Што им правиме на децата и на наставниците?

„Мамо, не направив сабмит на тестот (не го пуштив тестот) навреме!“, „Ми падна интернетот“, „Не ми работи камерата“, „Мјутнат сум“, „Ме кикна од часот“, па плачење, солзи, разочарувања, стравови, одбивања да се вклучи на час. Дете следи онлајн часови, додека околу него трчка неговото (нејзиното) помладо братче/сестриче, дете решава задачи или одговара усно, а во заднината се слуша плачење на бебе, кое мајката безуспешно се обидува да го замолчи, дете усно се испрашува, а во кадар му влетува помалото братче и го деконцентрира, дете слуша настава, а во заднината офка неговата болна неподвижна баба, која трпи неподносливи болки, оти никој не сака да ја прими во болница, родители доцнат на работа бидејќи не можат да се подготват, затоа што во нивниот дневен престој детето одговара усно и не смеат да шушнат за да не го деконцентрираат или, не дај боже, да не го обвини наставникот дека некој му дошепнува. Дете одговара втренчено во камера, како пред обвинителна клупа, не смее да мрдне ниту да погледне настрана, зашто ќе биде обвинето дека некој му (до)шепнува, додека неговото семејство е во изолација и неговите мисли се преокупирани да не му се случи нешто лошо на неговиот татко или мајка, кои се борат со вирусот и имаат температура од 39 Целзиусови степени.

Деца кои штом ќе дојде времето за вклучување во настава, почнуваат да плачат, се затвораат в соба, не сакаат да се вклучат на час, кои иако се умни и биле одлични, исполнителни и одговорни ученици, се жалат дека сега не памтат, не можат да учат, дека читаат, но сѐ забораваат и се чувствуваат како никој да не ги разбира и сите ги обвинуваат дека се неодговорни, залежани, не учат. Слика од самохран родител со седум деца, кој на камера ни пушта 360 степени „вју“ да погледнеме како функционира неговото семејство во само 50 квадратни метри. Дете што следи часови пред компјутер, а во заднината се слуша семејна расправија. Дете што не сака да ја вклучи камерата за неговите другарчиња или наставниците да не ја видат сиромаштијата во која живее. Деца што одат во близина на кафулињата низ градот за да фатат бесплатен „вај-фај“ на своите телефони за да пуштат домашно, проект, или кратко да се вклучат на час, зашто дома немаат интернет, ниту компјутер.
За волја на вистината, има и обратни случаи, кога некои ученици добро се забавуваат во сета оваа ситуација, па ги „мјутнуваат“ наставниците, „ги кикнуваат“ (исфрлаат) од час, препишуваат, „си шеруваат“ (споделуваат) тестови со решени одговори, се вклучуваат на настава, па си легнуваат да поспијат, не вклучуваат камери иако имаат услови, најдобри компјутери, телефони и неограничен пристап до интернет.

Има случаи кога часовите им служат за забава, па си „слушаат“ групно часови или по битолските кафулиња, или на домашни собиранки, исмевајќи се и правејќи си забава со наставниците. И нема начин како да се санкционираат, иако има протоколи и правилници за недолично однесување, а се изрекуваат и педагошки мерки за попречување на наставата. Неодговорните поединци од оваа онлајн настава си прават одлична пародија и комедија, додека товарот го преземаат одговорните ученици, кои се трудат да постигнат успех и во вакви услови да бидат посветени и исполнителни ученици, да стекнат знаења и да ги исполнат сите барања од нив.
Ова е сликата што секојдневно ја гледаме и слушаме за начинот како се одвива наставата.
Од другата страна имаме наставници што чесно се обидуваат да им го предадат материјалот на своите ученици и да си го заработат својот не толку многу платен леб и труд, наставници што деноноќно работат да ги подготват онлајн часовите, кои претходно шест-седум часа се дале максимално пред мониторите и микрофоните, кои понекогаш некои вешти ученици им ги „мутирале“, а кои работат и од дома, кои ги занемариле и домашните обврски и своите најмили, за да ги подготват часовите, наставните ливчиња, тестовите за наредниот ден, и така сѐ во круг секоја седмица, подготвуваат тестови, прегледуваат стотици домашни задачи што им ги пратиле учениците на разни начини, во разни групи за комуникација, наставници што се во изолација поради вирусот, но кои сепак држат часови, наставници што имаат хронични болести, но, сепак, работат од дома, каде што имаат свои семејства, кои ги запоставиле во интерес на работата, но се даваат безрезервно и беспоштедно во интерес да се реализира наставата во вакви услови.

Наставници на кои им се наметнаа обврска и притисок да ги оценат учениците до 20 ноември, иако годината почна на 1 октомври, меѓу кои има и такви одделенија и класови каде што наставниците не ги виделе децата, не ги познаваат, првпат им предаваат, а треба да ги оценат, треба да бидат, нели, максимално објективни и ниедно дете да не биде оштетено, а од друга страна времето е ограничено. Со право некои наставници ги издава трпението и подлегнуваат под стресот што го трпат од сите страни, и од надредените и од родителите и од временските рокови.
Се запрашал ли некој во оваа држава што им правиме на децата и на наставниот кадар? Какви последици ќе има ова и врз процесот на настава и, она што мене особено како психолог ме засега, врз менталното здравје на децата и на наставниците?
Што направија надлежните за таквите случаи? Колку средства од буџетот одвоија за децата, за да ја направат наставата достапна за сите и секое дете да има еднаков пристап до образование? Зарем не ги кршиме основните човекови права и основните детски права од Конвенцијата за заштита на детските права на ОН? Секое дете има еднакви права на образование. Тоа е фундаментално човеково право. На кое место од листата на приоритети ни се децата и наставниот кадар? И додека се наоѓаат средства од буџетот за секакви намени, па дури и за кичести новогодишни украси и диносауруси, не може да се најдат средства за секое дете да биде дониран компјутер или таблет. Тоа доволно говори за фактот на кое скалило на приоритети ни е образованието и најскапоценото нешто – децата. Ако е поприоритетно во овој момент, кога болниците ни се пред колапс, лекарите доведени до работ на издржливост, кога образованието ни е на дното, кога не знаеме дали ќе преживееме, ние да објавуваме тендери за новогодишно украсување, што може да каже повеќе и да мисли нормален човек.

Тоа говори само едно – ние се наоѓаме во состојба на комплетна морална општествена деградација и детериорација, не само сега туку со години. И претходно се наоѓаа пари за барокни фасади, за мебел Луј XVI, за споменици, за скапи автомобили и што ли уште не, а здравството и образованието како клучни сектори ни беа и сѐ уште се во коматозна состојба и на вештачко дишење. Како да живуркаме и да преживееме во овој наш парадокс меѓу раскошот на кичот и бедата на духот?
Каде се во сета оваа ситуација децата со посебни потреби? Како дете го посебни потреби ќе следи онлајн настава без помош од образовен асистент? Зошто за секое дете што има уреден стручен наод и мислење не е обезбеден образовен асистент? Не правиме ли во овој случај дискриминација на децата? Едни деца со посебни образовни потреби имаат асистенти, а за други нема средства. Ако сакаме да спроведуваме инклузија, тогаш за секое дете со посебни потреби треба да се најдат средства да се обезбедат образовни асистенти, кои ќе му помагаат да ја следи наставата. Државата е должна да најде средства да се овозможи еднаков пристап до образование за сите деца. Проблемите се прекомплексни и пресериозни.
И што да советуваат во ваква ситуација психолозите, кои психолошки техники за поддршка да ги примениме со децата, кога се соочуваме со ваква ситуација? Дали и ние, како Марија Антоанета, да ги советуваме децата и наставниците да јадат колачи кога немаат леб? Што да советуваме дете и како да му помогнеме кога нема основни услови за живот, како успешно да следи онлајн настава и редовно да се вклучува, а нема струја, вода, топол оброк и огрев? Да ја превртиме наопаку пирамидата на психологот Абрахам Маслов за потребите на човекот?

А за последиците од долготрајниот стрес на кој сме изложени со месеци? Се запрашал ли некој дека со месеци сите ние живееме во страв и неизвесност, дека со зголемувањето на бројот на заболени и починати сѐ повеќе ни се стеснува кругот околу секого од нас и дека речиси нема човек што на директен или индиректен начин не е погоден од пандемијата. Колку и да се трудиме, не можеме да го избегнеме стресот. Во вакви услови, колку и да се трудиме, не можеме да го добиеме истиот квалитет на настава како со физичко присуство во нормални околности. Квалитетот на наставата опаѓа, не може да се обезбеди ниту објективност во оценувањето. Треба да бидеме свесни дека учениците тешко го задржуваат вниманието при онлајн настава. Самото долготрајно гледање во мониторите предизвикува замор и кај децата и кај наставниот кадар. Дополнително предизвикува стрес и самото одговарање пред камера. Кај некои деца инхибиторно дејствува тоа експонирање пред камера, иако станува збор за одговарање пред наставниците и соучениците од класот што ги познава и со кои учеле заедно и немало никакви проблеми при одговарање претходно во училница, сега во вакви услови може да биде проблем. Сите деца и наставници немаат исто ниво на информатички вештини за да решаваат тестови под притисок, во краток временски период.
Долготрајната изложеност пред мониторите го зголемува стресот, предизвикува нервоза, намалено внимание, намалена концентрација, а знаеме дека вниманието и концентрацијата се предуслови за процесот на учење и помнење, ги нема директната интеракција, социјалните контакти, нема социјализација на децата. Намалувањето на социјалните интеракции меѓу децата може да предизвика чувство на осаменост, несигурност во воспоставувањето контакти, страв, срамежливост, повлеченост, отуѓеност, па до појава на страв, анксиозност, социјална фобија, депресивност, панични напади итн. Сите овие фактори сериозно влијаат на психичкото здравје.

Токму поради сите овие фактори и ситуации што секојдневно ни се случуваат, она што можеме да го направиме во овој момент е да го олабавиме притисокот првенствено кон наставниот кадар во поглед на роковите за оценување, а со тоа ќе се намали притисокот и кон учениците. Да бидеме разумни и да поставиме разумни рокови. Да се бара само најнеопходното што е важно од лекциите, сѐ може да се надомести. Да ги оставиме наставниците релаксирано да си ја вршат работата, да им ги направат интересни часовите на децата, а не извор на стрес. Државата мора да најде начин да се обезбедат ИТ-алатки и интернет за сите деца и конечно образованието и децата да бидат еден од приоритетите во оваа држава.

М-р Марија Младеновска-Димитровска, психолог