Како се уништува македонскиот образовен кадар

Сакајќи да ви елаборирам еден случај што во последно време ми остави силен и голем впечаток на неправда, злоупотреба, самоволие и игнорирање на законот, како и злоупотреба на институциите, не можам да продолжам да пишувам, а наедно да не наведам еден цитат од Евангелието по Матеј, кој гласи – „Блажени се гонетите заради правда…“. И јас исто бев гонет заради правда и правдата ја добив!
Пред да започнам се поставуваат повеќе прашања: дали во Македонија е тешко да се биде Македонец?!, дали Македонците имаат право да напредуваат или за нив законите не важат како за другите…?!, дали институциите се злоупотребуваат од страна на декан, ректор, генерален секретар од страна на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, со цел да се уништи македонскиот високообразовен кадар?!, дали е злоупотребен Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола?!, дали ако се борите и ја застапувате македонската кауза вие и вашето семејство сте на отстрел од туѓите пропаганди во сопствената македонска држава?!
Па така, во случајов што сакам да ви го изнесам се работи за доцент д-р Марија Менкиноска, Македонка по потекло од Пиринска Македонија, вработена на Технолошко-техничкиот факултет – Велес (ТТФВ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО). Таа докторирала уште во 2015 година и дури по две години е избрана како наставник во наставно-научно звање – насловен доцент, на 17 февруари 2017 година, од страна на Наставно-научниот совет при факултетот за наставно-научните области – биологија и биохемија за време од 5 (пет) години. Нормално, по овој циклус од пет години, таа има право да напредува во повисоко звање или во вонреден професор, а во согласност со Законот за високо образование. Морам да потенцирам дека се работи за дефицитарен кадар во Македонија, па така од 1952 година, па до денес имаме само стои триесет и пет доктори на биолошки науки. Бројка што е навистина мала и не е сразмерна по жител и заостанува зад современиот свет, а за образовните и стопанските потреби треба да се мултиплицира два или три пати!

Но да одиме понатаму, имено на 7 април 2021 година, поради потребата од ваков високообразован кадар, ТТФВ објавува Конкурс за избор на два наставника во сите наставно-научни звања за наставно-научните области физиологија и имунологија, како и биологија и биохемија. Конкурсот е објавен и во дневните весници: ,,Нова Македонија“ и ,,Lajm“ на 9 април 2021 година.
Д-р Марија Менкиноска конкурирала на распишаниот конкурс и била единствен кандидат за наставно-научните области биологија и биохемија, со намера од доцент да стане вонреден професор, во согласност со системот на кариера во високообразовните институции.
По завршувањето на рокот за пријавување на кандидатите, во согласност со законот, Наставно-научниот совет на ТТФВ, на 5 мај 2021 година, носи Одлука со која формира Рецензентска комисија од тројца еминентни професори, од различни универзитети и факултети, но во иста област на кандидатот. Рецензентската комисија, во согласност со Законот за високо образование, составува и поднесува реферат во писмена форма во рок од три месеци од денот на доставувањето на целокупната документација од страна на ТТФВ, кој ја содржи оценката за остварувањата на кандидатот, во случајов д-р Марија Менкиноска, а во релација со општите и посебните услови за избор во соодветно звање, како и предлог за избор на кандидатот во соодветно звање.
И агонијата тука започнува! Поради тоа што д-р Марија Менкиноска е единствен кандидат за наставно-научните области биологија и биохемија, деканот на ТТФВ, тенденциозно на 17 август 2021 година, без да се извести Наставно-научниот совет, носи Решение за мирување на постапката само за ова звање. Спротивно на Законот за високо образование!
На 20 септември 2021 година, до ТТФВ е доставен рефератот на Рецензентската комисија, според кој, му се предлага на Наставно-научниот совет на ТТФВ да ја избере д-р Марија Менкиноска за наставник во звање вонреден професор за наставно-научните области биологија и биохемија.

Деканката на ТТФВ, вонреден проф. д-р Татјана Калевска, иако има законска обврска писмениот реферат на Рецензентската комисија да му го препрати на Универзитетот за објавување во Универзитетскиот билтен, во согласност со членот 173 став 9 од Законот за високо образование, таа повторно ја злоупотребува својата положба и овластување и рефератот го чува во фиока и не го објавува! Во меѓувреме, истоимената деканка од тројцата професори што се членови на Рецензентската комисија бара да го сменат рефератот, со тоа што поднесува самоиницијативно дописи до претседателот и членовите на Рецензентската комисија, и да дадат препорака д-р Марија Менкиноска да остане со истото звање или доцент, а не како што оценила оваа комисија – вонреден професор.
Рецензентската комисија не го сменила својот став и останала на своето првично мислење дека д-р Марија Менкиноска треба да напредува во повисоко звање, поточно во вонреден професор!
Не можејќи да влијае на Рецензентската комисија, деканката на факултетот, Татјана Калевска, на 11 ноември 2021 година, доставува допис до УКЛО, со ,,барање правно мислење“ по однос на предлогот на Рецензентската комисија.
Во барањето начин како да нe се избере д-р Марија Менкиноска во вонреден професор сега ѝ се приклучува Офелија Христовска – генерална секретарка на УКЛО, при што до тројцата членови на Рецензентската комисија доставува допис или таканаречено „правното мислење“ со кое тврди дека д-р Марија Менкиноска не е вработена на факултетот во редовно наставно звање доцент и не може да биде избрана во звање вонреден професор, а може сега да биде избрана само во доцент. Ваквото мислење е спротивно на Елаборатите за акредитација на ТТФВ при УКЛО од јуни 2017 година и 2019 година каде што д-р Марија Менкиноска е дел од наставниот кадар. За ова можете да се уверите само ако ја отворите интернет-страницата на ТТФВ, каде што стои потписот и на ректорот Сашо Коруноски.
Мотивот, обидот и начинот на генералната секретарка Офелија Христовска биле неуспешни и трите челна на Рецензентската комисија не го смениле својот став и мислење дека д-р Марија Менкиноска треба да биде избрана во вонреден професор во согласност со Законот за високо образование!
Поради необјавувањето на рефератот за избор на наставник во научните области биологија и биохемија од страна на деканката на ТТФВ, што претставува една од последните фази при избор и унапредување во наставно-научно звање, д-р Марија Менкиноска поднела претставка и барање за инспекциски надзор до Министерство за образование и наука – Државен просветен инспекторат.

