Амазонија и вие

182

Речиси сите ги видоа драматичните слики од амазонските пожари. Десетици илјади пожари, намерно предизвикани од нелегална сеча, земјоделство, рударство и од други човечки активности, избувнаа само во текот на изминатата година. Ова е многу важно, бидејќи шумите апсорбираат гасови што би го зголемиле глобалното затоплување ако се испуштат во атмосферата. Намалувањето на амазонските дождовни шуми со пожари го зголемува проблемот со климатските промени на два начина. Самите пожари ослободуваат гасови и честички што го забрзуваат затоплувањето на земјата, а елиминацијата на дрвјата значи дека тие не можат да апсорбираат јаглерод диоксид.
Проблемот се најде на агендата на неодамнешниот самит на Г7 во Франција. Водачите на повеќето најбогати земји во светот ветија околу 22 милиони долари за да му помогнат на Бразил – дом на најголемиот дел од дождовните амазонски шуми и речиси половина од тропските шуми во светот – поефикасно да се бори против пожарите. Бразил налутено ја отфрли понудата. Популистичкиот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, изјави дека неговата земја нема да дозволи земјите од Г7 да ја третираат како да е колонија.

Нашиот суверенитет е неприкосновен, изјави владиниот портпарол. На крајот, Бразил прифати околу 12 милиони долари помош од Велика Британија, но не постигна компромис со Г7 или со Франција, која беше домаќин на состанокот. Тоа што се случува во Бразил, само ја нагласува фундаменталната напнатост во светот. Владата на Бразил има став дека тоа што се случува во границите на државата е нејзина внатрешна работа. Ова е традиционалниот поим за суверенитетот, оној што во најголем дел го прифаќаат повеќето земји во светот, вклучувајќи ги и САД, Кина, Русија и Индија. Но тоа е сè повеќе несоодветен, ако не и застарен поим во денешниот глобализиран свет, каде што речиси секој може да стигне секаде каде што ќе посака. Затоа, случувањата во некоја земја повеќе не можат автоматски и безусловно да се сметаат само за нејзина грижа.

Земете го предвид тероризмот. Кон крајот на 1990-тите, талибанската влада што тогаш го контролираше Авганистан ѝ дозволи на Ал каеда слободно да оперира на територијата на државата. Ал каеда го стори токму тоа, организирајќи ја операцијата што доведе до смрт на речиси 3.000 невини мажи, жени и деца во САД на 11 септември 2001 година. САД, предводени од претседателот Џорџ Буш Помладиот и поддржани од голем дел од светот, ѝ доставија ултиматум на талибанската влада да ги предаде лидерите на Ал каеда и да престане да ја користи државата за промовирање тероризам или да се соочи со отстранување од власт. Поинаку кажано, на Владата ѝ беше кажано дека придобивките и заштитата на суверенитетот ја обврзуваат да не им нуди засолниште и поддршка на терористи. Талибанците одбија да го прифатат ова барање и, за неколку недели, насилно беа отстранети од власт од меѓународна коалиција предводена од САД.

Лекцијата за Бразил е јасна – тоа што неговата влада избира да го стори или да не го стори во однос на дождовните шуми, има последици за целиот свет. Ако проблемот беше „само“ уште една локална деградација или загадување на животната средина, тој ќе беше само бразилско прашање, колку и да е лошо. Но штом ефектите од уништувањето на шумите се прелеваат преку границите, тоа што се случува во Бразил е легитимна грижа на сите.
Загадувањето главно се однесува на локалните резултати од локалните активности – климатските промени се однесуваат на глобалните резултати од локалните активности. Знаеме дека резултатите од климатските промени се тешки: почести и силни невремиња, поплави, суши и други екстремни временски услови. Како последица на тоа, повеќе луѓе се внатрешно раселени и претворени во бегалци. Значајни делови од Земјината топка наскоро би можеле да бидат ненаселиви. Климатските промени, како тероризмот, станаа грижа на секого. Бразил треба да се смета за чувар на Амазонија, а не за нејзин стопан.

Значи, што да се прави? Еден пристап е да се преземат стимулативни мерки за земјите како Бразил да дејствуваат поодговорно. Ова стоеше зад понудата на Г7 да му помогне на Бразил и да ги поддржува долгогодишните програми за помош на ЕУ, дизајнирани да го спречат уништувањето на шумите и да промовираат садење нови дрвја. Но јасно е дека Владата на Бразил не реагира како што треба. Отстранувањето на законските бариери за уништување на шумите само го зголеми проблемот, како и недостигот од владини ресурси за спроведување на законот и запирање на оние што нелегално сечат дрвја и предизвикуваат пожари.

Повторно, суверенитетот значи и права и обврски. Таму каде што не може да се постигне усогласеност, мора да се изврши притисок. Дојде време да се разгледаат казни против владите, како таа на Бразил, доколку одбиваат да ги исполнат своите обврски кон светот. Казните би можеле да вклучуваат бојкот на туризмот, санкции и царини. Очигледно, пожелни се позитивните стимулативни мерки за поттикнување и овозможување на посакуваните активности. Но мора да има стап таму каде што морковите не се доволни. Многу влади го прифаќаат ваквиот пристап за спречување на геноцидот, тероризмот и за ширењето на оружјето. Однесувањето на Бразил го поставува прашањето дали оние што предизвикуваат климатски промени треба да бидат третирани на сличен начин.

Авторот е претседател на Советот за надворешни односи на САД