Враќањето на американскиот интернационализам

367

Според американското гледиште „брзо решавање на проблемите“, меѓународните спорови се воени предизвици, кои практично се камуфлирани како политички проблеми. Во реалноста тоа е обратно и затоа најсложените конфликти во светот ретко се решаваат со интервенција. По децении непромислени интервенции, не е ни чудо што Американците бараат алтернатива

 
Следејќи како ќе се одвива дебатата во американските медиуми, се чини дека спротивноста на „Америка на прво место“ е американскиот интервенционизам, поточно хроничната потреба да се влегува, без некоја очигледна цел, во војни на избор и покажување на неприкосновената американска воена моќ. Но интервенционизмот не е исто што и интернационализмот. Комбинацијата на двете нешта ја руши разликата меѓу брзата и одлучна употреба да сила и промислената вклученост во светот и неговите проблеми.
Според американскиот светоглед за „брзо решавање на проблемите“, меѓународните спорови имаат тенденција да се сметаат за воени предизвици, кои практично се камуфлираат како политички проблеми. Всушност, во практиката тоа е обратно и токму затоа најсложените конфликти во светот ретко се решаваат со интервенција.
Геополитичките конфликти имаат долга и тешка историја, а насилството повеќе е симптом на нивната нерешливост отколку природна карактеристика. Тие честопати се поврзани со идентитетот и со правата за колективно сопствеништво на територијата на која живее одредена „нација“. Основата на политичкото членство честопати повеќе е етничка отколку граѓанска, што е спротивно на сфаќањето на Американците за поимот нација.
Покрај тоа, актуелните проблеми можат да се должат на лошите договори што беа склучени пред многу години, па и векови. Два истакнати примера се договорот Сајкс-Пико од 1916 година меѓу Велика Британија и Франција, за поделба на Блискиот Исток, и Версајскиот договор од 1919 година, со кој се формираа границите на Балканот. Во двата случаи, формирањето на новите држави можеби изгледаше како лесно решение, но тоа беше повод за нова војна.
За САД меѓународните конфликти честопати се шанса да покажат „цврстина“ и „одлучност“. Американските напади во Босна имаа цел да го забрзаат политичкиот процес, кој веќе ја имаше поддршката на ЕУ и на Русија. Воздушните напади беа последна опција и обид да се казнат тие што не го поддржуваа мировниот процес.
За многу американски експерти и политичари тогаш лекцијата од Босна беше дека лошите момци требало порано да се бомбардираат. Малкумина ја искористија шансата да ја проучат сложената историја на регионот за да можат праведно да се исцртаат границите меѓу внатрешните ентитети. Во тој случај, со конечниот договор многу повеќе ќе се зачуваа надворешните граници и ќе се поддржуваше уставна структура што ќе ѝ овозможеше на новата држава да се интегрира во европската мапа.
Косово исто така има поголема историска сложеност отколку што многумина сакаа да признаат. Се подбиваа со практичната дипломатија за постигнување суверена автономија на Косово, додека истовремено требаше да се почитува емоционалната поврзаност на Србите со него. Исходот беше дека воените средства требаше да бидат прва, наместо последна опција за обезбедување на независноста на Косово. Да не се заборави дека многу европски држави се противеа на формирањето независна држава и побараа да се вклучи повеќестрана дипломатија пред да се донесе одлука за воздушни напади.
Интервенционизмот, со интернационализмот како последователна идеја, продолжи во 21 век, и тоа во многу поголем размер. По терористичките напади од 11 септември 2001 година, САД ја предводеа инвазијата и потоа окупацијата на Авганистан за да ја искоренат Ал каеда. Но 17 години подоцна и со распоредени сили на теренот во таа држава, Американците го загубија трпението и затоа многумина го прифатија изолационизмот со идејата за „Америка на прво место“ на американскиот претседател Доналд Трамп. Во Ирак, каде што врската со тероризмот беше посомнителна, САД вложија големи воени напори со конфузни и променливи цели, а што ќе се случеше доколку тие беа јасно поставени.
Американскиот интервенционизам честопати добива критики од пријателите и од сојузниците, кои се претставени како слаби и неодлучни пред светските предизвици, како во случајот со анексијата на Крим од страна на рускиот претседател Владимир Путин или зголеменото кинеско влијание во Јужно Кинеско Море. Кога нештата тргнаа во погрешен правец во Авганистан и во Ирак, САД ги обвинија политичките лидери на тие држави со тоа што ги критикуваа дека се корумпирани и дека мора да следува режимска промена. Европејците исто така беа критикувани не само затоа што се немоќни пред злото туку затоа што живеат удобно без да преземат одговорност.
Со тоа што овие наративи се длабоко вкоренети во американската јавна свест, не е чудо што дистописката визија на Трамп надвладеа над интернационализмот, кој стана мото за бескрајната употреба на сила и супериорност кон сојузниците.
Американскиот интернационализам ќе се врати по некое време, но оние што тврдат дека го поддржуваат можат да го забрзаат неговото враќање ако постапуваат во согласност со неговото првично значење. Традиционалните интернационалисти го почитуваат туѓото мислење и се подготвени да прифатат, па дури и да се залагаат за повеќестрани структури.
На интернационализмот сега му е потребно Америка да почне да соработува, дури и кога на другите влади им е потребно повеќе време да обезбедат мандат за дејствување од нивното избирачко тело. На крајот од денот, американското меѓународно лидерство мора да се заснова на американските вредности и на поширокото сфаќање за почитување на неотуѓивите принципи врз кои се темели либералната демократија. Со други зборови, Америка мора да води со пример. Тоа што не успеа да го оствари во изминатиот период, не само со бегалското прашање, го наруши нејзиното влијание врз кое се темели нејзината моќ.
 
Авторот е поранешен амбасадор на САД во Македонија