Каква политика - такви политичари

„Југохром“ во Јегуновце е фабрика отворена во 1955 година, а не работи веќе три години. Низ годините индустриски гигант. Неколку други фабрики низ Тетово ги има направено „Југохром“, хотелите „Славија“ и „Попова Шапка“ исто се од „Југохром“, „Неда“ во Галичник, „Ривиера“ во Охрид и еден куп други работи се дело на „Југохром“, на неговото раководство и на вработените.

Пред да се затвори фабриката во неа работеа околу 1.000 лица, речиси сите од нашиов крај, и Македонци и Албанци. Мислам дека „Југохром“ учествувал со скоро 2 проценти во вкупниот државен БДП. Откога е земен во приватни раце, со „Југохром“ стопанисувале едно време Французи, потоа владеел еден министер во сегашнава влада, па Руси (сегашниов газда).

„Југохром“ е затворен во ноември 2016 години поради неисполнети услови за добивање еколошка дозвола. Во тој период, „Југохром“ е означен за најголем загадувач во тетовско. Хајката против „Југохром“ ја предводеше една невладина организација со име „Еко герила“, во тоа време многу актуелна, но откако го затворија „Југохром“, герилците ги снема. Буквално. Ќе испадне дека затворањето на фабриката беше цел на нивното постоење. Во Тетово, пред некој ден кажаа дека имало околу 700 диви депонии, се палеше ѓубре на 1 километар од центарот.

Владее хаос во сообраќајот, скоро и да нема зелени површини, гради кој каде сака и како сака. Ништо од овие работи не им пречеше на „Еко герила“, им пречеше само „Југохром“. „Југохром“ не работи скоро три години, а Тетово уште е најзагаден град во државава.

Да се разбереме, „Југохром“ како фабрика сигурно загадувал, но од валидни истражувања направени за Скопје и за некои други места низ светов е утврдено дека индустријата во вкупни загадувања учествува со 20-30 отсто. Факт. Да се разбереме дека и „Југохром“ морал навреме да ги исполни еколошките обврски. За да добие дозвола за работа мора да стави филтри, но тие филтри се всушност три нови погони за пречистување на воздухот и наводно чинат околу 15 милиони евра. Тие пари не сака да ги даде ниту газдата, ниту државата.
Во „Југохром“ работеле и Македонци и Албанци, работеле сложно и ударнички. Политичарите треба да знаат дека општината Јегуновце е единствена општина во Западна Македонија што има градоначалник Македонец. Единствена општина со повеќе Македонци од Албанци, но како таква ја снемува. По 2001 година нашиве, македонски партии, нас Македонците овде нѐ користат само за враќање на кусур во бизнисите со ДУИ.

На крај, ќе ги повикам властите за да им порачам „аман, најдете чаре за фабрикава“.
Мислим дека можете ако сакате.

Душко Савиќ,
општина Јегуновце