Враќање на конфронтацијата: има ли алтернативи?

352

Во фокусот на вниманието на угледниот шведски политичар Карл Билт во рамките на проектот „Про или контра“, овој пат се тезите за надворешнополитичките перспективи и стратегиските алтернативи на Русија, извлечени и фундирани врз резултатите од работата на една од годинашните сесии на угледниот Меѓународен московски институт (ИМЕМО), во рамките на дејноста на Руската академија на науките, која го носи името на познатиот руски политичар и дипломат, академик Евгениј Примаков.

Овој институт е оформен во 2016 година, со цел во Руската Федерација да се создаде регуларен и активен дебатен меѓународен форум за јавна расправа и за најзначајните и сложени меѓународни проблеми во светската економија, политиката и меѓународната безбедност, со учество на водечки научни руски и странски претставници на најпознатите истражувачки и експертско-аналитички центри во Европа и во светот. Годинава форумот се одржува под името „Примаковски читања“, во чест на 90-годишнината од раѓањето на познатиот руски државен деец и научник Евгениј Максимович Примаков, а на него учествуваат повеќе од 80 познати и угледни светски и руски експерти, дипломати и политичари, од 30 земји, меѓу кои и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Темата на форумот на сесијата што се одржа во првата половина на јуни 2019 година беше „Враќањето на конфронтацијата: има ли алтернативи?“, а во соработка со претседателот на Минхенската конференција за безбедност, Волфганг Ишингер, беше организирана и специјална сесија на форумот на тема „Европската Унија како глобален стратегиски играч“. Општо внимание на форумот привлече и сесијата посветена на руската економија, но не изостанаа и дебатите посветени на теми од безбедноста и разоружувањето, како на пример „Новата студена војна – далеку од затоплување“, „Светот без правила: крај на контролата врз вооружувањето“, „Блискиот Исток – патот до стабилност: ризици и можности“ и други не помалку важни и впечатливи меѓународни и глобални теми и прашања на денешницата, кои во случајов го окупираа вниманието и интересот и на некогашниот шведски премиер Карл Билт, чија цел овој пат се конкретно перспективите на алтернативите на Русија, односно на нејзиниот претседател Владимир Путин.

Во рамките на истиот форум – „Примаковски читања“, на маргините на конференцијата за безбедност во февруари 2019 година во Минхен беше организирана и тркалезна маса на тема „Русија, Запад и преостанатиот свет“. За важноста и значењето на овој и другите проекти на московскиот институт ИМЕМО зборува и поздравното писмо на рускиот претседател Путин до годинашниот форум, кој во 2016 година и лично учествуваше во работата на една од конференциите на овој веќе светски познат и угледен руски институт:

„Уникатното творечко наследство на Евгениј Максимович Примаков во полна мера е во корелација со потребите на современата политика, дипломатија, академскиот и општествениот живот. И тоа во целост е закономерно, ако се има предвид дека во основата на сфаќањата и делото на овој руски државник и научник се вткаени такви базични вредности како хуманизмот и одговорноста за судбината на светот и заштитата на сопствените национални вредности, со полно уважување на законските туѓи интереси и строго почитување на нормите на меѓународното право и политика. Темата `Враќањето кон конфронтацијата: има ли алтернативи?` опфаќа широк круг актуелни прашања, поврзани со зголемениот ризик во меѓународната безбедност и стабилност, деградацијата на системот на контролата на вооружувањето и кризата на постојниот модел на глобализација и злоупотребата во употребата на протекционистичките мерки. Светот навистина е дојден до опасната црта да стравува за својата иднина. Затоа неопходно е потребно заеднички да се бараат реални и животоспособни алтернативи за запирање на зголемената конфронтација, на грубата и егоистична примена на политичките и економските интереси на одделни земји по пат на примена на санкции и трговски војни. Неопходно се потребни конструктивни варијанти на решавање на важните регионални и глобални проблеми. Затоа, уверен сум дека вашите дискусии на овој форум ќе бидат од голема полза токму во таа насока“, порача во оваа пригода рускиот претседател.

До крајот на годинава, до кога ќе трае и овој форум, руските и странските експерти ќе анализираат уште многу други прашања и теми – тенденции во руската, но и во современата светска меѓународна надворешна политика, од повеќе меридијани, како што неодамна беше сторено и при одржувањето на научната конференција „Постсоветското пространство – фактори на времето“, кога се разгледуваа основни тенденции и еволуции на економските, политичките и идеолошките процеси на повеќе реинтегрирани, а сега самостојни земји од некогашното советско пространство, во неговиот европски дел, како и во повеќе земји од регионите на Централна Азија и во Заткавказјето.