Европска година на одбранбено живеење

222

Со иднината на односите помеѓу ЕУ и Британија, обвиена во неизвесност, и кризите што тлеат во Франција, Италија и други земји, 2019 ќе биде уште една тешка година за Европа. Ако популистичките сили освојат мнозинство на изборите за Европскиот парламент во мај, ќе биде невозможна година

Гледано од европска перспектива, 2019 ветува дека ќе биде уште една тешка година, доминирана од големи предизвици што би можеле лесно да станат заканувачки кризи. Ако не се случи некоја голема промена, Британија ќе се повлече од ЕУ на 29 март. Економската и финансиска криза во Италија ќе се интензивира, заканувајќи ѝ се на стабилноста на еврозоната. А Франција најверојатно ќе остане под опсада на популистичките протести, уништувајќи го својот потенцијал да ја преземе водечката улога во остварувањето реформи на ниво на ЕУ.
Што и да се случи, европската внатрешна политичка драма ќе се одвива во атмосфера на големи меѓународни превирања. Во исто време кога Русија ја засилува својата агресија во источна Украина, американскиот претседател Доналд Трамп води трговска војна против Кина, која може да ја прошири и на ЕУ (која тој еднаш ја опиша како „непријател“). Пошироко гледано, глобалната економија слабее, а порастот ќе продолжи да забавува и во претстојните месеци.

Во пресрет на овие предвидливи предизвици, самиот опстанок на европскиот проект е доведен во прашање. Што се однесува до брегзит, многу ќе зависи од тоа дали британското повлекување ќе биде уредно или хаотично. Во вториот случај, ќе има губитници на сите страни, а односите помеѓу Британија и ЕУ ќе бидат затруени за подолг период. Никој од двете страни на Англискиот канал не би требало да го посакува овој исход. Животот продолжува и по разводот, и генерално е во интерес и на двете страни да одржат здрави односи. Се надеваме дека ќе преовладее здравиот разум.

Исто како и со брегзит, лидерството на ЕУ во Брисел не може да ја реши италијанската криза, но може и би требало да понуди помош. На Италија ѝ треба пораст, за што ќе биде потребна целосна модернизација на нејзината економија. За жал, нејзината актуелна влада не ги спроведува политиките што се потребни за да се постигне порастот, и наместо тоа, испровоцира конфронтација околу буџетските правила на ЕУ. Унијата мора да покаже флексибилност и истовремено да ги поддржува принципите врз кои се темели одржливоста на монетарната унија. Тоа сугерира дека допрва претстојат долги и исцрпувачки преговори.

Во Франција, „жолтите елеци“ во најголем дел ги артикулираа нивните барања во економски рамки, излегувајќи на улиците да протестираат против предложените даноци за гориво. Но движењето исто така содржи и силни „идентитетски“ елементи, кои ги зграпчија чувствата на незадоволство поради губењето на традиционалните начини на живот во ерата на глобализација и европска интеграција. Како во повеќето западни земји, овие чувства се концентрирани помеѓу традиционалните гласачи од работничката и средна класа, кои сметаат дека поствоениот општествен договор не е валиден. Напорната работа повеќе не гарантира економска безбедност и општествена мобилност. Западните елити нема повторно да ја добијат довербата од јавноста сѐ додека нѐ понудат одговор на оваа загуба на доверба, без која демократијата и нејзините основни институции не може да функционираат. Да бидат работите уште покомплицирани, глобалната рамнотежа на моќ бргу се префрла од Запад на Исток, климатската криза се интензивира, новите дигитални технологии доведоа до револуција на начинот на кој живееме и работиме, а миграцијата и бегалските бранови само додаваат масло на популистичкиот револт.

Но, ако популистичките сили имаат план, кој ќе им овозможи нивната цел – националната држава – да одговори на овие многубројни предизвици, тогаш го чуваат во тајност. Во реалноста, само обединета Европа може да одговори на предизвиците, поради што претстојните избори за Европарламентот се толку многу важни. Ако победи популизмот, тогаш Европа губи.

Воопшто не помага тоа што повеќето од големите промени на меѓународниот поредок во изминатите неколку децении се случија на сметка на Европа. Подемот на Кина и револуцијата на вештачката интелигенција по сѐ изгледа ја оставаат Европа настрана. Досега, Стариот Континент беше заспан зад воланот. Ако не се разбуди наскоро, ќе ја загуби шансата да ги искористи силите на промена за да напредува.

Нова ера почна, а тоа ќе станува сѐ појасно во текот на годинава. Традиционалните европски дебати повеќе не може здраво за готово да ја земаат силата на трансатлантскиот сојуз или сигурниот напредок кон „уште поблиска унија“. Америка на Трамп ги кажа своите збогувања, а стариот социјален модел во Европа е скршен, без понуда за алтернатива. Ниту носталгијата за митското минато, ниту кинескиот авторитарен модел на владеење претставуваат корисни алтернативи. Кризата што ѝ се заканува на Европа неуморно ќе си тече и тоа сите да видат. Во најдобар случај, 2019 ќе биде година на одбранбени маневрирање, наместо на почеток на европска обнова. Но на долг рок, реконструирана Европа е единствената опција. Ваквата контрадикција ќе ја дефинира оваа ера на транзиција, за која не постои единствен лек.

Јошка Фишер беше шеф на германската дипломатија и заменик-канцелар во периодот 1998-2005 година