Кој е одговорен што Македонија се најде во оваа ситуација?

Во извештајот на комисијата предводена од Бадинтер, јасно и децидно е наведено дека од сите југословенски републики, само Македонија и Словенија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање! Историјата треба да даде одговор зошто, како и кој е одговорен за тоа што, по повеќе од три децении од овој извештај и од референдумот за независност (8 септември 1991 година), Македонија се најде во ситуација кога сериозно е загрозен не само нејзиниот опстанок туку и опстанокот на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската историја?
Една мудра народна изрека гласи: Железото се кове додека е жешко! Македонските политичари што беа на чело на државата по распаѓањето на Југославија или не беа свесни за наведената народна мудрост или, пак, се определија за политика што беше подредена на нивните лични интереси! Постојат голем број факти што наведуваат на сомнежи дека македонскиот политички врв не беше заинтересиран за самостојна македонска држава, што е констатирано и во извештајот на Берлинскиот институт за демократија, кој е подготвен во 2005 година, на основа на анализа на изборите во Македонија, во кој е констатирано дека Македонија не ја сакаше независноста и дека таа и била изнудена! Историјата треба да даде одговор зошто челникот на македонската држава ја игнорираше одлуката на референдумот на кој огромно мнозинство од македонските граѓани се изјаснија за самостојна македонска држава!
На 24 јуни 1990 година, Словенија ја објави Декларацијата за осамостојување на државата, а на 23 декември 1990 година донесе и свој устав! Во почетокот на мај 1991 година беше одржан референдум во привремената Самостојна автономна област (САО) Краина, а на 12 мај беше донесен и устав на спомнатата САО! Две седмици по Уставот на САО Краина и Хрватска донесе свој устав. На 8 септември 1991 година се одржа референдум за самостојна Македонија, а во ноември 1991 година беше донесен и Уставот на РМ!

Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина во 1991 година поднеле барање за прием во Организацијата на Обединетите нации (ООН) и беа примени во мај 1992 година! Македонија барањето за прием во ООН го поднесе дури во почетокот на 1993 година?! Очигледно некому не му одговараа осамостојувањето и признавањето на Република Македонија!? Најголема грешка на македонскиот политички врв беше тоа што не ја прифати понудата на светски познатиот македонски и југословенски дипломат Лазар Мојсов да ѝ помогне на Македонија околу признавањето и нејзиното меѓународно етаблирање! За време на промоцијата на една книга на Мојсов во МАНУ, во 1997 година, му беше тенденциозно поставено прашање од еден новинар зошто не сакал да ѝ помогне на Македонија, на кое тој одговори дека тој изразил подготвеност да ѝ помогне на Македонија, но неговата понуда не била прифатена од највисокиот политички врв во Македонија!?
Во повеќе наврати пишував дека неприфаќањето на понудата на Мојсов беше кардинална грешка на македонскиот политички врв. Мојсов беше близок личен и семеен пријател на Џорџ Буш Сениор, кој беше претседател на САД од 1989 до 1993 година, период од клучно значење за признавањето на Македонија и нејзиното меѓународно етаблирање. Притоа треба да се има предвид фактот што по уривањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година, Америка беше единствена суперсила, која доминираше во униполарниот светски поредок! Убеден сум дека доколку беше прифатена понудата на Мојсов, тој можеше да обезбеди поддршка од САД за решавање на спорот со Грција за името и да го отвори патот за прием на РМ најпрво во ООН, а потоа и во НАТО и во ЕУ! Колку се важни личните и семејните пријателски односи со влијателни светски политичари може да се види и од енергичното залагање на Џорџ Буш Помладиот, кој беше претседател на САД во два мандата, од 2001 до 2009 година, за прием на РМ во НАТО! Меѓутоа, со глупостите што ги направија некои македонски политичари, посебно со непотребната еуфорија по признавањето на РМ со нејзиното уставното име и со апсурдниот проект за антиквизација беше битно зајакната меѓународната позиција на Грција, што дојде до израз на самитот на НАТО, кој се одржа во Букурешт во почетокот на април 1998 година! Доколку беше ангажиран, благодарејќи на неговото лично и семејно пријателство со Џорџ Буш, Мојсов можеше да даде непроценлив придонес за брзо признавање на РМ и нејзино етаблирање во меѓународните односи! Меѓутоа, очигледно нечија суета беше поважна од интересите на Република Македонија! Не треба да се заборава фактот што Џорџ Буш Помладиот го прими тогашниот македонски премиер, кој е единствен македонски политичар што е примен во Белата куќа!

По осамостојувањето на Република Македонија, македонските политичари направија повеќе сериозни грешки, гафови и глупости, кои ѝ нанесоа сериозни штети на државата! Шефот на македонската држава ја лансира апсурдната идеја за еквидистанца кон соседните земји, чии последици кулминираа најпрво во односите со Грција, а потоа и во односите со Бугарија! Некои политичари од редовите на СДСМ, но и некои корумпирани новинари, кои дебело се офајдија во времето на владеењето на првиот македонски претседател, упорно настојуваат да му припишуваат виртуелни успеси и да го прогласуваат за спасител на Македонија од војна, за осамостојување на државата без испукан куршум и без жртви!? Притоа ги игнорираат фактите што војникот Сашко Гешовски беше прва жртва на војните што се водеа на територијата на поранешна Југославија, кој загина на тенк секвенца, која беше пренесена од сите значајни светски електронски и печатени медиуми, како и фактот што во тие војни загинаа уште педесетина македонски војници! Толкав број жртви немаше ни Словенија во инсценираната „војна“ со ЈНА во јуни 1991 година, за која најдобра оцена даде еден војник на ЈНА со изјавата: „Овие божем сакаат да се отцепат, а ние божем не им даваме!?“

Македонија можеше да тактизира со осамостојувањето на државата до референдумот, кој се одржа на 8 септември 1991 година! Српскиот лидер С. Милошевиќ на 12 мај 1991 година иницира референдум и усвојување устав на привремената Самостојна автономна област (САО) Краина, така што не можеше да инсистира на почитување на легалитет и легитимитет на спомнатата САО Краина, а да го игнорира референдумот во Република Македонија, кој се одржа на 8 септември 1991 година! Југословенската народна армија (ЈНА) започна да се повлекува од Македонија во средината на 1991 година, а по референдумот во РМ го забрза повлекувањето, така што последните конвои на ЈНА беа повлечени во февруари 1992 година, кога кај Куманово беше инсцениран судир со ЈНА, кој послужи како повод за потпишување на популистичкиот памфлет тенденциозно наречен договорот Глигоров – Аџиќ! Токму на основа на овој „договор“ се градеше култот за „Спасителот“ на Македонија од војна!? Македонија имаше несреќа погрешен човек да се најде на погрешно место во погрешно време! Историјата треба да даде одговор на прашањето кој е виновен и кој треба да сноси одговорност за катастрофалните состојби во и со Македонија!

Автор: Коста Стоименовски