Политичарите што се на власт секој ден зборуваат за успесите во економијата, за успешни рангирања на светски листи, за раст на производството и на бруто домашниот производ. Нивниот главен слоган е „дојде живот!“. Навистина дојде, но зависи за кого како. Најмалку за поголемиот дел од народот кој сѐ уште не може да ги почувствува благодатите на „успешната“ економија.

За жал, меѓу говорите на политичарите и реалноста има голема разлика. Тие сето тоа што го зборуваат, го кажуваат засновано на некакви извештаи, статистики или кабинетски информации кои се далеку од вистински. Никој од нив не видел што се случува со стандардот на граѓаните во реалноста, на терен.

Имено, власта тврди дека платите се зголемени за неколку проценти. Најверојатно така мереле статистички, но истовремено се заборава колку во меѓувреме пораснале цените во маркетите на стоките за широка потрошувачка. Таму е направен голем скок, особено последниве неколку месеци кога, изгледа, со секое зголемување на цените на нафтените деривати растат и цените во продавниците. Месото, сирењето, кашкавалите, млекото, киселото млеко, кафето, сето тоа е со нови цени. Таму каде што цените не се променети, намалена е грамажата или е ставена понеквалитетна стока за старата цена. Разликите во цените некаде се од два до пет денари, некаде и над сто и повеќе денари. Јунешкото месо ближи до десет евра, телешкото меѓу 12 и 13. Маслинките од нашата пријателска Грција исто така доживеаја фантастичен скок и тие, поквалитетните, достигнаа цена од 10 евра.

Сигурно дека дојде живот за оние на позиции, за оние со големи плати, за бизнисмени, за успешни и „вечни“ тендерџии. Но и најновите статистички податоци покажуваат дека сиромаштијата во Македонија не се намалува, туку расте. Од сиромаштијата особено е погодено и мнозинството пензионери, кои и покрај сите очекувања не добија никакво „зголемување“. Зголемувањето на пензиите минатиот месец изнесуваше само 0,7 отсто. И со букви, нула запирка седум отсто. Пари колку за едно пакување бонбони според просечниот износ на пензиите.

Им препорачувам на новинарите да направат едно истражување дали политичарите од сите партии знаат колку во продавница чини еден леб, едно млеко, колку чини килограм месо или кафе. Според мене би се добиле мошне интересни одговори и уште поинтересни сознанија.

Иван Стоилов, пензионер