„Жолтите елеци“ од Елисејските Полиња

356

Ефектите од движењето на „жолтите елеци“ ќе се почувствуваат во пошироки рамки, бидејќи во нивната суштина се вградени и некои елементи што имаат глобалистички карактер или, пак, делумно произлегуваат и се резултат од движењето на глобализмот во светот, кое во последниве години стана составен или придружен дел од меѓународната висока политика и меѓународна дипломатија

Што беше причината, која пред околу еден месец го натера францускиот претседател Емануел Макрон итно да го напушти самитот на Г20 во Америка и да се врати во земјата? Беа тоа секако масовните безредија во Париз, најголеми и најжестоки од оние студентските во 1968 година од минатиот век. Овој пат движечка сила на протестите, кои сѐ уште траат и се прелеаја и во други европски земји и стигнаа и на Балканот, во Хрватска и во Србија, се таканаречените „жолти елеци“, кои ги исполнија париските плоштади, улици и булевари и кои во почетокот протестираа против зголемувањето на цените на горивата во Франција, но во моментов станаа уште порадикални, со барања за оставка на Макрон од претседателската функција во земјата. Овие барања делумно дадоа резултат, изнудувајќи низа отстапки од француската влада, но протестите и нередите во Париз и во некои други градови во Франција, никако да престанат.

Во последната година цената на автомобилските горива во Франција постојано се зголемуваше; на дизелот дури за 23 отсто, а на бензинот за 15 отсто. Покрај тоа француската влада за наредната година најави зголемување уште за околу три отсто. Згора на тоа, уште се придодаде и воведувањето дополнителни еколошки давачки и поскапувања. Тоа го надмина трпението, главно на таканаречената „средна класа“ во Франција, но и во некои други европски земји, како Белгија и други, претворајќи ги мирните протести во почетокот во вистинско масовно движење со голема разурнувачка моќ, што веќе помина во вистинско улично насилство, со уривање и грабежи, но и со човечки жртви и голем број приведени и уапсени демонстранти.

Знак за распознавање и симболичен белег на демонстрантите, стана жолтиот возачки елек. Движењето формално нема свој водач и лидер и главно демонстрантите се организираат со помош и преку Интернет и на социјалните мрежи. Барањата на „жолтите елеци“ веднаш ги поддржаа голем број француски граѓани, разни синдикални организации, но и политички партии, со што економско-социјалниот карактер на барањата на „жолтите елеци“ се измени и доби и општествено-политичка смисла. Со тоа протестите се претворија во антивладино и антипретседателско движење во Франција во кое веќе се инкорпорирани и крајно леви анархисти па до ултрадесни националисти, што претставува опасна радикализација, со можност за злоупотреба и воведување беззаконие во постапките и акциите на демонстрантите.

Нема никакво сомневање дека овие протести ќе извршат големо влијание врз вкупниот општествено-политички живот во Франција и дека по овие настани француската политичка сцена ќе се пополни со нови учесници и содржини, кои ќе му дадат печат на натамошниот развој на француското општество. Меѓутоа политичките набљудувачи и аналитичари во Франција не се уверени дека движењето на „жолтите елеци“ може значително да го измени карактерот на внатрешниот партиски распоред на силите во земјата, бидејќи евентуално новорегрутираните партиски приврзаници и идни гласачи, еднакво ќе се определат меѓу Марин Ле Пен и нејзиното Национално обединување со изразита десна политичка профилација и Непотчинетата Франција на Жак Меланшон, што не дава можност за добивање каква било предност во евентуалните идни претседателски избори, кои се и едно од барањата на демонстрантите. Нивна опција не се и француските социјалисти или републиканци, ако дојде до распуштање на француското собрание и до нови предвремени парламентарни избори во земјата. Но последиците од овие настани најверојатно ќе се почувствуваат и во пошироки рамки, бидејќи во нивната суштина се вградени и некои елементи што имаат глобалистички карактер или, пак, делумно произлегуваат и се резултат од движењето на глобализмот во светот, кое во последниве години стана составен или придружен дел од меѓународната висока политика и меѓународна дипломатија.

Во секој случај, развојот на настаните во Франција будно и со внимание го следат и другите водечки европски земји, особено соседна Германија, вториот заедно со францускиот потпорен столб на Европската Унија, која заради одредени други организациски и принципиелни внатрешноструктурни проблеми со британскиот брегзит, разбирливо има и други поважни грижи и прашања за решавање.