Време за европска одбранбена автономија

184

Во неодамнешно интервју за „Економист“, францускиот претседател Емануел Макрон ја претстави својата геополитичка визија за иднината на ЕУ. Во него тој зборуваше за „клиничката смрт на НАТО“, што многумина ги потсети на описот за НАТО како „застарено“ на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но Макрон не го повторуваше својот американски колега. Загриженоста на Макрон за состојбата на сојузот е одраз на неговото признавање на мрачните факти на терен. Првпат по Втората светска војна, Европа е без забележителен сојузник или партнер. Трговските војни на Трамп и предавството на сојузниците претставуваат нова норма во светскиот поредок. Мултилатерализмот, човековите права и почитувањето на меѓународното право сега секаде се под закана, како резултат на демагошките напади врз либерално-демократските принципи и отворената поддршка на Трамп за авторитарните лидери. Од двете страни на Атлантикот, популистичките политичари редовно ја исмеваат идејата за сојуз заснован врз споделени вредности, додека Кина и Русија продолжуваат без ограничување да ги прошируваат своите сфери на влијание.

Неодамнешната инвазија на Турција во северна Сирија, по предавството на Курдите, кои се бореа против Исламска држава (ИСИС), исто така им зададе удар на интересите на ЕУ. Како што истакна Давид Сасоли, новиот претседател на Европскиот парламент, упадот на Турција претставува „војна предизвикана од земја на НАТО“ што официјално е и кандидатка за членство во ЕУ. Слично на тоа, Макрон предупреди дека „едностраната воена офанзива на Турција претставува хуманитарен ризик за милиони луѓе“, додавајќи дека турската влада „ќе биде одговорна пред меѓународната заедница за помагање на ИСИС во изградба на калифатот.“ Исто така, германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас ја осуди „инвазијата“ на Турција како срамен и нелегитимен чин, што ќе предизвика воскреснување на ИСИС и нов бран бегалци. Ова се силни зборови. Прашањето е дали Европа може да ги поддржи со конкретни активности. Таа воведе ембарго на европската продажба на оружје на Турција. Но војската на Турција, втора најмоќна во НАТО, нема итна потреба од оружје на ЕУ. Покрај тоа, се чини дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сега претпочита руско оружје, вклучувајќи го и системот за противракетна одбрана „с-400“, кој Турција го купи спротивно на приговорите на НАТО. Покрај тоа, самата ЕУ останува зависна од Турција да го задржи бранот бегалци од Сирија и на други места на Блискиот Исток. Ердоган одамна верува дека самата закана од отворање на границите ќе ги држи европските лидери мирни.

Погледнете ги и примерите со Украина и Грузија, каде што Русија продолжува да ѝ се спротивставува на ЕУ. Имајќи предвид дека целта на европскиот проект е да ги искорени војните на агресија и национализам од Европа, неспособноста на ЕУ да влијае врз настаните во Украина или Грузија е доста впечатлива. Неуспехот на ЕУ да ја заштити сопствената безбедност од непријателска соседна сила открива колку е институционално ослабна.

ЕУ изгради огромен внатрешен пазар и ја прошири заштитата на граѓански, економски и социјални права на земјите и заедниците што некогаш биле под контрола на советската тоталитарна власт. Но колку и да се важни овие политички и економски победи, тие се покажаа недоволни за да се обезбеди трајност на Европа. Оттука, Макрон (и многу други) заклучија дека Европа мора да се соочи со својата судбина да стане „суверена сила“. Пред сè, тоа значи создавање европска армија и развивање целосно независен капацитет за самоодбрана. До неодамна оваа идеја беше табу, особено во Британија, која не сакаше да го загрози својот „посебен однос“ со САД. Иако британскиот премиер Тони Блер и францускиот претседател Жак Ширак во 2003 година се согласија да ги координираат набавките за оружје и воените ресурси за изградба на борбена група носачи на авиони, не е преземена никаква акција, можеби, како што велат некои, токму поради приговорите од САД.
Но сега дури и Германија почна да ја признава потребата од европска одбранбена автономија. Во ноември 2018 година, канцеларката Ангела Меркел одржа говор за формирање „соодветна европска армија“. Неодамна германската министерка за одбрана и веројатна наследничка на Меркел, Анегрит Крамп-Каренбауер, повика на значително зголемување на германското воено трошење и создавање нов совет за национална безбедност што ќе води поодговорна одбранбена политика. Ваквите чувства не се ограничени на Германија: Истражувањето на Евробарометар покажува дека 75 отсто од Европејците сакаат заедничка политика за одбрана и безбедност на ЕУ и дека мнозинството очекува во блиска иднина да види создавање армија на ЕУ. Покрај тоа, брегзит нуди совршена можност за ЕУ да се придвижи кон заеднички програми за производство на воена опрема, истражувања, обуки на војската и, конечно, кон заедничка одбранбена стратегија. За таа цел, Франција и Германија се обврзаа да ја зајакнат индустриската соработка преку проекти на копнените, воздухопловните и на поморските сили. Но тие нема да почнат до 2035 година.

Ако Европа сака воена позиција што не е „клинички мртва“, таа мора да престане да се распаѓа пред растечките закани. Има многу докази што покажуваат дека европската армија би била ефективна во заштита на европските безбедносни интереси, дури и на краток рок. Џихадистите што го зазедоа северот на Мали во 2012 година беа протерани со воена интервенција предводена од Франција. Таа мисија досега беше успешна. Но при отсуство на поширока европска обврска, дали може да потрае?

Авторката е бивша министерка и членка на францускиот уставен совет