Дали функционира отпишувањето на долговите во пандемијата?

142

Пандемијата на ковид-19 се прошири на светско ниво и нема да заврши додека не биде насекаде ставена под контрола. Затоа во тек се меѓународни напори за поддршка на најсиромашните земји во светот. Системот „Ковакс“, мултилатералната иницијатива формирана од Светската здравствена организација (СЗО) и алијансата за вакцини „Гави“, организира набавки на вакцини што ќе бидат дистрибуирани правично до земјите во развој. Оваа вредна програма веќе собра околу две милијарди долари, но потребни се повеќе финансии за да ја заврши својата мисија. Од декември 2020 година, повеќето од богатите земји во светот нарачаа доволно дози за сопственото население да го вакцинираат повеќе од трипати, додека 90 отсто од луѓето во најсиромашните земји во светот веројатно нема да примат вакцина до 2022 година. Иако секаква дополнителна поддршка за сиромашните држави сигурно би помогнала, сега едноставно нема доволно ресурси за да се задоволат сите потреби. Затоа, сите расположливи ресурси треба да бидат насочени што е можно поефикасно и поефективно во борбата против пандемијата.
Иако многу коментатори побараа отпишување на долговите за да се ослободат ресурсите во сиромашните земји, суспендирањето на обврските за плаќање речиси никогаш не е најефикасната опција. Минатиот мај, Г20 започна иницијатива за суспензија на долговите (ДССИ) во координација со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и со Светската банка. До декември 2020 година, на околу 40 земји со право на одобрување им беше одложено исплаќањето на задолжувањето од околу пет милијарди американски долари, чиј рок истекуваше во јуни оваа година.
Проблемот со овој пристап е што потребите на сиромашните земји не се во голема корелација со нивото на нивните долгови. Ниту долгот ниту трошоците за должничките услуги, апсолутно или како процент од БДП, не се добар показател за релативните потреби на една земја. Бидејќи суспензијата на долгот ги наградува земјите, без оглед дали имаат добри или лоши макроекономски резултати, сепак не постои гаранција дека ќе им се доделат повеќе ресурси таму каде што им се најпотребни за борба против ковид-19.

Според ДССИ, одложувањата треба да им се даваат само на кандидатите што вовеле реформи според програмата на ММФ или на друг начин ги усвоиле економските политики, за кои се смета дека се соодветни за одржлив раст. Сепак во практика, итноста на ситуацијата ги надмина овие услови. Искуството на Замбија укажува на друг проблем со отпишувањето на долгот како помош за сиромашните земји. Кога долгот е голем, суспензиите одобрени од една група на доверители едноставно дозволуваат други, помалку истрајни доверители да извлекуваат повеќе исплати на должничките услуги пред должникот да започне со ненамирување на обврските.
Овие „други доверители“ можат да вклучуваат суверени и приватни доверители што не се согласиле да учествуваат во иницијативата за отпишување на долгот. Замбија продолжи да ги отплаќа своите долгови сè до ноември 2020 година кога мораше да ги одложи. Сега, кога доверителите на земјата ќе се договорат за преструктурирање на долгот, износот што е достапен за нивно компензирање ќе биде помал отколку што би се случило доколку намирувањето на долгот порано се одложеше.
Во случајот на ДССИ, 33-те најзадолжени земји што имаат право на отпишување, должат околу една четвртина од својот јавен долг кон Кина, која е најголемиот официјален доверител во светот. Додека Кина ја потпиша иницијативата и обезбеди одредено отпишување на долгот, тоа го стори со различни услови од другите учесници на ДССИ. Уште полошо е што повеќето доверители од приватниот сектор воопшто не ја одобрија оваа инцијатива.

Друга причина што ја доведува во прашање стратегијата за раздолжување е дека нема гаранција дека средствата ќе бидат искористени за расходи поврзани со ковид-19. На пример, Јужна Африка не ги исполнува условите за поддршка од ДССИ. Како Замбија, таа нагло го зголеми својот долг од 22 отсто во 2008-2009 година на 82 отсто во тековната фискална година. Во сегашната фискална криза, нејзиниот дефицит за оваа година се очекува да достигне 15 отсто од БДП. Додека јужноафриканската влада го обвинува ковид-19 за нејзините тековни фискални проблеми, вистинското прашање е дека во изминатата деценија, нејзините расходи пораснаа без пропорционално зголемување на приходите. Со оглед на тоа што Јужна Африка би доживеала тешкотии при исплатата на долговите дури и без пандемијата, нејзиното отпишување на долгот веројатно нема да ослободи многу ресурси за борба против пандемијата. Со сигурност може да се претпостави дека некои земји што веќе добиле олеснување се борат со истиот проблем.
Поради овие слабости, би било многу подобро за богатите земји да ги распределат достапните ресурси директно за трошоците поврзани со пандемијата преку набавка на вакцини, опрема за лична заштита и други потреби, како и нивно испраќање таму каде што се потребни (системот „Ковакс“) или со директно финансирање на домашните набавки. На овој начин, земјите со високи, неодржливи нивоа на долг сè уште може да добијат поддршка, но таа ќе биде наменета за најитните трошоци додека обврските за плаќање кон другите доверители и неоправданите фискални трошоци можеби ќе треба да се одложат. ММФ тогаш може да ги поддржи земјите со неодржлив товар на долг на вообичаениот начин.

Авторката е поранешна главна економистка во Светската банка и поранешна прва заменик-директорка во ММФ, а сега е истакната истражувачка професорка по меѓународна економија на школата за напредни меѓународни студии на универзитетот „Џонс Хопкинс“ и висока соработничка во Центарот за меѓународен развој на универзитетот „Стенфорд“.