Американските потрошувачи најголеми губитници од трговската војна

536

 

Даниел Грос

Економските аналитичари сметаат дека билатералните трговски војни не може да се победат во толку многу испреплетен и поврзан свет. Со најновата серија тарифи против Кина, американскиот претседател Доналд Трамп дополнително го зголеми влогот во сѐ поштетниот конфликт, а САД најверојатно ќе завршат како поголем губитник

Еден краток период се доби впечаток дека трговските тензии помеѓу САД и Кина се намалија на „новата нормала“. Откако двете земји воведоа високи царини на значителен дел на своите производи, американскиот претседател Доналд Трамп се воздржа од понатамошна ескалација. Но по неуспешната рунда билатерални трговски разговори во Шангај, Трамп најави дека САД ќе воведат десет отсто царина за дополнителни кинески производи, во вредност од 300 милијарди долари, и тоа почнувајќи од први септември. Доколку новата мерка навистина стапи во сила, речиси целиот американски увоз од Кина ќе биде предмет на царинење. (САД веќе воведоа царина од 25 отсто за кинески производи во вредност од 250 милијарди долари.) Иако САД исто така воведоа и нетарифни бариери во својата трговска војна со Кина, реципрочните царини се највоочливиот дел од спорот – и тие најверојатно повеќе ќе ѝ наштетат на Америка отколку на Кина.

Еден начин да се спореди рестриктивноста на трговската политика на земјите е земањето предвид на нивните просечни царински стапки. Просечната американска царинска стапка на индустрискиот увоз, пред да стане Трамп претседател, беше околу два отсто, нешто пониска од онаа во Кина. Дури и во мандатот на Трамп оваа бројка (засега) не се зголеми толку многу. Увозот од Кина сочинува околу 25 проценти од целиот американски увоз, а царината од 25 отсто влијае на околу една половина од увезените кинески производи. Тоа имплицира дека просечната американска увозна тарифа се зголемила за околу три отсто, што не изгледа толку многу.

Но просечната царина е погрешен индикатор. Економската теорија сугерира дека царините имаат непропорционални негативни ефекти на добросостојбата на потрошувачите и произведувачите. Двојното зголемување на царините, на пример, ќе доведе до поголема од двојна загуба за добросостојбата. Па, така, царината од 25 отсто на ограничен дел од трговијата е многу посериозна отколку просечната тарифа од три проценти.

Многу земји имаат високи царини на одреден број специфични производи, при што царинската стапка од над 15 отсто обично се смета за „тарифен врв“. Но додека кај повеќето индустријализирани земји овие врвови покриваат помалку од еден отсто од вкупниот увоз, тие опфаќаат многу поголем дел од американскиот увоз. Покрај тоа, царините на Трамп се дискриминирачки против Кина: царината од 25 отсто ја плаќаат само кинеските производители, а не и нивните конкуренти од Европа, Јужна Америка или Азија. Таквата царина насочена кон една специфична земја е еднакво на воведување општа царина за целиот увоз, додека, пак, истовремено се обезбедуваат субвенции за конкурентните производители надвор Кина – оваа субвенција ја плаќаат американските потрошувачи во облик на повисоки цени.

Поради тоа што некинеските производители можат да ги зголемат своите цени до 25 отсто, а и понатаму да останат конкурентни во САД, цените за американските потрошувачи најверојатно ќе се зголемат, и тоа за широк спектар производи. Индиректниот ефект од царините за Кина врз потрошувачките цени најверојатно ќе биде многу поголем од неодамнешната процена за директно влијание од само 0,1 отсто. Овие индиректни штетни последици од целните царини се главната причина зошто принципот „најфаворизирана нација“ долго време беше камен-темелник на глобалниот трговски систем.

Уште повеќе, првичните истражувања сугерираат дека кинеските производители не ги намалиле значително своите цени како резултат на тарифите на Трамп. Дури и да го сторат тоа, малата придобивка за американските потрошувачи од пониските кинески цени ќе биде занемарлива во споредба со повисоките цени на конкурентните увози пренасочени кон пазарот во САД од целните царини на Трамп.
Иако Кина претходно воведе реципрочна царина од 25 отсто на многу од производите од САД, негативното влијание врз кинеската економија по сѐ изгледа ќе биде ограничено, бидејќи американските производи сочинуваат помалку од десет проценти од вкупниот увоз во Кина. На тој начин, кинеските реципрочни царини имаат мало влијание врз кинеската економија. А, Кина всушност ги намали царините на својот увоз од преостанатиот дел од светот.

Покрај тоа, голем дел од кинескиот увоз од САД отпаѓа на земјоделските производи, како соја, кои земјата лесно може да ги увезе за слична цена од Бразил доколку е неопходно. Во таков случај, се претпоставува дека САД ќе извезуваат повеќе соја на пазарите што претходно беа опслужувани од бразилските производители, вклучувајќи ја и Европа. (Тоа ќе го намали американскиот трговски дефицит со Европа и би можело да го намали американскиот притисок врз ЕУ.)

САД исто така ги засилија нетарифните бариери, како дел од нивната агресивна трговска политика кон Кина. Најзначајно, Трамп го стави кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ на листата со компании на кои американските фирми не смеат да им продаваат американски производи. Навистина, Трамп исто така кажа дека привремено, американските снабдувачи треба да ја извадат потребната лиценца за да продолжат да го снабдуваат „Хуавеј“. Но отсега американските технолошки компании двапати ќе размислат пред да се впуштат во долгорочни договори со „Хуавеј“ или други големи кинески фирми што би можеле да бидат изложени на ризик да бидат вклучени на листата.

Паралелно на тоа, кинеската влада и бизнисите двојно ќе ги зголемат своите напори да станат независни од САД при снабдувањето со клучни технолошки компоненти. Самата закана од листата со компании затоа ќе дејствува како значителна скриена бариера во трговијата помеѓу САД и Кина. А поради фактот дека оваа бариера исто така е дискриминаторска (насочена само против Кина), таа ќе ги има истите високи трошоци како и целните царини.

Економските аналитичари сметаат дека билатералните трговски војни не може да се победат во толку испреплетен и поврзан свет. Со најновата серија тарифи против Кина, американскиот претседател Доналд Трамп дополнително го зголеми влогот во сѐ поштетниот конфликт, а САД најверојатно ќе завршат како поголем губитник.

Даниел Грос е директор на Центарот за изучување европски политики