Сѐ помалку население во земјава

Верувам дека со објавувањето на податоците од неодамнешниот попис, со кој сигурно ќе добиеме податоци на намалено население малку повеќе од објавуваните за природното движење во изминатите години, ќе се посвети многу поголемо внимание кон подобрување на состојбите

Очекувајќи ги податоците од пописот на населението, домаќинствата и становите спроведен во 2021 година, добро е да знаеме како и во претходните години се движел бројот на населението според природното движење. Меѓутоа, знаеме колку е голема потребата од долгоочекуваниот попис, односно од резултатите, кои за кратко ќе ги добиеме. Тие резултати по подолг временски период од неспроведување на пописот или негово прекинување и незавршување во 2011 година, ја доведоа земјава да работиме со нецелосни и неквалитетни податоци или застарени, што имаше силно влијание врз развојните политики. Што значи тоа? Процените на населението што се работеа и објавуваа се врз основа само на природното движење на населението, односно само на наталитетот и морталитетот.

Во недостиг од следење на состојбите во земјава со податоци за иселено население надвор од границите од земјава, не можеме секако да ја знаеме состојбата со населението што го имаме, туку ги користиме податоците само од природното движење. Истите тие секако дека не се веродостојни, бидејќи не се целосни, а врз нивна основа ги планираме сите активности. И врз основа на природното движење на населението треба да знаеме дека во изминатите дваесет години, односно од последниот спроведен попис во 2002 година, па до денес, во околу 35 општини имаме намалување на населението. Ако на тоа се додадат и состојбите со населението што заминало од земјава, можеме да замислиме колку нѐ има во земјава.
Затоа, во оваа пригода сакам само да проанализирам одредени состојби со одредени податоци од пописот од 2002 години што укажуваат на тоа какви промени се настанати во изминатите дваесет години. Според наведениот спроведен попис, во земјава беа раселени со население 146 населени места, 13 беа со еден жител, 21 со два житела, како и со три жители итн., до десет жители беа 160 населени места, или до 50 жители беа 458, а од 51 до жител 181 населено место. Впрочем, од 1 до 100 жители имале 639 населени места. И сега, ако се има предвид дека 35 општини имале намалување на населението во изминатите дваесет години, можеме да замислиме каква е состојбата на населението по населените места. Но ќе очекуваме уште мал период, па ќе ја видиме сликата во земјава.
Во овој временски период, секако, е актуелно и тоа што, започнувајќи од 2019 година, и во двете изминати години 2020 и 2021, имаме негативен природен прираст на населението на ниво на држава, а тоа значи дека населението се намалило по природен пат надвор или без податоците што ги немаме со иселувањето од земјава.
Од тие причини, и претходните податоци што се однесуваат на 2021 година покажуваат повисок број намалено население, и тоа за 10.236 жители.
Состојбите на ниво на региони, во сите осум што постојат во земјава, се со намалено население, и тоа најмногу во Пелагонискиот – 1.949, Источниот – 1.565, Скопскиот – 1.474 и Југоисточниот – 1.293, а најмалку е намалено во Североисточниот – 883 и во Полошкиот – 889.

За разлика од регионите во општините, исто така состојбата е катастрофална со тоа што од 80 општини, во 71 има намалување на населението, а само во девет појавата е позитивна или има минимално зголемување. Најголемо намалување на населението има во општините, Битола – 735, Прилеп – 687, Карпош – 515, Куманово – 495, Кисела Вода – 489, Велес – 495, Охрид – 431 итн. За разлика од нив, општината Чашка има салдо нула, односно колку се живородени деца исто толку се почината лица, Долнени има – 4, Вевчани – 5, Липково – 6, Сопиште – 7 потоа следуваат, Конче, Дојран, Јегуновце, Центар Жупа, Центар итн.
Меѓутоа веќе се напомена дека има и малку општини што имаат зголемување на населението по природен пат, а тоа се општините Дебар за 1, Зелениково 4, Чучер Сандево 8, Желино 15, Чаир 64, Шуто Оризари 132, Арачиново 190, Сарај 236 и Студеничани за 262 житела.
Во ваквата анализа секако дека се актуелни состојбите со наталитетот или бројот на живородени деца, кој е намален од претходните години, а морталитетот или бројот на умрените лица многу повеќе зголемен, и тој во 2021 година изнесува 28.816. Со ваквиот висок број на умрени лица доведени сме на поголем негативен природен прираст за разлика од претходните две години, кога и започна негативното салдо од -601, па -6.724, сега на -10.236.
Ваквите појави секако на намалување на населението се присутни и во другите соседни земји и во земјите од поранешна Југославија. Во нив процесот е почнат многу порано, како што е во Хрватска, Бугарија, Србија веќе втора деценија, потоа во Словенија, Босна и Херцеговина, Албанија, како и Косово. Но за одбележување е и тоа што во дел од овие земји имаа зголемување на наталитетот, а повисок степен на поголема смртност.
Согледувајќи ги состојбите во сопствените земји ,веднаш започнаа со мерки и активности, изработка на стратегии за популациска политика, давање стимулативни финансиски и други услови за да се надминат состојбите. Во нашава земја во оваа насока малку е посветено внимание, за што е посочувано и предлагано да се започне малку посериозно или позагрижувачки.
Верувам дека со објавувањето на податоците од неодамнешниот попис, со кој сигурно ќе добиеме податоци на намалено население малку повеќе од објавуваните за природното движење во изминатите години, ќе се посвети многу поголемо внимание кон подобрување на состојбите.

М-р Дончо Герасимовски, демографски аналитичар
и поранешен директор на Државниот завод за статистика