Јоргос Бабиниотис е заслужен и почесен професор по лингвистика на Универзитетот во Атина и поранешен ректор и министер за образование. Читаме: „Предавајќи им на илјадници студенти повеќе од 40 години на универзитетот, тој имал значително влијание врз развојот на лингвистиката во Грција на академско рамниште и, пошироко, на образовен план. Професорот Бабиниотис го истражувал грчкиот јазик и неговата историја, истакнувајќи ги во Грција и во странство неговиот континуитет, опфатност и негување.“ Како лингвист, најпознат е како автор на Речникот на новогрчкиот јазик. Тој е претседател на Атинското лингвистичко друштво.

Деновиве се пројави гласно во вестите од Грција (во „Екатимерини“) велејќи дека Грција направила „крупна грешка“ со признавањето на постоењето на македонскиот јазик. Бабиниотис укажа дека јазикот што се зборува во „Северна Македонија“ е всушност „посрбен“ бугарски дијалект, наложен од режимот на Јосип Броз-Тито, кој нема никаква врска со грчкиот (во принцип не, ама како балканизиран јазик, да – види подолу). Тој рече дека тој јазик треба да се означува како бугарско-српски и дека Преспанскиот договор појаснува дека тој јазик ѝ припаѓа на групата на јужнословенските јазици.

Бабиниотис вели дека иако договорот разјаснува дека не постои македонско малцинство во Грција, признавањето на македонскиот јазик може да се протолкува во некои научни кругови како основа за утврдување и озаконување на тоа малцинство (овој дел е парафразиран и преземен од „Екатимерини“).

Многу е тешко да се сфати како еден прочуен и ценет професор и лингвист може да покаже такво лингвистичко незнаење и да прави очигледни, фундаментални и шовинистички грешки. Како лингвист со 40-годишен стаж, овој осумдесетгодишен професор треба да знае дека еден од најосновните принципи во лингвистиката е дека секој јазик треба целосно да се почитува. Неговиот однос спрема македонскиот јазик е сосема спротивен на тоа и фрла длабока непријатна сенка врз целата негова кариера. Истото апсурдно застранување се однесува и на потребата од признавањето на јазици и малцинства од страна на Грција.

Неговиот осврт и оцена за македонскиот јазик се дискриминаторни, примитивни, лажно лингвистички и погрешни. Да објаснам:

1. Македонскиот јазик е признаен и прифатен како таков универзално, низ целиот лингвистички и политички свет, во сите лингвистички и општи енциклопедии и библиографии, на сите универзитети и научни академии и асоцијации во светот, во сите лингвистички атласи (општословенскиот, општокарпатскиот, европскиот), на сите лингвистички конференции, симпозиуми и конгреси, во Обединетите нации, во илјадници научни статии и книги посветени на неговото проучување. Бугарските и грчките лингвисти се единствените јарки исклучоци, што е иронично со оглед на постојните договори потпишани неодамна.

2. Нарекувајќи го македонскиот јазик „србијанизиран“ бугарски дијалект е спротивно на сите сознанија во светската славистика и лингвистика. Од лингвистичка гледа точка, ова е ненаучно, навредливо и ја извртува фактичката состојба. Јужнословенските јазици (а и словенските јазици, воопшто) се секако блискосродствени, но во континуум и не нафрлани прекутрупа еден врз друг. Македонската стандардизација почна во 19 век, а кодификацијата се изврши во средината на 20 век. Меѓу другото, тој е изграден и врз една од најбогатите фолклорни ризници во светот (приказни, скаски, песни, легенди) и врз македонската преродба.

Тој е комплетно развиен јазик, сосема успешно прифатен и применет во сите области на животот и во сите функционални стилови (административен, научен, правен, новинарски, технички, во сите учебници, секако и книжевноста) и во образованието и воспитанието на сите рамништа повеќе од 75 години. Македонскиот е всушност јазик со кохерентна и непроблематична кодификација и развој и тој се дава за пример во проучувањата на јазичното планирање. Илјадници книжевни дела се напишани на македонски и македонската поезија е прочуена и високоценета на светско рамниште. Сите големи но и понови дела од светската литература (на пр. Гете, Шекспировото творештво, „Илијадата“, Џојс, Пушкин, Достоевски, Елитис, француската поезија итн.), како и Светото писмо и Коранот, се преведени успешно на македонски. Ако беше вештачки јазик создаден од Тито, како што вели Бабиниотис, ваков развој би бил сосема невозможен. Впрочем, македонскиот јазик беше и еден од официјалните јазици на Југославија.

