Жените да се штитат, но не само на хартија

86

Поминаа 20 години откако Советот на безбедност на Обединетите нации (ООН) едногласно ја усвои резолуцијата за жени, мир и безбедност (Резолуција 1325), со што ја предизвика меѓународната заедница да ги подобри условите за жените и за девојчињата, особено за оние што се погодени од оружен конфликт. Резолуцијата 1325 утврди четири столба за светска акција: спречување конфликти, заштита на жените и на девојчињата, учество на жените во склучување и градење на мирот, олеснување и обнова.
Но што направи светот? За почеток, Резолуцијата 1325 им го отвори патот на жените во водечките дебати за мир и безбедност, во кои долги години доминираа мажите. Сега имаме подобар увид за родовите аспекти на овие прашања и успеавме да развиеме заеднички јазик за да ги дискутираме. Сепак, напредокот што всушност беше постигнат за подобрување на положбата на жените и на девојчињата е разочарувачки. Жените и девојчињата се малку побезбедни сега отколку во 2000 година. Во светот има повеќе војни со катастрофални последици по граѓаните што се нашле во вкрстениот оган.
Иако беше постигнат значаен напредок во борбата за употреба на сексуалното насилство како оружје и воена тактика, овие ѕверства и понатаму се случуваат. Новите податоци од лани открија дека се забележани рекордни нивоа на политичко насилство на чија цел се нашле жените. Додека скокна бројот на мировни договори што специфично се однесуваа на жените или на родовите во годините по усвојувањето на Резолуцијата 1325, сепак во половина од нив тие не се споменуваат. Застапеноста, која е третиот столб на резолуцијата, несомнено е најкритична. Жените мора да имаат свој удел во начинот на кој се постигнува и одржува мирот, како се штитат луѓето и како се градат општествата по завршувањето на конфликтот.

Тука не станува збор за родова еднаквост. Жените и девојчињата имаат посебни интереси и перспективи што мора да се земат предвид, а тие генерално имаат многу поинакви искуства за несигурноста и конфликтот во споредба со мажите и момчињата. На пример, присилните бракови (честопати на деца) почесто се случуваат во време на конфликт и по неговото завршување. Така, мировничките имаат поголеми шанси да стекнат доверба за разлика од мировниците меѓу овие групи на население погодено од конфликти. Покрај тоа, истражувањата за мировните процеси во изминатите 30 години укажуваат дека кога жените учествувале во преговорите, имало поголеми шанси за постигнување договор и трајна спогодба.
Но целокупниот напредок е разочарувачки. Жените предводеа само пет од 19 активни мировни операции на ООН, заклучно до средината на оваа година и ниту една од 17 мисии и операции на заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија. Само 14 отсто од сите мировни преговарачи во периодот од 2015 до 2019 година биле жени. Дури и да ги подобриме овие бројки, вистинскиот напредок ќе биде можен само ако се решат основните родови нееднаквости. Фактот што жените поинаку го искусуваат конфликтот од мажите и честопати се изоставени од мировните процеси, ги одразува нееднаквите родови улоги во општествата.

Да разгледаме како влијаат еколошките кризи на мирот и безбедноста. Во областите како Рогот на Африка и Сахел, долгите сушни периоди се одразуваат на количеството на вода за пиење, обработливата земја и пасиштата, што директно влијае на животот на семејствата што се занимаваат со сточарство и со земјоделство. Ваквите услови резултираат со подем на насилни борби за ресурси, миграција во потрага по побезбедни услови за живот и распространето чувство на очај што го користат локалните вооружени групи. Во ваквите земјоделски заедници, работните и авторитетните структури генерално подразбираат дека жените имаат одговорност за идентификување и справување со недостигот од ресурси. Сепак, генерално, мажите се оние што поседуваат земја, ги водат преговорите и прават долгорочни планови и носат одлуки. Предизвикот што го постави Резолуцијата 1325 еднакво се однесува на промена на законите и ставовите што ги исклучуваат жените, колку што се однесува и на регрутирањето на повеќе мировнички и советнички.

Сè на сè, извештајот за 20-годишнината од постоењето на оваа резолуција покажува само ограничени постигнувања. Како можеме да се погрижиме во наредните десет години да биде подобро? Првиот и најлесен чекор е владите, ООН и меѓународните организации за мировни операции да постават цели за женско учество и истите тие да бидат постигнати. Вториот и најголем чекор е да се направат или обноват акциски планови за спроведување на резолуцијата. До денес само 86 држави, од кои половина се членки на ООН, подготвија национални планови, а некои од нив се стари над една деценија. Новите акциски планови треба да го зголемат женското учество во сите аспекти на мирот и безбедноста. Само доколку жените и девојчињата се побезбедни и прифаќаат улоги во донесувањето одлуки под нормални услови, тие ќе имаат поголеми шанси да бидат безбедни и прифатени во овие улоги под поекстремни услови на конфликт и војна.
Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ООН беше резултат на женскиот активизам за мир и правда. Нејзината крајна цел е одлучно да ги прекине циклусите на конфликт и несигурност, така што заштитата, спречувањето, олеснувањето и обновата повеќе нема да бидат неопходни.

Валстром е поранешна специјална претставничка на ООН за сексуално насилство во конфликт, шведска министерка за надворешни работи и потпретседателка на Европската комисија. Ден Смит е директор на Истражувачкиот институт за меѓународен мир во Стокхолм.