Аргументи за тајната дипломатија

743

Кога сенаторот на Њу Џерси, Роберт Менендез, најави дека ќе се спротивстави на номинацијата на Мајк Помпео за нов американски државен секретар, тој ја образложи својата одлука затоа што Помпео, кој беше директор на ЦИА, не успеал да ја зачува во тајност посетата во Северна Кореја за Велигден, како пратеник на претседателот Доналд Трамп.
За Менендез не беа прифатливи храброста и тајноста во подготовките на владата на Трамп за планираниот самит меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Во едно скорашно обраќање Менендез наведе дека „не очекува преговорите во дипломатијата да се случуваат јавно, но очекува од некого што е номиниран за државен секретар, кога се обраќа пред лидерството во комитетот, да се побара да одговори на специфични прашања за Северна Кореја, да сподели одредени ставови за таквата посета и притоа смета дека врвниот дипломат во државата треба да биде искрен“.

Според американскиот устав, сенаторите се одговорни да ги потврдат, со мнозинска поддршка, номинациите на претседателскиот кабинет. Целта на основачите на Америка беше поединците поставени на високи функции од доверба на јавноста да имаат добри квалификации, не само во процена на поединците туку и по детален преглед на независно избраниот Сенат.
Во спроведувањето на својата уставна должност, сенаторите треба внимателно да изградат критериум за да „даваат совети и согласност“ според Уставот. Постојат многу причини зошто сенаторите можеа да одлучат за или против номинацијата на Помпео (се одлучија „за“), но една од нив сигурно не беше тоа што Помпео беше вклучен во тајната дипломатија.

Во секој случај, покрај тоа што е клучен фактор во американската надворешна политика, тајната дипломатија отсекогаш била цел на критики. Некои тврдат дека таа е еден вид измама со која се уништуваат транспарентноста и одговорноста на која се потпира американската демократија. Другите не се против тајната демократија, но веруваат дека одржувањето на одреден степен на демократска одговорност наложува дека треба да биде информирана една мала подгрупа на лидери во конгресот. Во критиките упатени кон Помпео дека не бил „искрен“ дури и со „лидерството во комитетот “, Менендез ги наведе токму овие две нешта.

Сепак, историјата на тајната дипломатија, и за време на републиканските и за време на демократските администрации, јасно ги покажува нејзините предности. Најважното дипломатско откритие во Студената војна, отворањето кон Кина, започна со тајните преговори меѓу Хенри Кисинџер, тогашниот советник за национална безбедност на претседателот Ричард Никсон, и кинескиот премиер Џоу Енлаи. Тајната посета на Кисинџер во Пекинг во 1971 година ги постави темелите за историската посета на Никсон следната година. Затоплувањето на кинеско-американските односи помогна да се продлабочат поделбите меѓу Кина и Советскиот Сојуз, кој ѝ беше непријател на Америка во Студената војна.

Исто така, дипломатското постигнување со тоа што претседателот Барак Обама го стави својот потпис на иранскиот нуклеарен договор во 2015 година не можеше да се постигне без тајните преговори. Во март 2013 година, Обама испрати два високи функционери од Стејт департментот, Вилијам Џ. Барнс и Џејк Саливен, за да ги започнат тајните разговори со Иранците во Оман. Со оглед на тоа што дипломатските односи меѓу двете држави беа прекинати повеќе од 30 години и дека секоја држава се мешаше во домашната политика на другата, немаше шанси да се остварат јавни прелиминарни преговори.
За кратко време, од тајните преговори американските функционери заклучија дека Иранците беа сериозни за започнување формални преговори. Американските и иранските преговарачи тајно направија нацрт-план, кој на крајот прерасна во План за здружена и сеопфатна акција. Со овој договор се блокираа сите главни патеки што го водеа Иран да стане нуклеарна сила со тоа што ја спречи државата да користи плутониум или збогатен ураниум во производството на оружја. Исто така со него се уништија иранските центрифуги и 98 отсто од резервите на збогатен ураниум и со него се формира најнаметливиот верификациски и инспекциски режим што некогаш бил договорен.

Но колку што беа тешки преговорите со Иран, уште потешко ќе биде да се преговара со Изолираното кралство на Ким. САД и Северна Кореја технички уште се во војна, затоа што формален мировен договор не е постигнат уште од Корејската војна (1950-1953 г.), која заврши со прекин на огнот и примирје. Покрај тоа, во минатото пропаѓаше секој договор за разоружување меѓу двете држави и откако Трамп дојде на власт, тој и Ким постојано се навредуваа и се закануваа. Во ваков контекст, испраќањето таен пратеник во Пјонгјанг за да ги постави темелите за продуктивни преговори е токму тоа што требаше да го направат САД.
Дури и во тој случај, сепак, останува прашањето зошто тој пратеник за сработеното не ги информирал лидерите за надворешна политика во Сенатот, особено кога тој треба да стане главен дипломат на Америка. Еден од одговорите е дека администрацијата на Трамп веројатно верувала дека ако се информира Конгресот, тајните преговори повеќе нема да бидат тајни. Додека лани траеше истрагата за можниот заговор меѓу кампањата на Трамп и Русија пред претседателските избори од 2016 година, Конгресот обелодени многу тајни информации, а многу демократи во таа институција јасно покажаа дека „ќе му се спротивстават на Трамп“ во секоја можна ситуација. Затоа разумно беше за Помпео да стравува дека доколку се знаеше за тајните преговори, тие ќе беа обелоденети во јавноста за да пропадне самитот и шансата за администрацијата да извојува политичка победа.

Транспарентноста и одговорноста сè уште се важни американски норми. Но историјата на американската дипломатија покажа дека тајноста честопати е неопходна за да се постигне успех. Покрај тоа, Уставот му дава огромен простор на претседателот во надворешната политика. Токму затоа дури и некои демократски колеги на Менендез, кои можеби се против Помпео на политичка основа, ги поздравија вестите за неговата посета на Северна Кореја. Сенаторот на Конектикат, Крис Марфи, изјави дека „му е драго што постои некој на висока позиција во администрацијата на Трамп што ќе разговара со Севернокорејците за да ја постави основата на средбата“.
Марфи е во право. Постојат реални причини за да се биде противкандидат за функцијата државен секретар. Но една од нив не е неуспешното разоткривање на подготвителните преговори за најважниот претседателски самит на векот.

Авторот е харвардски професор и бивш директор на центарот за наука и меѓународни односи „Белфер“ при школата „Кенеди“