3. Македонскиот јазик е јужнословенски јазик, но во голема мера и балкански јазик, со различна граматика и несловенска синтакса, која според некои лингвисти и балканолози многу веројатно има корен во еден или повеќе од древните балкански јазици (кандидати се бригискиот (фригискиот), тракискиот, пајонскиот, па дури и старомакедонскиот). Македонскиот јазик, а тоа е негова уникатност, има и повеќе од 30 супстратни зборови. Така што, исто како што Бабиниотис со право утврдува за грчкиот јазик континуитет, универзалност и негување, така треба да се почитува и македонскиот јазик. Инаку, и новогрчкиот бил повлијаен од балканскиот супстрат и исто така е балкански јазик, со тоа што македонскиот е средиштен балкански, а грчкиот периферен.

4. Длабоко срамно и нечовечно е еден еминентен лингвист да ги одрекува јаросно јазичните права на големото македонско малцинство во Грција, како и јазикоубиството (лингвицидот) врз него во 20 век. Паранојата, фашизоидноста и стравот со кој Грците зборуваат за македонското малцинство (а така и во Преспанскиот договор) се јасен доказ дека тоа малцинство е многу побројно и пожилаво одошто можеме да замислиме.

5. Јазиците не се раководат и развиваат според политички договори или зделки, туку од страна на нивните зборувачи и заедници. Ова е исто така основно лингвистичко начело.

6. Изјавата од македонската влада дека говорите во Јужна Македонија не му припаѓаат на македонскиот дијасистем е рамна на (веле)предавство, и престапот е потежок од ставовите на Бабиниотис. Само да спомнам дека на пример битолските и леринските говори се толку блиско сродни што сочинуваат една дијалектна подгрупа. Македонските говори во Јужна Македонија се во континуум. Тоа е јасно и недвосмислено утврдено во светската наука.

7. Статусот на старомакедонскиот јазик е предмет на контроверза и не е грчки монопол, но превагнува гледиштето дека сепак не бил грчки, но оваа тема е надвор од опсегот на мојов допис.

Гледиштата на професор Бабиниотис се ненаучни, дискриминаторни, срамни и шовинистички и одат против сето современо лингвистичко знаење и се во служба на политиката. Ако овој научник ги учел грчките лингвисти 40 години на ваков начин, ова учење се чини станува безмалку криминално.

Да повторам: почитта за секој јазик и заедница е основен принцип на лингвистиката. За голема жал и осуда, македонската влада во некои суштествени аспекти го прифаќа ваквиот пристап и однос под име на „преспанско-политичка исправност“ без да ги согледа последиците на своите изјави и постапки.

На поврзана тема, се испосменија на врат на нос стотици македонски институции. Некои се апсурдни, некои детски. Принципите по кои се менувани се опачни и не требаше да се прифатат. Впрочем, сомнително е дали ова се измени наложени од надвор и на ваков начин. Но, еве, да прифатиме дека е така, иако не е, решението мораше да биде од типот: Македонска телевизија – Скопје, Македонска информативна агенција – Скопје. Што значи за светот „национална“, сосема безлична определба.

МАНУ никако не смее да го смени името. Таа е институција со научна историја, интегритет, идентитет и општ опфат и таа ги истражува македонските аспекти заедно со плејада странски членови. Во најлош (или најдобар) случај мислам дека треба да биде Македонска академија на науките и уметностите-Скопје, што би ја разграничило од академии во други центри. Терминот „национална“ е безличен, а академија на Северна Македонија бесмислен или двосмислен. И понатаму, академијата е македонска, без оглед на националноста на членовите, нејзината определба е тематска. И понатаму, во Солун постои Македонски универзитет или универзитет „Македонија“ и тоа сме го прифатиле (и не бараме преименување во Јужна Македонија). Има и многу други „македонски“ институции во Грција, на пр. Музејот на македонската борба (со месната додавка – Тесалоники), и никој никого не загрозува и воопшто нема потреба од преименување. Менувањето на името на МАНУ би бил голем срам.

академик проф. д-р Илија Чашуле, универзитет „Маквори“, Сиднеј, Австралија