ЕУ да ја признае палестинската држава

213

САД ја сменија долгогодишната политика и сега велат дека израелските доселенички населби во Западниот Брег не се спротивни на меѓународното право. Со тоа Вашингтон веројатно ја уништи и последната надеж за решавање на израелско-палестинскиот конфликт. ЕУ мора веднаш да реагира

САД можеби ја уништија секоја преостаната надеж за решение со две држави на израелско-палестинскиот конфликт. Изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео дека израелските доселенички населби во Западниот Брег не го прекршуваат меѓународното право е спротивна на долгогодишниот глобален консензус. Остатокот од светот мора да реагира.

Нема сомнение дека политиката на Израел за решавање на окупираните палестински територии го прекршува меѓународното право. По Втората светска војна, Четвртата женевска конвенција утврди дека окупаторската сила „нема да депортира или да пренесува делови од своето цивилно население на територијата што ја окупира“. Според Римскиот статут, кој го основа Меѓународниот кривичен суд во 1998 година, ваквите трансфери претставуваат воени злосторства. Дополнително, кога Израел почна со окупација на палестинските и арапските територии во 1967 година, Резолуцијата 242 на Советот за безбедност на ОН ги осуди неговите постапки за кршење на консензусот по Втората светска војна во врска со неприфатливоста за стекнување територија преку војна.

Во 2016 година, Советот за безбедност на ОН усвои уште една резолуција, во која се вели дека израелската изградба на населби на палестинската територија нема „никаква правна важност“, претставува „флагрантно кршење“ на меѓународното право и претставува „голема пречка“ за решението со двете држави. Наместо да стави вето на резолуцијата, како што е обичајот на САД, администрацијата на претседателот Барак Обама се воздржа од гласањето. Само неколку дена пред изјавата на Помпео, Европскиот суд на правдата ја поддржа оваа логика, пресудувајќи дека стоките произведени на териториите окупирани од Израел мора јасно да бидат означени како такви. Судот недвосмислено се изјасни дека населбите „ѝ даваат конкретен израз на политиката на трансфер на население“ што Израел ја спроведува надвор од својата територија, „која е спротивна на правилата на општото меѓународно хуманитарно право“.

Сепак, САД долго време не сакаат да ја признаат оваа реалност. Само една администрација на САД, таа на претседателот Џими Картер, директно ја прогласи израелската политика на градење населби за незаконска, врз основа на правно мислење на Стејт департментот во 1978 година. Наследникот на Картер, Роналд Реган, се спротивстави на таа позиција. Други американски администрации ги критикуваа населбите како пречка за мирот и го повикаа Израел да ја запре изградбата, но се воздржаа да ги наречат нелегални.

Израелските власти ја поздравија изјавата на Помпео. Десничарскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој во предизборната кампања се залагаше за проширување на израелскиот суверенитет над сите еврејски населби во окупираниот Западен Брег, изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп исправила „историска грешка“. Нетанјаху се соочува со свои предизвици. Тој не успеа да формира влада и е обвинет за корупција. Но и неговиот главен ривал Бени Ганц, кој исто така не успеа да формира влада, го поздрави потегот, велејќи: „Судбината на населбите треба да се утврди со договори што ги исполнуваат безбедносните барања и промовираат мир“.
Иднината на израелската политика е нејасна, но ризикот од нова иницијатива за изградба на населби не смее да се потцени. Имајќи предвид дека САД цврсто го поддржуваат Израел, остатокот од меѓународната заедница мора да го спречи тој исход. ЕУ треба да биде лидер. По пресвртот од САД, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини потврди дека позицијата на ЕУ кон израелската политика за населување „останува непроменета, односно сета активноста за населување е нелегална според меѓународното право“ и „ја еродира одржливоста на решението со две држави и изгледите за траен мир“.

Но не е првпат ЕУ да го критикува однесувањето на Израел. Од осудата на депортацијата од Израел на локалниот директор на „Хјуман рајтс воч“ поради наводна поддршка на бојкот до осудата на стрелањето на израелски војници во невооружени палестински демонстранти, ЕУ честопати упатува остри критики кон Израел, додека истовремено одржува блиски дипломатски, економски и политички врски со државата. Но реториката не е доволна. Ако европските лидери, или кои било други во светот, сакаат да ја унапредат визијата за независна палестинска држава што ќе коегзистира со израелската држава, тие имаат само два избори: официјално да ја признаат Палестина како независна држава или да престанат да го признаваат Израел како држава сѐ додека не докаже дека е сериозен за постигнување решение за преговори.
Повеќето европски парламенти веќе гласаа за признавање на Палестина како независна држава со граници пред 1967 година и со Источен Ерусалим како главен град. Но само Шведска ја следи таа политика, додека ЕУ ги советува другите земји да чекаат да се појави идеална можност, односно моментот кога унифицираната одлука за признавање на Палестина може да има вистинско влијание. Сега е тој момент.

Оставањето на Палестинците на милост и немилост на нивните израелски окупатори само ќе го одржи деценискиот циклус на насилство. Моќни сојузници како ЕУ може да го прекинат тој циклус, но само ако ги поткрепат своите зборови со дела. Ниту едно дело нема да испрати посилна порака од сите земји на ЕУ од признавањето на Палестина како независна но окупирана држава. Тоа можеби нема да го натера Израел веднаш да се спакува и да ги напушти палестинските територии. Но би можело да ги обесхрабри лидерите на Израел, поттикнати од последната невнимателна одлука на Трамп, да бараат проширување на актуелните населби и изградба на нови, или дури и да почнат со анексирање на палестинската територија. Во тој случај, ЕУ би се соочила со држава што спроведува апартхејд на нејзиниот праг.