Дебаклот на Европската Унија со вакцинацијата

359

Беснее бура во Европска Унија (ЕУ) поради нејзиниот неуспех предвреме да нарача поголем број дози од одобрените вакцините против ковид-19. Стефан Бансел, извршниот директор на американската фармацевтска компанија „Модерна“, чии вакцини беа одобрени кратко по оние на „Фајзер/Бионтек“, тврди дека ЕУ премногу се потпирала на „вакцините од своите лаборатории“.
Дали Европската комисија приоритетно ја поддржа својата фармацевтска индустрија наместо да ги заштити човечките животи? Всушност, нештата не се толку едноставни. Наспроти она во што Бансел сака да веруваме, ЕУ нарача премалку дози од сопствената вакцина. Сепак, вакцината што нашироко се користи на Западот беше развиена од германската компанија „Бионтек“, која припаѓа во рамките на ЕУ (иако е тестирана и делумно произведена во партнерство со американски „Фајзер“ и кинески „Фосун фарма“). Покрај тоа што нарача премалку од „американските“ вакцини, ЕУ пасивно набљудуваше додека САД и другите земји ги разграбаа дозите што беа подготвени и произведени во германска лабораторија.

ЕУ не е виновна за протекционизмот, туку за институционалната нефлексибилност. Бавната вакцинација во многу европски држави е резултат на неуспехот на Унијата да ги координира интересите на неколку нејзини членки. Додека на некои држави им беше прескапа вакцината со иРНК на „Бионтек“, други се сомневаа во новата технологија базирана на гени, а трети сè уште не сфаќаат колку е итна состојбата, мислејќи дека најлошото од пандемијата веќе е зад нив.
Во секој случај, внатрешното европско ривалство меѓу националните производители на вакцините можеби придонесе за неподготвеноста на ЕУ предвреме да нарача поголемо количество од германската вакцина лани летото, како што направија Америка и други земји. Како мала стартап-компанија од Мајнц, „Бионтек“ имаше мали шанси да се истакне во лобирањето на големите европски фармацевтски компании во Европската комисија.
Без разлика на причината, сериозното одложување во набавката на вакцините сега е факт во Европа. Додека САД, Велика Британија, Јапонија и Канада лани во јули и во август се бореа да набават големи количества од вакцината на „Бионтек“, ЕУ првично нарача од „Санофи“ и од „Астра Зенека“, кои потоа признаа дека се соочиле со тешкотии во клиничките испитувања. Дури во ноември, откако новинарите почнаа директно да поставуваат прашања, ЕУ го склучи првиот договор за одредено количество од вакцината на „Бионтек“. Потоа во декември и во јануари успеа да направи нови набавки, меѓу кои и од „Модерна“.

Вакцините доцна пристигнуваат поради одложувањето на набавките. Сепак, производителите функционираат според принципот „прв дојден, прв услужен“ и потребно им е време за да изградат нови производствени капацитети. Како резултат на тоа, европските медиуми се преполни со тажни слики на празни вакцинациски центри каде што се потрошени вакцините, покрај видеоснимките од преполните одделенија за интензивна нега каде што се лекуваат пациенти со компликации од коронавирусот. Токму ова предизвика страв во европската јавност. Со оваа стапка, ЕУ до летото нема да може да фати чекор со САД, Велика Британија, Израел и други водечки земји во вакцинацијата. ЕУ тврди дека одлучила да набави разни вакцини, бидејќи не знаела чија ќе биде успешна. Но тоа е евтин изговор, со оглед на тоа што сè уште нема нарачано доволно дози од кој било производител за да може да ги вакцинира своите граѓани, и тоа во случај да имаше само една одобрена вакцина.
Ако ЕУ го преземеше ризикот да набави доволно дози за да се вакцинираат две третини од населението од сите шест производители со кои склучи договори, ќе требаше да потроши само 29 милијарди евра. За споредба, толку приход европската економија губи во текот на десет дена за справување со корона-кризата. Со оглед на тоа што сега се одобрени и ефикасни не една, туку две вакцини, ЕУ ќе имаше суфицит на висококвалитетни дози што ќе можеше да им ги донира на околу 300 милиони луѓе во земјите во развој.

Ниту еден носител на одлуки не носи вина за дебаклот за вакцинација во Европа. Но со овој настан, треба да биде јасно дека европските членки не требаше да ѝ ја доверат на Европската комисија набавката на вакцините лани летото. Според членот 5 од Договорот за ЕУ, Унијата подлежи на принципот на супсидијарност со кој политичките активности им се препуштаат на членките, освен во случај каде што наднационалната акција е докажано поефикасна. Кога стана збор за набавка на значително количество од вакцините, тогаш овој принцип свесно се игнорираше. Не постои правна потреба или убедливо економско оправдување за централното планирање за набавка на вакцините. Ако владите на членките беа во можност независно да набават вакцини и да влезат во директна конкуренција со другите земји од светот, тие можеби ќе платеа малку повисока цена, но многу порано ќе ги резервираа дозите за на крајот да не бидат изоставени. Ако порано се резервираа нарачките за вакцините, производителите ќе можеа повеќе да инвестираат во проширување на нивните производствени капацитети.
На крајот, централното планирање и лобирање од страна на докажаните производители предизвика дебакл во европската вакцинација. Европејците ќе треба да живеат со последиците од трагедијата што можеше да се избегне.

Авторот е почесен професор по економија на Универзитетот во Минхен, поранешен претседател на Институтот за економски истражувања и е советник во германското министерство за економија.