Евтина енергија или климатски приоритети е прашање за Европа сега

415

Европскиот зелен договор има цел да ги сведе на нула емисиите на стакленички гасови во Европа до 2050 година, особено преку декарбонизација на енергетскиот сектор. Додека Европа сака да се наметне како глобален лидер во борбата против климатските промени, прашањето е дали може да ја постигне својата цел и по која цена. Задачата е многу тешка, а пречките се застрашувачки.
Корона-кризата го покажа обемот на промените што се потребни за масовно намалување на употребата на јаглерод. Потрошувачите и политичарите сакаат да избегнат таков шок со постепен премин кон стабилно снабдување со евтина зелена енергија. Со добра политика и технолошки напредок може да се постигне таа цел, но засега има некои компромиси што треба да се направат. Бидејќи јаглеродот мора да се оданочи доволно за да се земе предвид негативната климатска екстерналија што ја генерира, цената на емисиите на јаглерод диоксид мора да се зголеми, што ќе ја направи струјата поскапа. Тоа, заедно со зголемувањето на цените на природниот гас, е причината зошто Европејците доживеаја неодамнешен пораст на цените на струјата на големо.
Европа мора да увезе поголем дел од природниот гас што ѝ е потребен. Но за да гарантира сигурно снабдување, им се става на милост и немилост на земји како Русија и Алжир, кои имаат тенденција да ги користат своите гасни ресурси за геополитички цели. Русија снабдува една третина од гасот што ѝ е потребен на Европа и се залага за активирање на гасоводот „Северен тек 2“ за директно снабдување на Германија, заобиколувајќи ја Украина. Уште полошо е што одделни земји, како Германија или Шпанија, а не Европската Унија (ЕУ), директно преговараат со доставувачите. Искористувајќи ја оваа динамика, Русија неодамна покажа дека може да влијае на цената на гасот со задржување на снабдувањето.

Противречностите меѓу климатските приоритети и евтината безбедна енергија и понатаму растат. Земја со резерви на јаглен секогаш може да ги искористи тие ресурси за да го обезбеди своето снабдување со енергија. Таков пример е Германија, каде што производството на електрична енергија од јаглен претставува околу 30 отсто од снабдувањето со струја, што се должи на одлуката на Владата да ги стави под клуч нуклеарните централи по катастрофата во Фукушима, во Јапонија, во 2011 година.
Порастот на цените на гасот и струјата оваа година јасно покажува дека енергетската транзиција нема да биде лесен процес. Предизвиците се огромни, а главниот меѓу нив е надминување на проблемот со нестабилноста. За да се ублажи нестабилноста на цените, обновливите извори бараат резервна технологија да стапи на сцена кога не е доволна енергијата од ветерот или сонцето. Природниот гас обично ја врши оваа функција, па оттука и скокот на цената на струјата што ќе продолжи да се случува во иднина барем додека не се воспостават поефикасни капацитети за складирање електрична енергија.
На пазарот на електрична енергија на големо во ЕУ, цената се одредува според последната технологија во редоследот на понудата. Идеално, ценовниот сигнал од конкурентен пазар ќе даде вистински показател за инвестиции од производителите и потрошувачка од корисниците. Но, всушност, нема слободен влез за некои технологии (како нуклеарна и хидроенергија), корисниците не се нужно одговорни за цените, а структурата на понудата не е конкурентна, туку олигополистичка.
Прашањето е како да се обезбедат вистинските стимулации за инвестиции, особено во обновливите извори на енергија. Тука, долгорочните договори за снабдување со електрична енергија и тендерите за набавки може да играат клучна улога во подобрувањето на функционирањето и ублажувањето на пазарната моќ. Поради значително намалување на трошоците во изминатата деценија, обновливите извори на енергија сега се конкурентни и ќе се користат почесто, сè додека фосилните горива не се субвенционираат и не се одреди соодветно цената на јагленот.

Инвестициите зависат од регулаторната стабилност и затоа може да се нарушат со избрзана реакција на тековните ценовни скокови. Сепак, постојат идеи што вреди да се земат предвид. Чешка, Грција, Франција, Шпанија и Романија предложија ЕУ да ги координира набавките на гас и да создаде стратегиски резерви, бидејќи така ќе се зголеми преговарачката позиција на блокот и ќе се подобри безбедноста во снабдувањето. Други неодамнешни предлози мора внимателно да се оценат за да се избегне какво било мешање во формирањето на цените. Наместо да се ограничуваат цените на струјата, подобро е директно да се субвенционираат ранливите потрошувачи. Пазарот на големо мора да продолжи да обезбедува ценовни сигнали за производителите и потрошувачите.
Ако Европа сака да ја ослободи борбата против климатските промени од политиката на енергетска безбедност, прво мора да постигне рамнотежа во енергетските ресурси во еден интегриран пазар. Тоа значи дека не може да го игнорира потенцијалниот придонес на нуклеарната технологија, како што истакна Меѓувладиниот панел за климатски промени. Понатаму, неопходна е унифицирана европска енергетска политика за набавка и складирање гас, како и инвестиции за развој на нови технологии, како што се заробување јаглерод и зелен водород. Но ЕУ не може да биде наивна. Климатските промени се глобален проблем. Ако намалувањето на емисиите на штетни гасови во Европа се амортизира во други делови на светот, напредок нема да се постигне, а Европа ќе стане помалку конкурентна. Потребно ќе биде да се воведе данок за регулирање на границата на јаглерод за да се реши оваа загриженост. ЕУ има репутација дека дејствува само кога е на работ на катастрофа. Можеби сега се наоѓаме токму во таков период. Затоа треба да се подготвиме и за помрачни сценарија.

Авторот е професор по економија и финансии на бизнис-школата ИЕСЕ.