Големи главоболки за поборниците на инфлацијата

279

Во еден свој неодамнешен коментар за „Вашингтон пост“, поранешниот американски министер за финансии Лоренс Х. Самерс изјави дека во првиот квартал на 2021 година, „индексот на потрошувачки цени порасна на годишна стапка од 7,5 отсто“. Не можев да ја најдам оваа бројка на веб-страницата на Бирото за трудова статистика, која прикажа годишно зголемување (април 2020 – април 2021) од 4,2 отсто, предизвикано најмногу од остриот скок на цените на бензините од 49,6 отсто. Кога ќе се исклучат цените на храната и енергијата, стапката на инфлација за минатата година изнесува само 3 отсто.
Уште почудно е објаснувањето на Самерс за проектирањето на идните инфлациски ризици: „Инфлациските притисоци се зголемуваат поради: зголемената побарувачка, креирана од заштедите на Американците за време на пандемијата, големиот откуп на долгови од страна на Федералното биро за резерви, заедно со предвидувањата на ФЕД за нула каматни стапки во 2024-та, приближно трите трилиони долари фискален стимул изгласан од страна на Конгресот и од галопирачките цени на акциите и недвижностите.“
Во најмала рака, оваа логика е чудна: таа се потпира на претпоставката дека заштедите предизвикуваат инфлација. Џон Мејнард Кејнс го тврди токму спротивното: вишокот заштеди предизвикуваат невработеност. А според неокласичното мислење на Самерс, големите заштеди се добра работа, бидејќи ги одржуваат ниските каматни стапки и водат до поголем број деловни инвестиции. Колку што знам, ниту еден економист досега не тврдел дека заштедите, како такви, може да предизвикаат инфлација.

Исто така, иако е сосема точно дека кога Бирото за федерални резерви откупува несакани приватни долгови – претежно од банките – продавачите добиваат пари и се заштитени од загуби што во друг случај би можеле да ги претрпат. Сепак, оваа заштита не е во директна врска со нивните навики за кредитирање. Како што истакнува економистот Хајман Мински, банките им даваат кредити само на кредитоспособни клиенти. Тие ниту ги даваат на заем своите резерви, ниту пак им требаат резерви за да даваат кредити.
Потоа, тука е тврдењето дека предвидувањата на Бирото за идните ниски каматни стапки се инфлациски. Во основа, прогнозата на Бирото за каматната стапка е зависна од неговата инфлациска прогноза, а сегашниот став е дека се очекува ценовните притисоци да бидат краткотрајни, но ако тоа не се покаже како точно, ќе се реагира со зголемување на стапките. Доколку Бирото се согласуваше со Самерс во однос на идната инфлација, ќе го прикажеше тоа во својата прогноза за инфлацијата; прогнозата за каматната стапка не е независна категорија.
Следно, Самерс укажува на веќе изгласаниот фискален стимул во вредност од три трилиони долари. Но засега околу два трилиони се чуваат како приватна заштеда, така што ова укажување е сосема непотребно. Конечно, тој споменува „галопирачки цени кај акциите и недвижностите“. Сепак, кон крајот на 1990-тите, кога беше министер за финансии за време на огромниот процут на акциите, ние не слушнавме вакви предупредувања од негова страна. И со право: процутот на акциите не предизвика зголемена инфлација.

За што, всушност, се работи тука? Можеби Самерс едноставно се обидува да ја оживее старата теорија за Филипсовиот дијаграм, според која, со опаѓањето на невработеноста, платите, а со тоа и цените, растат. Но дури и ако оваа шема некогаш постоела, таа е исчезната пред 50 години. Дури и најнепрогресивните економисти до средината на 90-тите години од минатиот век масовно ја напуштија. Оттогаш, речиси сите нови работни места во САД се креираат во услужниот сектор, каде што „тесните“ пазари на труд имаат мал ефект врз платите и никаков врз потрошувачките цени.
Покрај тоа, лажно е дека денешните пазари на труд во САД не се ни приближно „тесни“. Соодносот помеѓу населението и вработеноста сѐ уште е 4 процентни поени под оној од минатата година и се чини дека се израмнува по остриот скок. Тоа во практика значи дека сѐ уште има околу 5 милиони луѓе што работеле во 2019 година, но денес се невработени. Причините не се познати. Можеби работодавците не сакале да ги вратат на работа или, пак, понудата на работни места не е многу добра. Можно е да се вратат подоцна годинава или во иднина, кога „заштитниот ѕид“ создаден од сите големи заштеди ќе почне да се руши.
Каде, тогаш, лежи стравот од инфлација на Самерс? Кога угледен економист како него излегува со вакви недокажани тврдења, останува само да се запрашаме дали можеби има нешто друго на ум.
Мора да се признае дека постојат одредени реални ценовни ризици. Еден од нив е финансиската шпекулација во однос на нафтата, металите, дрвата за изградба на живеалишта и така натаму. Не е невообичаено за финансиските играчи да ги креваат цените со рано тргање на овие ресурси од пазарот. (Кинезите го знаат тоа и навремено преземаат остри мерки против трупањето резерви на бакар и други метали).

Вториот извор на вознемиреност се забележува во повикот на Самерс за „јасна декларација дека Соединетите Американски Држави сакаат силен долар.“ Тука се крие тајниот страв на богаташите, несигурна клима што стравува дека нејзините позиции на светската сцена можеби не се сосема безбедни. И можеби се во право.
Денешниот свет, кој е ориентиран кон доларот, јасно ги одразува усогласувањата во однос на моќта во периодот помеѓу крајот на Втората светска војна и крајот на Студената војна во 1989 година. Оттогаш американската моќ почна да се „разјадува“, отворајќи ја можноста глобалниот монетарен систем еден ден да доживее пресврт. Можеби тоа нема да се случи наскоро. Но доколку дојде до таква ситуација, таа ќе биде последица од децениското опаѓање, подобро спроведените стратегии во другите држави, „саморанувањето“ во ерите на Реган, Клинтон и Буш, жртвувањето на американската индустриска база во 1980-тите, кревкоста на светскиот поредок, кој се појави во 1990-тите и, конечно, од военото надитрување во 2000-тите. Во споредба со сево ова, неколку „јасни декларации“ нема да значат многу.

Авторот е професор на Школата за јавни работи на Универзитетот во Остин, Тексас.