Писмо до Македонците

3296

Македонското прашање поприми нови нереални, јавни и скриени димензии, со комбинирани апетити и лаги од страна на сите соседни држави, кои траат до денес, со цел македонското територијално и национално ткиво, наместо да се обединува, да претрпи нова и дефинитивно уништувачка абразија, рамна на колеж, обезглавување (со промената на името), овој пат, со најновата инсталирана внатрешна предавничка политичка гарнитура, за идентитетска распродажба, со ново раслојување на одново оспорениот територијален, национален, јазичен, историски, културен… идентитет на Македонецот

Една вистина треба да се знае, дека никогаш на овие балкански простори ништо не се решавало (добивало или губело) без големите сили. Нивниот збор секогаш бил конечен. И најмногу добивал оној што имал свој сојузник меѓу нив, кој имал свој интерес во дадената поддршка.
Ние Македонците не сме се поучиле од историјата – не сме имале, никогаш, никаков сојузник што би ги штител нашите интереси, ниту пак, сме претставувале некаков военополитички фактор. И во Букурешкиот договор и во Париз и на сите други мировни конференции се решавало без нас (за нас) и без наш сојузник, каков што секогаш имале нашите соседи. Така е до ден-денес.
По двете балкански и светски војни, кога по територијалното распарчување на етничка Македонија, само на еден нејзин дел, македонскиот народ со сопствени сили и саможртви успеа да добие своја асномска суверена држава – Македонија, во рамките на Југословенската Федерација, повторно, постепено, почнувајќи од внатре, нерешеното (целосно) македонско прашање поприми нови нереални, јавни и скриени димензии, со комбинирани апетити и лаги од страна на сите соседни држави, кои траат до денес, со цел македонското територијално и национално ткиво, наместо да се обединува, да претрпи нова и дефинитивно уништувачка абразија, рамна на колеж, обезглавување (со промената на името), овој пат, со најновата инсталирана внатрешна предавничка политичка гарнитура, за идентитетска распродажба, со ново раслојување на одново оспорениот територијален, национален, јазичен, историски, културен… идентитет на Македонецот.
Наместо отворена и смела акција за опстанок на сопствената нација и територијалната целост на ова наше единствено парче татковина, ние тргнавме (продолживме) кон остварување туѓи цели, со назначените платеници – политички актери, кои, како туѓи прислужници, а наши крлежи, не може во својата земја да бидат водачи на својот народ.
Без своја национална гордост и национална стратегија, додека чергата ни ја тргаат од под нашите нозе, ние гласно се „јадеме“ меѓу себе, а во исто време безгласно и срамно, со скунати глави го живееме и сами, послушно го спроведуваме фашизоидно искомпонираниот и од туѓинци наметнат терк за (до)уништување на сè што е македонско, со дефинитивно (само)бришење на македонскиот народ како посебна нација и распад на македонската држава, кое отпочна одвнатре и подмолно трае, со промена на знамето и името (БЈРМ); амнестирани терористи закотвени во Владата, кои долги години управуваат со државата насочувајќи ја водата кон нивната воденица – трета албанска држава.

Дозволивме, Албанец што јавно го „леташе орелот“, како министер за надворешни работи да расправа и одлучува за идентитетот и јазикот на Македонците, без да има поим за истите тие и интерес за нивно правилно решавање. Кога ќе ги видите бугарскиот и македонскиот министер за надворешни работи седнати еден до друг, како разговараат за „македонското прашање“, сетете се дека на патот Тетово – Скопје, кај Групчин, не се срушени двете џандармерии, изградени за време на Втората светска војна, на долниот и горниот крајпат, како граница „до тука е албанско, западна Македонија, а од тука натаму, спрема Скопје, е бугарско!“. Погодете зошто е тоа така!?
Потоа, тука се насилната промена на името со капитулантскиот Преспански договор со Грците; договорот за наводни добрососедски односи со Бугарија; реализација (во тек) на промовираната големоалбанска – тиранска платформа, која бочно бие за рекомпонирање на државата од унитарна во двонационална и федерална, што би значело дефинитивен распад на македонската држава; незаконски донесениот Закон за двојазичност… и спроведен!; незаконската промена на Уставот на Р Македонија и рекомпонирање на истата таа со бришење на придобивките од АСНОМ (Од народ, спаднавме на една од многуте заедници, а само народ може да формира држава), како и устоличувањето на рамковниот договор како конститутивен столб на државата што и ќе успее доколку како легитимен народ не постигнеме идентитетско самоосвестување, сплотување и идејно обединување на Македонците околу иста стратегиска цел со писмено поставена македонска националстратегиска платформа, каква од искона, од колено на колено, со усно завештение ни е предавана од нашите предци.
Борбата е отпочната, и продолжува…? Но?
„Еден народ може да закрепне од воен и политички пораз,
може да ги надмине злосторствата и сиромаштијата, но
КОГА ЕДНАШ СВЕСНО ЌЕ ПРИФАТИ ПОНИЖУВАЊЕ,
ЌЕ СЕ ПРЕДАДЕ ИЛИ ПРОДАДЕ, ПОСЛЕ ТОА ВЕЌЕ НЕМА
ЗАКРЕПНУВАЊЕ. НЕМА ПОНАТАМУ…“ – Черчил.
И, сега? Шчо напрајфме и шчо требит да праиме за однапред?
Дали некој (од нас) мисли?

Aвтор: М-р Јагнула Паскал Куновска