа ќе мора да се вметне како обврска во прв дел во идниот интегрален план за управување.
3 – Интегрален план за управување
Поради евидентни проблеми со подготовка на просторен план, првиот дел од интегралниот план за управување треба да има елементи од просторен план т.е. дефинирањето на намената на разни делови од подрачјето според приоритетот, при што се земаат барањата од цела легислатива што е во врска со Водно, како и цели за идно управување во разните зони.
За Водно и Скопје (вклучувајќи го Водно) има подготвено секакви секторски студии што се потребни за ваков план (природа, заштита од ерозија, поројни поплави, култура, рекреациски аспекти, туризам, одгледување и заштита на шуми…) каде што има различни зонирања, каде што има различни активности, различни обврски, па со тоа би се олеснила многу изработката на ваков план.

Границите на Водно мора да се усогласат со границата на ГУП на Скопје и со границите на ДУП-овите за населбите од јужната страна.
Само дали можат да разберат овие што мислат дека биодиверзитетот на Водно е најзначајно нешто и со тоа ги негираат безбедноста на граѓаните, економските објекти, институциите на градот и државата!
Штом е така, сите што ја поддржуваат нацрт-одлуката за проглaсување на Водно според Законот за природа, со оглед на фактот дека одредбите оттаму се во колизија со оние во врска со безбедноста, нека потпишат изјава дека преземаат одговорност ако се случи нешто, скраја да е, слично како Скопска Црна Гора во 2016 година, а не да си ги измијат рацете, па после градоначалникот и градоначалниците да си ја чукаат главата. Ајде да ве видам!

Иван Блинков е редовен професор на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Катедра за земјиште и вода при УКИМ