Шатев заслужи да има спомен-соба во својот роден град

(Повод: Седумдесет години од смртта на легендарниот гемиџија Павел Шатев)

Павел Шатев починал на 29 јануари 1951 год. во Битола, каде што живеел, без семејството, во куќен притвор, со право да излегува и шета, што и го правел. Бил изолиран од општествено-политичкиот живот на НР Македонија. На тој ден престанало да чука големото херојско срце на револуционерот и борец за слобода на Македонија, за која се борел и мечтаел. Во ноември 1944 год., кога се вратил во Македонија, доживеал да ја види својата родна слободна земја, да го види македонскиот народ насмеан, како се радува на слободата на сопствената држава, за првпат во историјата.
Шатев е роден на 15 јули 1882 год., во револуционерното и бунтовно Кратово, познато по Карпошовото востание во 1689 год. против турското ропство. Немирниот бунтовен дух и врелата крв за слобода ќе го следат низ целиот 69-годишен живот. Млад, на 15-годишна возраст, храбро и одлучно се вклучил во македонското ослободително движење. Како млад, заедно со група млади македонски револуционери, наречени „Гемиџии“, го прифаќа анархизмот како метод и средство во борбата за ослободување на Македонија од турското владеење. Тие сметале дека со тероризам, атентати и други насилни методи и средства спрема европските институции и капитал во Македонија, ќе ги анимираат и присилат европските земји да извршат притисок врз Турција да направи реформи во државата за подобрување на положбата на македонскиот народ. Таквите методи и средства ги употребиле на 28-30 април 1903 год. во Солун, познати како Солунски атентати, што предизвикало голем одек во Европа, па и во Турската Империја. Шатев во терористичките акции со експлозив го минирал францускиот патнички брод „Гвадалкивир“, со што го онеспособил за користење и ѝ нанел материјална штета на компанијата.

Како искусен револуционер, во подоцнежните години го менува методот на дејствување. Сметал дека македонското прашање може да се реши само во рамките на една федерација, по што може да се нарече „федералист“. Тие определби ги искажал на конгресот на Исполнителниот комитет на македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО) во Софија во 1923 год., за „создавање на Македонија во самостојна политичко федеративна единица под гаранција на големите сили, во нејзините географски и етнографски граници“. Шатев ги искажал федеративните определби и со прифаќање на Мајскиот манифест на ВМРО (Обединета) во 1924 год., во кој се изнесени заложби за „обединување на сите политички сили на целокупното население во Македонија. Да се работи на ослободување и обединување на Македонија во една независна политичка самоуправна единица во нејзините природни географски и етнографски граници, која ќе добие најсигурни гаранции во една балканска федерација на рамноправни држави“. Федеративните определби на Шатев се остварија со создавање на ФНР Југославија на Второто заседание на АВНОЈ, на 29 ноември 1943 год., во Јајце. Македонија во федерацијата е рамноправна со другите членки, со сите атрибути на држава, македонски национален идентитет, македонски мајчин јазик, образование, историја, култура, традиции, уметност и др. За жал, во федерацијата, како што очекувал Шатев, не влегоа Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија, кои останаа под грчка и бугарска власт. Делови каде што Македонците како малцинство се без право на својот македонски идентитет, јазик, образование, култура, традиции, политичко организирање, подложени на денационализација, асимилација и др.

Националната припадност и патриотизам Шатев ги искажал на Судскиот фашистички процес на 64 комунисти и антифашисти во Софија, во јуни 1942 год., на кој за антифашизам е осуден на 15 години затвор. На распитот се искажал: „Јас сум Македонец и се занимавам со македонските работи, не сум комунист“. Како Македонец, Шатев е задоволен од одлуките на АВНОЈ, со кои правилно е решено македонското прашање. Во написот „Македонска држава, нација, култура“, објавен во весникот „Нова Македонија“ бр. 18, во декември 1944 год., Шатев концизно ги искажува своето национално чувство, големиот патриотизам, македонизмот, приврзаноста кон македонската нација и новата слободна македонска држава, за која цел живот се борел. Меѓу другото пишува: „По заседанието на АВНОЈ и решението на АСНОМ, Македонија е веќе слободна како рамноправен член на братската заедница на југословенските народи. Тоа е историски пресврт во животот на македонскиот народ. Македонија со векови била под туѓо ропство – римско, византиско, турско, а во последните сто години под владеење на турската, српската, грчката и бугарската власт, изложена на навидена експлоатација и асимилација. Денес имаме македонска држава и македонски книжевен јазик. Никогаш националното сознание на македонскиот народ не било толку издигнато, патриотизмот толку голем. Македонскиот патриотизам ги обединува сите националности, Албанци, Турци, Власи, Евреи и др.“
Шатев е жесток противник и критичар на мрачните идеологии, шовинизмот, национализмот и фашизмот, кај сите народи. Во говорот што го одржал на 8 декември 1944 год., во големата сала на киното „Славјанска беседа“ во Софија, пред повеќе од 1.000 присутни, меѓу другото за бугарскиот шовинизам го цитирал Ѓорги Димитров: „Еден од најважните корени на сите национални несреќи и катастрофи што му се случуваа на бугарскиот народ во последните десетлетија лежи во великобугарскиот шовинизам, бугарската идеологија и политика на Балканот и владеењето над соседните народи“.

