Како „специјално издание“ на Дипломатскиот клуб – Скопје, деновиве излезе од печат десеттиот, јубилеен број на списанието „Дипломатски летопис“. Ова единствено издание од сферата на македонските меѓународни односи и дипломатија во земјава, овој пат е посветено на три значајни годишнини: педесет години дипломатска служба во Македонија, десет години постоење на Дипломатскиот клуб – Скопје и пет години излегување на списанието „Дипломатски летопис“.
По тој повод, во бројот се објавени повеќе пригодни текстови од наши и странски активни и поранешни истакнати дипломати и општественици, научни работници и политичари, редовни и повремени соработници на „Дипломатскиот летопис“. Исто така, во овој број како специјален прилог „50 години македонска дипломатија“ се објавени десетици прилози од научната стручна конференција одржана кон крајот на минатата година, по тој повод во организација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Дипломатскиот клуб – Скопје.