Антисемитизмот како политичка идеологија

155

Вообичаено, антисемитизмот во Европа и во светот одамна се подразбира како израз на нетрпеливост и форма на вечно непријателско однесување спрема еврејскиот народ и неговата религија јудаизмот. Тоа е појава со историја долга околу две илјади години манифестирана на разни места и во различни општествено-политички и социјални услови, но во последно време луѓето што се занимаваат и професионално го изучуваат антисемитизмот се склони да тврдат дека овој поим има и пошироко значење, на пример како форма на определена ксенофобија, која има непосредна врска со појавата на шовинизмот и расизмот во инкриминираните општества. Историјата потврдува дека заснован главно врз предрасуди, антисемитизмот бил и останал причина за повеќевековни прогони, масовни погроми и убиства на Евреите, до појавата на погубниот и трагичен холокауст во Германија во Втората светска војна.

Историски погледнато и во рамките на значењето што со текот на времето го попримал, антисемтизмот несомнено станал и определена политичка идеологија, која била прифатена и практикувана некаде помалку, некаде повеќе. Oттаму во пошироките научни кругови се прави и одредена методолошка класификација и оправдано се зборува за „државен“, „религиозен“, „битов“ и други видови антисемитизам, а денес, по многу поминато време, тешко е да се каже дека на тој план нешто драстично се сменило. Доаѓаат нови поколенија, а старите си заминуваат, но антисемитизмот преживува, опстојува и останува да потсетува на таа вечна, но болна аксиома на вековната борба за преживување на еврејскиот народ низ светот.

Во средниот век антисемитизмот главно се манифестирал како религиозна нетрпеливост и тоа претежно во христијанските земји. Од Новиот завет прозвучува директно обвинување против Евреите, кои наводно го распнале Исус Христос и таа теза доминира во проповедите на христијанските свештеници во Европа, па дури и од страна на римските папи во тоа време, кои биле уверени дека Евреите користат христијанска крв при приготвувањето на таканаречената „причесна маца“ за Велигден. Но во текот и особено при крајот на 19 век доаѓа до неочекувана еманципација на Евреите, кои меѓу другото се избориле за користење на своите граѓански права како и другите граѓани, при што дошло до нивно постепено инкорпорирање во сите општествено-политички, економски и културни процеси во европското и светско општество, што придонело Евреите да ги освојуваат и заземаат клучните раководни и други престижни функции во државната администрација органите на власта, финансиите, културата, просветата, образованието и во други престижни области. Тоа веднаш предизвикало подем и развој на антисемитизмот, но овој пат во неговата расна компонента, што особено ескалирала во текот на Втората светска војна, полнејќи ги специјално изградените концентрациони логори и гасни комори, главно со затвореници Евреи од југоисточните и од средноевропските земји.

Па, така, ни малку не е случајно што и сега во 21 век, вниманието го свртуваат и привлекуваат токму оние еврејски енклави, кои и во минатото биле средишта во кои под силно дејство и страшен антисемитски притисок се случувале историските еврејски егзодуси; погромот на Евреите во Полска во 1848 година, кон крајот на 19 век аферата „Драјфус“, формирањето антисемитска партија во 80 години во Германија, потоа погромите во Русија и на Украина во кои животите ги загубиле над 200 илјади Евреи и конечно во 1912 година „процесот на Бејлис“. Сепак врвот на најголемата еврејска катастрофа ќе следува нешто подоцна со промовирањето на национал-социјализмот и устоличувањето на Адолф Хитлер на чело во Германија и појавата на фашизмот, најнапред во Италија, Австрија и во Германија, а потоа и во некои други земји во Европа и во светот, чија цена беа милионите еврејски и други жртви.

Дури по завршувањето на војната светот дозна за сите злосторства на нацистите и во еден временски период народите во светот чувствуваа одреден комплекс на вина во однос на Евреите. Создавањето на еврејската држава Израел на Блискиот Исток, предизвика затишје во остатокот на антисемитските кругови во светот, но набргу го отвори палестинскиот проблем, чие тешко решавање генерираше и сѐ уште генерира нов бран антисемитизам, главно во шиитските муслимански кругови, но овој пат со јасен верски и терористички предзнак.

Имајќи го сево ова предвид, не треба да нѐ изненадува загриженоста на Марк Леонард, директор на Европскиот совет за меѓународни односи, заради реинкарнацијата на антисемитизмот токму во Германија, една од водечките мултиетнички и мултикултурни земји во Европа, која од 2015 година па наваму, ги пoдотвори вратите пред бегалскиот егзодус, предизвикан од војните во Ирак и во последно време во Сирија. Тоа повторно како алиби, ја подгреа и ја направи популарна идејата од „Талмудот“ и „Протоколите на сионските мудреци“ дека „Евреите постојано се стремат да го завладеат светот и оти тие се на прагот да го направат тоа“.