Шатев по ослободувањето на Македонија, во ноември 1944 год., доаѓа во својата родна земја, заедно со други македонски револуционери: А. Мартулков, Крсто Гермов – Шакир Војвода, А. Митрев, А. Динев, П. Шанданов и др. По поминувањето на бугарско-македонската граница во Пехчево, од радост, со солзи на очите го гледале развиореното македонско знаме. За враќањето во Македонија вели: „Јас како партиски неопределен, уште со ослободувањето од затвор разбрав оти треба и сум должен да останам во Македонија, каде што сум роден и за што работев и толку пати го ризикував животот, и не само со зборови туку и со дела. Треба да го покажам моето гледиште за правилно и единствено решавање на македонското прашање. За македонското прашање друг правилен пат немаше и не можеше да има освен историското решение на АВНОЈ во Јајце. Јас по македонското прашање претендирам да давам ум, совети, зашто македонското прашање го знам подобро од секој“.
Веднаш по доаѓањето ѝ се става на располагање на народната македонска власт со своето животно искуство и знаење да помогне во обновата и изградбата на слободната држава. Во слободната НР Македонија му биле поверени и извршувал одговорни државни и општествени функции. На Осмото заседание на Президиумот на АСНОМ во с. Горно Врановци, на 27 октомври 1944 год., е кооптиран за член на АСНОМ.

На Второто заседание на АСНОМ, одржано во Скопје на 29-31 октомври 1944 год., е избран за член на Президиумот на АСНОМ. За претседател на Комисијата за утврдување на злочините на окупаторот и неговите помагачи е избран на 10 јануари 1945 год. Како претседател на комисијата се залагал за правичност, стручност, објективност, демократичност, хуманост. Бил против мешање на политиката и државните органи во работата на правосудните органи, во определување на одлуките и судските пресуди без реваншизам. За министер на правосудство е именуван на 16 април 1945 год. и учествувал во подготвувањето на првиот устав на НР Македонија. За потпретседател на Президиумот на АСНОМ е избран на 17 април 1946 год., со што му престанал мандатот министер за правосудство. Шатев бил народен пратеник во Собранието на НР Македонија и во Уставотворното собрание на ФНР Југославија. На седница на Уставотворното собрание во ноември 1946 год., во говорот за борбата на македонскиот народ за држава, меѓу другото истакнал: „Ние сме мал народ… но со гордост се кажуваме Македонци и сме веќе нација со своја територија, свој јазик, наше економско единство, наша македонска култура. Во минатото, во далечното минато и ние сме дале нешто крупно во историјата. Македонците се први од сите Јужни Словени што ја примиле цивилизацијата и создале своја писменост, која е лулка на писменоста, како на Бугарите, така и на Србите, на Русите, на Украинците и на други“. Од потпретседател на Президиумот на АСНОМ е сменет во март 1947 год. и назначен за правен советник во Президиумот. Пензиониран е на крајот на 1948 год., со 4.000 динари пензија и 1.000 динари како пратеник во Уставотворното собрание на ФНРЈ. Како пратеник, на 16 јуни 1949 год. е уапсен во фамилијарниот дом во Загреб, од Управата за државна безбедност на ФНР Југославија, како „потенцијален непријател“.

Шатев во својот динамичен живот ги преживеал Солунските атентати, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, 11 години во затвори, тортури, прогони и др. Се соочувал, но не се плашел од смртта. Со животот и делата остави големи и длабоки траги во свеста и меморијата на македонскиот народ, во историјата, публицистиката и др. Неговите пишани сведоштва, мемоари, сеќавања за настани и личности од револуционерното минато на македонскиот народ, кои Државниот архив на РС Македонија ги објави во девет тома, како и други негови необјавени написи, сеќавања, говори и др. се од големо значење за македонскиот народ и држава.
Неговиот живот и дела ѝ се познати на македонската јавност и пошироко. Шатев со својот живот и дела за слободна Македонија не може да го заборавиме. Заслужува во својот роден град да има спомен-соба, во која со експонати, документи, фотографии и др. ќе се прикажат животот и делата, со што ќе бидат на увид на јавноста, граѓаните на кратовската општина и пошироко, а неговото вечно почивалиште на гробиштата „Св. Никола“ во Битола да се уреди и да биде пристојно за оддавање почит.

Тодор Коцевски, историчар