Христос Воскресе! Но што е со Христијанството?

Што беше тоа христијанство? Учењето на Исус од Назарет. Како се диференцираше христијанството? Преку интерпретациите на учењето на Исус од Назарет од страна на неговите ученици/следбеници, особено од апостол Павле. Потоа и на т.н. црковни отци. И – што постана од христијанството? Кодифицираната догма на црквата/црквите. „Големото прашање“ е што е христијанството денес. Со ова прашање тесно се врзани прашањата дали и кому му е потребно денес. Ако да, тогаш зошто? И покрај многуте „христијанства“, кои едни со други се напаѓаат како секти, притоа арогантно заборавајќи дека и самиот Исус ја почна својата „кариера“ како „секташ“, излачувајќи се од јудаизмот – христијанските богослови од разните деноминации нагласуваат некои врзивни точки, како што се верата во воскресение на мртвите заради божјиот суд врз нив и верата во вечен живот во рајот…

Речиси сѐ што оди натаму од ова (како учењето за наследниот грев, за искупувањето од гревот, за природата на Исус Христос итн.) е неретко предмет на замрсени богословско-гордиеви јазли; според начинот на разврзувањето на овие шпекулативни јазли, разните деноминации се етикетираат себеси како правоверни, а другите како еретички. Исус Христос како многу да не го интересираа вакви работи. Ако ги читаме евангелијата, ваквите теолошки шпекулации ги интересираа токму неговите најогорчени противници – фарисеите и садукеите. Иронично, но ваквите умоломки најмногу ги интересираат и оние што се сметаат (или се сметани) за негови најпосветени, учени следбеници – христијанските теолози (евангелски, православни и католички).

По многу нешта, тие се идентични со некогашните јудејски фарисеи: вехементни конзерватори на „дедовската“ вера, ексклузивни кодификатори, чувари, толкувачи и разбирачи на „божјиот збор“, правоверието (догма); вардачи на обредот и животот на верникот. Што тогаш го интересираше Исус од Назарет? Есхатонот – навршувањето на дните и конечниот суд над луѓето и како тие да се спасат од пред небесниот монарх со чиј „праведен гнев“ е толку преполн Стариот, јудаистички завет? Дали Исус сакаше да ги кодифицира животите на своите следбеници? Дали беше опседнат со тоа да ѕирка во постелата, шиканирајќи ја сексуалноста – нешто со што е патолошки опседнат англосаксонскиот евангелизам денес?

Исус го интересираше пред сè она што нè интересира сите нас, она што го интересираше и комунистот Рацин, кој говореше во името на оној „на трудот црн народ“: социјална правда! Не небесна, не метафизичка, туку човечка пред сè, дури и премногу човечка, како што би рекол Ниче! Велигден и Први мај календарски се доближуваат само повремено, но егзистенцијално се блиски како браќа. Зашто, да не заборавиме – како што заборавија многумина теолози – дека Исус пред сè ИСЦЕЛУВАШЕ и НАХРАНУВАШЕ! Во таа смисла, речиси сите негови чуда на кои е затемелена верата на христијанинот и со тоа и самото христијанство се од (психо)социјална природа: тие се насочени кон човечкиот живот и афирмација на неговата вредност. Климаксот на таа афирмација е чудото на воскресението од мртвите. Како такви, Исусовите чуда ја пополнуваат пеколната празнина што во човечкиот живот ја создаваат владетелите, моќните и супербогатите, „господарите на човечкиот род“ како што ги нарекува Чомски, под покровителство на – според апостол Павле – „од бога воспоставената“ (државна) власт (!).

Теолозите низ вековите го маргинализираа(т) социјалниот бунтовник Исус, наместо тоа го нагласуваа(т) легислаторот, судија и искупител Христос. Неговите чуда ги потчинуваат на теократски пренагласениот Страшен суд како крајна цел. Во тој контекст ја ставаат во преден план важноста на искупувањето од гревот, нагласувајќи ја вината, односно чувството на вина кај човекот. Социјално-човечката и егзистенцијална димензија на Исусовите чуда ја потиснуваат, за сметка на тоа кодифицираат еден крут и манипулативен систем, заснован на патолошката спрега: (априористичка) вина – искупување. Но каде го ставаше акцентот самиот Исус – не ни неговите апостоли (кои во крајна линија се негови толкувачи, макар и непосредни)? Кај Исус и самиот есхатон ѝ беше подреден на социјалната ПРАВДА, опиплива и разбирлива, токму таа е негова цел, а не некаква метафизичка, формалистичко-теократска правда (=ПРАВО).

Да се сетиме на говорот на гората: не богатите и моќните, туку угнетените, потлачените и сиромашните се оние што се блажени и кои може и треба да се надеваат на него. Тие беа неговата публика, негови следбеници, меѓу нив ги бараше своите апостоли, за нив ги изврши своите чуда, нив дојде да ги избави од неправда. Секој прониклив читател на евангелијата, на кои (би требало да) се темели христијанството ќе забележи дека Исус бил човек на своето (не)време. Човечен, премногу човечен. Колку се теолозите луѓе на своето (не)време? А колку се застарени, вишок и крути чувари на своите кодификации како фарисеите? Дали се синови човечки (како што себеси се нарекуваше Исус) или се херменевтички отци, анахрони апологети што ја бранат статиката на НИВНОТО слово? Дури и (само хипотетички!) да го одбранат од сите (психо)логички, етички и научни напади – кои, патем, веќе одамна го пратија христијанството, т.е. неговите догми во пензија – нема да го одбранат од една работа: заборав.

Затоа што токму тие заборавија дека човекот, а не догмата, е во центарот на словото, а таму го стави Исус: наместо да им товари чувство на вина и да им „попува“ на луѓето, Исус – колку и да се чини спорна оваа констатација! – всушност ги адресира нивните основни егзистенцијални проблеми како еден од нив: искрено, страсно но наедно и проникливо и со извонредно чувство за дијалектичност. Притоа, неговата доследност не беше од догматска, туку пред се од егзистенцијална природа: тој му даде печат на она во што веруваше со својот живот и со својата смрт, со што – ни се допаѓал или не – се впиша во надлуѓето. Христос воскресе! Но има ли кој да го воскресне исусовството? Што е со денешните експоненти на христијанството? Зашто христијанството можеби веќе е вишок, но исусовството ќе биде потребно додека има луѓе и живот. Со сите контроверзии што одат со него!

Филип Клетников, поет