(Која е поврзаноста на овој голем научник со Охрид и Македонија?)

Професорот Павле Митрески од Охрид е долгогодишен истражувач на големиот научник од светски глас Михајло Пупин-Идворски. Иако досега има објавено три книги, во кои докажува дека корените на семејството на Пупин се од Македонија (исчезнатото село Скочена во Преспа), професорот Митрески и натаму открива нови сознанија за поврзаноста на овој научник со Охрид и Македонија. Трагајќи по нови сознанија, д-р Павле Митрески, деновиве, во Архивот на Охрид, откри нов документ, кој недвосмислено ја докажува приврзаноста на овој научник со Охрид. Имено, во фондот на охридскиот книжар Никола Герман е откриено едно известување до граѓанството од 16 март 1935 година, во вид на некролог, во кое се соопштува дека на 17 март ќе биде одржан парастос на големиот добротвор и почесен граѓанин на Охрид – Михајло Пупин, кој починал во Њујорк пред четири дена. По парастосот била предвидена комеморативна седница, во салата на Охридското кино.

– Повод за ова – вели д-р Митрески, ми даде фељтонот за Пупин во белградскиот весник „Курир“ на новинарката Александра Нинковиќ-Ташиќ, во кој е објавено писмо со кое Пупин му изразува благодарност на тогашниот градоначалник на општината Охрид, Темко Поповиќ, за донесената одлука Михајло Пупин да биде прогласен за почесен граѓанин на Охрид. Заедно со писмото, Пупин испратил и чек од 51.000 динари, од кои 1.000 динари за неговата ќерка, која му испратила подарок што сама го изработила, а остатокот од 50.000 динари Пупин ги определил за општината Охрид, со желба да се основа фонд „Михајло Пупин“, од кој ќе им се даваат годишни награди на одлични ученици од Охридската гимназија.

Годинава, по повод 81 година од смртта на Пупин, во селото Вевчани, пред куќата на родот Пупиновци, која е прогласена за музеј на Пупин, е поставена биста на Пупин.

м-р Димитар Смилески, Охрид