Ги плаши „новиот светски поредок“ зашто нивниот светски поредок се руши

1549

Искрено, сè помалку имам трпение да читам колумни од европски аналитичари и „визионери“. По десет реченици добивам мачнина поради која сакам да побегнам надвор. Нека ми прости господинот Јошка Фишер за споредбата, ама вакви писанија ме тераат да се сетам на оној норвешки лудак Брејвик, кој напишал 10.000 страници во кои објаснува какви се неговите политички и геостратегиски „светогледи“. Напишал, ама отиде и уби двесте невини луѓе. Може неговите писанија се не знам какво дело, ама не сакам бре дечко да те читам, луд си, убиец си, се трудам да те заборавам. Ни накрај памет не ми е да го споредам Фишер со лудакот, но метафорично, за мене Европската Унија, во однос на Македонија, влезена е во „брејвик-фаза“, па сите овие анализи ми изгледаат толку лицемерно што просто губам здив и секако, сакам да побегнам.

Додека Фишер во својата колумна анализира, предупредува, стравува и прогнозира што ќе се случи со Европа по брегзит, неговата Европска Унија повторно не го положи цивилизацискиот тест спрема Република Македонија. Случувањата пред, за време и по референдумот и однесувањето на ЕУ спрема него го покажа сето европско лицемерство и нивните двојни стандарди. Крајно смешно звучат зборовите на Германецот кога вели, „малото мнозинство од Британците што гласаше за брегзит на референдумот од 2016 година не беше загрижено за економската моќ, туку за целосното враќање на политичкиот суверенитет. Тие не го дефинираат суверенитетот според објективните факти за сегашноста или иднината на Британија, туку според минатото на државата како светска сила во 19 век“, па додава, „ако другиот дел од континентот го следи британскиот пример и го избере 19 наместо 21 век, ЕУ ќе се распадне“. А знаете зошто звучи смешно? Затоа што Европската Унија преку своето однесување спрема Македонија, веќе го оживеа 19 век.

Лавината притисоци, уцени, лаги и манипулации што европските политичари ги истурија во Република Македонија околу референдумското изјаснување мирисаа на суровиот империјализам на 19 век со нијанси на средновековна инквизиција. Меркел, Курц, Макрон, Меј, Хан, Могерини, Јункер, Туск и многу западноевропски амбасадори во Македонија уште што не се заканија со бомбардирање во случај македонскиот народ да го отфрли на референдум идентитетскиот геноцид спакуван во безумниот и нецивилизациски договор со Грција. Откако референдумот не успеа, тие најбезобразно го прогласија за успешен. Кулминацијата на безумноста и лицемерството на ЕУ се случи во мигот кога Јоханес Хан му порача на Зоран Заев да преземе балкански методи за убедување опозициски пратеници да гласаат противзаконски уставни промени ставени во геноцидниот договор што мнозинството народ го отфрли на референдум. Да не се лажеме, знаеме како измазнетите и „префинети“ Европејци гледаат на Балканците и што тие подразбираат под балкански методи. Довчерашните варвари чувствуваат крајна одвратност спрема Балканот затоа што тој е одраз на нивното нецивилизирано однесување. Хан всушност преку тие методи му порача на Заев да уценува, затвора и поткупува за конечно да ѝ се исполнат желбите на Европската Унија, односно затворање на „мацедонијан цуштенде“ преку укинување на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет.

Оттука, господин Фишер нема никакво право да ги обвинува Британците за враќање во 19 век, затоа што неговата Европска Унија воопшто не е излезена од тој временски период. Доволно е само да се види и спореди однесувањето на европските политичари спрема каталонскиот и спрема македонскиот референдум. Лицемерството и двојните стандарди се нивните „цивилизациски“ вредности. Убаво е што господин Фишер прави анализа користејќи ја историјата, но зошто нам постојано ни врескаат да го заборавиме минатото? Затоа што како што им одговара, така прават. А кога нешто не им одговара, кога некоја одлука не се совпаѓа со нивното користољубие, тогаш креваат паника, заплашуваат со црни сценарија и шират катастрофичност. Ако не прифатите преименување на државата и идентитетски геноцид тогаш ќе има војна, Македонија ќе се распадне, ќе умрете од глад. Така нам ни се закануваат. Ако Британија ја напушти ЕУ, Обединетото Кралство ќе пропадне како Атлантида, неевропските сили ќе ја тероризираат Европа, ќе дојде крајот на светот. Така им се закануваат на Британците и на граѓаните на Европската Унија. Деветнаесеттиот век живее во сите нивни зборови и дела.

Јошка Фишер пишува: „Сега се формира нов светски поредок и ќе биде заснован на Пацификот, а не на Атлантикот“. Ова е клучната реченица во неговата колумна. Тука се скриени сиот страв и нервоза на евроатлантските глобалисти. Затоа се бесни на Британците, затоа го мразат Орбан, затоа е демонизирањето на Трамп, тие имаат уплав од суверенитет, затоа што глобализмот ја губи почвата под нозете. Македонија тука им беше лабораториски експеримент каде што се обидуваат сè да укинат, и суверенитет, и држава, и народ и сета негова култура, историја и традиција. Неуспешен експеримент, затоа што македонскиот народ и покрај сета нивна моќ, не им дозволи да го укинат, иако користејќи ги методите на 19 век, сè уште работат на тоа. Нема да им успее.

Ги плаши „новиот светски поредок“, затоа што се руши нивниот светски поредок во кој тие се единствениот господар. Предводени од „длабоката држава“ сериозно навлезена во структурите на ЕУ и на НАТО, либералните евроатлантски глобалисти создадоа свет каде што тие во свои раце ја имаат сета политичка и економска моќ, а сите други се контролирани робови што се хранат со пропаганда. Тие одлучуваат кој смее да постои, а што треба да исчезне, каде што следно ќе се бомбардира и што од таму ќе се опљачка, кој како ќе се вика, а кој ќе се збрише од постоењето. За нив не важат ред, правда и правен поредок, тие според своја мера мерат, како нив им одговара. Тоа што важи за нив, не важи за помалиот од нив. Но, тој свет се руши и затоа се во паника. А кога ги фаќа паника, веќе се презрени, започнуваат со истата песна. Те прогласуваат за заробен ум, ти лепат етикета дека си од 21 век, ти врескаат дека си националист, фашист, шовинист. Оти не можат да видат, ослепени од моќ и безумие, дека тие сакаат да го заробат сечиј ум во своите гасни комори изградени од лажни флоскули за демократија, правда, слобода и човекови права што самите ги укинаа, дека во здивот го носат 19 век, во очите им тлее империјалистичкиот оган, а во ушите им татни инквизициска песна. Но светот се буди, светот ќе се ослободи.