По извршениот надзор, Државниот просветен инспекторат констатирал неправилност во работењето на ТТФВ при УКЛО, изрекол санкција и ја задолжил деканката на Технолошко-технички факултет – Велес да го објави рефератот во билтен и да ја продолжи постапката за избор!
Деканката постапила по задолжувањата на Државниот просветен инспекторат и на 27 декември 2021 година го објавила рефератот во билтен, но наместо да помине законскиот рок од 15 дена во согласност со законските одредби, таа на 5 јануари 2022 година повторно самоволно и спротивно на законот донела одлука за запирање на конкурсот. Немајќи сигурност дека Наставно-научниот совет ќе ја поддржи во ваквите инкриминирани дејства, деканката не само што не го запознала со ваквата нејзина одлука туку и го заобиколила и во правната поука на одлуката за запирање како второстепен орган го наведува Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Незадоволна од ваквата одлука за незаконито запирање на постапката за избор, д-р Марија Менкиноска вложила жалба до Сенатот на УКЛО и, како што и Државниот просветен инспекторат претходно заклучил, барала постапката за избор да продолжи во согласност со законот.
Иако ректорот знаел и премолчил дека Сенатот нема мандат да одлучува по ова прашање, дека тоа е работа на Наставно-научниот совет на ТТФВ, тој присуствувал на седницата на Сенатот, а и според одредени сознанија и лобирал да се донесе негативна одлука по д-р Марија Менкиноска!
Сенатот на УКЛО ја потврдува одлуката на деканката за запирање на постапката и во своето образложение што го изработила генералната секретарка Офелија Христовска наведува дека се работи за ново вработување, понатаму се наведува дека д-р Марија Менкиноска нема наставно научно звање и дека во согласност со законот таа нема просек, притоа заборавајќи да наведе дека д-р Марија Менкиноска има право да поведе управен спор пред Управниот суд.
Прво не се работи за ново вработување поради причина што Наставно-научниот совет на ТТФВ при УКЛО, на одржаната седница донел Одлука за распишување конкурс за избор на 2 (два) наставника во сите наставно-научни звања! Д-р Марија Менкиноска е единствен кандидат за биологија и биохемија.
Второ, во согласност со обемот на работите што ги извршувала д-р Марија Менкиноска, како и во согласност со тоа како ТТФВ при УКЛО кога има потреба да добие акредитација ја смета за наставно-научен кадар и доцент, а кога треба да оствари некои права тогаш тврди дека не е дел од наставно-научниот кадар.
Трето, прашањето за просекот, зошто во согласност со законот деканката нема поведено постапка пред Државниот просветен инспекторат за утврдување на оваа околност и ако се утврди да се укине Решението од 17 февруари 2017 година со кое д-р Марија Менкиноска се именува во наставно-научно звање доцент?!, зошто ако немала просек се бара д-р Марија Менкиноска повторно да биде избрана во доцент во согласност со писмата на деканката и генералната секретарка на УКЛО до Рецензентската комисија, и за избор на доцент законот бара просек?!
Вака монтиран процес во мојата четириесетгодишна пракса во образованието не сум сретнал! Да се изнаоѓаат секакви причини само да не се избере д-р Марија Менкиноска во вонреден професор навистина е страшно и садистичко однесување.
Од сето горенаведено, од незаконските пречекорувања на деканката на ТТФВ при УКЛО-Битола и со целосната поддршка на генералната секретарка Офелија Христовска и ректорот Сашо Коруноски на постапката за избор во наставно-научно звање вонреден професор и суспендирање на Наставно-научниот совет на факултетот, направени се непочитувања на Законот за високо образование, како и непочитување на подзаконските акти.

Очигледно, дојдено е времето да е тешко да си Македонец во Македонија! Нема да го анализирам фактот дека д-р Марија Менкиноска е сопруга на адвокатот Тони Менкиноски, во овој поглед сѐ ви е јасно, можеби некому не му се допаѓа неговата правна борба за Македонците од соседството пред меѓународните институции!
Само за крај ќе додадам дека во согласност со рефератот на Рецензентската комисија и Државниот инспекторат за образование, д-р Марија Менкиноска ги исполнува сите услови од научен, образовен и законски аспект да биде вонреден професор, но, за жал, некому тоа не му се допаѓа и одлучил да не ја спроведува постапката, со тоа што ќе ѝ наштети не само на нејзе како индивидуа туку и на целокупното македонско општество, со што ќе го лиши од еден научник помалку во образованието.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија