ЕУ мора да избега од песимизмот

123

Наспроти песимизмот што изминатите години ја зафаќа Европа, факт е дека ЕУ е економска и регулаторна суперсила, со огромен дипломатски потенцијал. Ако Европејците го признаат ова, ја вратат колективната самодоверба и конструктивно дејствуваат, нивната иднина може да биде светла

Во изминатата деценија, рефлексиите и предвидувања станаа сè помрачни. Овој песимизам е разбирлив. Нееднаквоста се зголемува во поголемиот дел од светот, а демократските вредности и нормите на управување постепено се уништуваат. Технологијата ги трансформираше нашите општества и економии толку брзо што многумина се чувствуваат несигурно. Но не смееме да дозволиме мрачните предвидувања да станат самоисполнувачки пророштва.

Земете ја предвид ЕУ. Како што им се намалуваше меѓународното влијание, Европејците добија чувство дека се сѐ понемоќни – како поединци, нации и како блок. Без обединувачка визија за иднината, ЕУ го загуби еланот и стана жртва на пасивност и страв под превезот на носталгијата.
Но минатото по кое многу Европејци тагуваат всушност не постоеше, додека сегашноста од која сакаат да избегаат, не е толку лоша како што изгледа. Европа останува економска и регулаторна суперсила, со огромен дипломатски потенцијал. Ако Европејците го признаат тоа и ја вратат својата колективна самодоверба, нивната иднина може да биде светла.

Повикот Европејците да „веруваат во себе“ може да звучи наивно и едноставно. Но тоа е предуслов за ефективно дејствување. Ова не значи водење некаква грандиозна федералистичка платформа или давање нереални ветувања, како што е формирањето европска армија. Напротив, последното нешто што на Европа ѝ треба се поинтензивна реторика и невозможни заложби. Нејзиниот неуспех да постигне резултати со вакви ветувања во минатото придонесе за денешното чувство на беспомошност и цинизам.
Наместо тоа, ЕУ треба да оствари конкретен, поединечен напредок за да го зајакне својот кредибилитет. Тука има причина за надеж, почнувајќи со новата Европска комисија, предводена од Урсула фон дер Лејен. И покрај тоа што новата комисија се зафати со работи што звучат познато, таа исто така опфаќа необичен степен на реализам. Никаде не е ова поочигледно отколку во изборот на германски претседател на комисијата првпат по 1960-тите. ЕУ се откажа од преправањето дека не постојат водечки сили во блокот, во корист на признавањето дека единствениот начин да се завршат работите е да се обезбеди инвестиција од нејзините највлијателни членки.
Покрај тоа, ЕУ покажа подготвеност да го испита потенцијалот на различни конфигурации за соработка за да ја придвижи агендата за спроведување политики. На пример, се зголемуваат шансите за европски Совет за безбедност (предлог на Франција и Германија), за зајакнување на европската надворешна политика и за поддршка на безбедносната соработка со Британија по брегзит.

Таква Британија ќе се појави многу бргу, со оглед на огромната победа на Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон на последните избори. Џонсон водеше кампања со ветување дека ќе ја извлече Британија од ЕУ до 31 јануари 2020 година и исполнувањето на тој рок ќе биде добар исход. Иако брегзит е непожелен, еднакво непожелно е развлекувањето на процесот, што не му одговара никому. Конечно, завршувањето на три и полгодишната сага ќе овозможи поголема стратегиска јасност.

Друг главен извор на неизвесност може да биде отстранет оваа година, а тоа е американскиот претседател Доналд Трамп. Можеби ништо друго не сторило повеќе за да ја разгори несигурноста меѓу Европејците како каприциозните напади на Трамп врз трансатлантската врска во изминатите три години. Ако биде поразен на претседателските избори во ноември, врската меѓу Европа и САД нема да се врати во состојба пред Трамп, но предвидливоста ќе биде вратена, а Европејците ќе можат да воздивнат.

Дури и победата на Трамп ќе обезбеди одредена мерка на јасност. Тогаш ќе биде очигледно дека САД повеќе не можат да се сметаат за стратегиски партнер. Наместо да се обиде да го чека Трамп, а уште помалку да смета на него, Европа треба самостојно да се движи напред.

Конечна причина за надеж во врска со просперитетот на Европа во 2020 година е нејзиното зголемено признавање на растечката закана што Кина ја претставува во однос на либералниот меѓународен поредок. Во март 2019 година, ЕУ ја нарече Кина „системски ривал“. Во декември, на состанокот на лидерите на НАТО во Лондон, ЕУ отиде подалеку, признавајќи дека подемот на Кина претставува предизвик со кој Алијансата треба заеднички да се справи. Тоа ја зголемува надежта дека Европа нема да биде толку заслепена од ветувањето за кинески финансии и инвестиции за да не успее да ги поддржи своите вредности и да ги заштити долгорочните интереси.

Предизвиците со кои се соочува Европа, вклучувајќи го и справувањето со миграцијата и развојот на нова стратегија за Африка, може да бидат сериозни, но тие не се непремостливи. За напредок ќе бидат потребни стратегиска визија, политичка волја и ефикасно извршување. Но, прво, е потребна многу поголема самодоверба.

Авторката е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија