Глобалното движење против вакцинирањето на младата популација првично станува актуелно пред речиси дваесетина години, преку објавувањето на една студија што покажува корелација меѓу ММР-вакцината (користена против мали сипаници (морбили), заушки и рубеола) и аутизмот. Студијата, која била спроведена со само 12 деца, е своевремено повлечена поради манипулација на податоците, а главниот автор е дискредитиран. Како одговор на оваа мошне загрижувачка појава во научните кругови, следуваат повеќе објавени студии со статистички релевантни популации (како на пример, оваа од 2015 година во која биле вклучени 90.000 пациенти), кои јасно покажуваат дека не постои врска помеѓу аутизмот и ММР-вакцината.

Во последниот период во Македонија, поточно до декември 2018 г., починаа три бебиња од мали сипаници, што беше и причина да се прогласи епидемија на морбили кон крајот на изминатата година. Неизбежен е впечатокот дека овие трагични настани се директно поврзани со долгогодишната пропаганда против вакцинирањето, која е присутна не само во Македонија туку и во околните држави, првенствено во Србија. Додека Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи оваа пропаганда (попозната како антивакцинално движење) како една од најголемите закани за светското здравство во 2019 г., заедно со дишењето загаден воздух, ебола и ХИВ, во продолжение нудиме одговори што науката ги нуди за четирите најчести антивакцинални аргументи користени од антивакциналната пропаганда.

1. Вакцините содржат токсични супстанции како алуминиум и жива
Адјувантите се составен елемент на вакцините и се понекогаш потребни да го засилат имуниот одговор или, пак, да ја намалат дозата на инактивиран вирус или бактерија во вакцината. Алуминиумовите соли не се најефективниот адјувант меѓутоа се употребуваат во вакцините токму поради нивната безбедност. За споредба, во еден ден, возрасен човек вдишува, јаде или пие, 30-50 грама алуминиум, што претставува повеќе од 20 пати од дозволената доза во една вакцина (0,85 милиграми).

Тимеросал е презерватив што го спречува растот на потенцијално штетните бактерии и габи. Се метаболизира во етилжива, а не метилжива како што тврдат антивакцинерите. Етилживата е соединение што е помалку токсично и се елиминира од телото многу побрзо за разлика од метилживата. За да се сведе сепак ризикот на минимум, односно да се минимизираат сите потенцијални нуспојави од тимеросалот, од 2001 година тој е комплетно изоставен од сите детски вакцини. Исклучок е вакцината против инфлуенца (грип), каде што е присутен во исклучително мала концентрација, меѓутоа и оваа вакцина е сосема безбедна и високопрепорачлива дури и за трудници. И повторно за споредба, човечкото тело е изложено на жива во многу поголеми количества (69 микрограми) кога јадеме една конзерва туна од 180 грама, за разлика од максималните 25 микрограми присутни во вакцината против грип.

Формалдехидот е дел од процесот за производство на вакцини и е присутен во екстремно минимални количества во крајниот производ. Нашето тело содржи повисоки дози формалдехид што циркулира низ крвотокот во споредба со која било друга вакцина. Всушност, едно јаболко има повеќе формалдехид отколку вакцините за хепатитис Б, полио и ДТап комбинирани заедно.

2. Премногу вакцини можат да го оптоварат детскиот имун систем
Од моментот кога сме родени, ние сме континуирано изложени на голем број вируси и бактерии. За среќа, нашиот имунолошки систем е подготвен да препознае и да се избори со огромен број различни антигени. Антигените се протеински фрагменти добиени од кој бил туѓ организам и како такви имаат способност да предизвикаат имун одговор во човечкото тело. Заради природата на нивните омилени активности, како игри во природа, и желбата за запознавање на околината преку допир, децата се исто така изложени на уште поголем број околни антигени во еден ден во споредба со оние содржани во сите вакцини што ги примаат. Не смее да се заборави дека вакцините сепак содржат деактивирани бактерии и вируси, кои всушност не предизвикуваат патолошка слика кај децата. Да се потсетиме и дека постојат медицински одобрени распореди за вакцинирање, кои ги земаат предвид возраста, моменталната здравствена состојба и медицинска историја на детето во моментот кога детето треба да се вакцинира. Сите овие протоколи се развиени како резултат на обемни клинички студии и имаат цел да го одбегнат токму моментот на неадекватна употреба на вакцините.

3. Природниот имунитет е подобар
Точно е дека за одредени патогени природно стекнатиот имунитет може да трае подолго од оној стекнат преку вакцинација. Меѓутоа, ризиците поврзани со природната инфекција се неспоредливи со ризиците поврзани со која било вакцина. На пример, во развиените земји инфекцијата со мали сипаници (која води до имунитет стекнат преку природна инфекција), предизвикува два смртни случаја на 1.000 пациенти, додека, пак, ММР-вакцината (која резултира со имунитет стекнат преку вакцинација) предизвикува една сериозна нуспојава во еден милион вакцинирани индивидуи. Многу е очигледно дека придобивката на вакцините далеку ги надминува поврзаните ризици.

4. Вакцините предизвикуваат автоимуни заболувања, астма и алергии
Досега ниедна голема студија нема потврдено дека вакцините го зголемуваат ризикот за автоимуни заболувања или алергии. Постојат докази дека ММР-вакцината во одредени случаи може да биде поврзана со идиопатска тромбоцитопенија, пример за автоимуна болест. Меѓутоа, неколку студии се согласуваат дека присуството на оваа болест кај вакцинираните деца (1 во 30.000) е многу помала од онаа забележана кај децата заразени од рубела (1 во 3.000) или мали сипаници (1 во 6.000).
Исто така, точно е дека распространетоста на астмата, алергиите и автоимуните заболувања се зголемува особено во развиените земји. Меѓутоа сѐ поголем број докази укажуваат на тоа дека овој феномен е поради „хигиенските услови“ во кои живееме, каде што се обидуваме максимално да го минимизираме контактот со бактерии и паразити особено на млада возраст. Преку прекумерната употреба на антибиотици како и со консумирањето високомасна исхрана, која не содржи хранливи влакна, исто така се менува и составот на цревната флора, чија разноликост е клучна за одржување здрав имун систем.

Сепак, мора да се признае дека секој (млад) родител има право да биде информиран за потенцијалните ризици и придобивки од вакцинирањето на своите деца. Научната и, пред сѐ, медицинската фела ја имаат обврската да ги слушнат родителите и да им овозможат точна, јасна и транспарентна информација. Ние, пак, како општество имаме одговорност и морален императив да се бориме против и да го одбиеме секој вид гласен фанатизам, кој се обидува да ги негира научните докази и медицински совети.

Симона Шенбакар,
магистерка по фармацевтска биотехнологија
(Статијата оригинално е објавена од иницијативата за популаризирање на
науката на македонски – naukazasite.mk.)