Тера инкогнита

Зоран Дабиќ

Зад превезот на желбата за реформа на дипломатијата и личните амбиции на самодокажување и оставање „наследство“ зад себе, во основа, станува збор за личен проект на еден човек, поддржан од мала интересна група на вработени. Проект зад кој не стои македонската дипломатија

Терминот тера инкогнита се користи во картографијата за опис на региони што не се познати, мапирани или документирани. Стапнувањето на непознат терен секогаш било голем предизвик за авантуристите и храбрите по дух. Тие откриваа нови реки, езера и континенти, а не се плашеа ни да се нурнат во темните длабочини на вселената и микрокосмосот.

Но авантуризмот и неизвесноста не се својствени за дипломатијата како служба. Како Македонски дипломатски синдикат силно се залагаме за дипломатија со високи стандарди, професионална и ефикасна, каде што ќе се почитуваат правата и дигнитетот на вработените. Дипломатската професија е една од оние каде што не е препорачливо избрзување и каде што сите постапки се добро обмислени, а ефектите што е можно повеќе предвидливи.

Последните неколку месеци нашиот синдикат води голема борба за повлекување на новиот предлог-закон за надворешни работи. За причините повеќепати сме ја известувале јавноста. Неговото конспиративно подготвување од тесен круг луѓе, отсуството на јавна и внатрешна дебата до неговото објавување, масовното несогласување на вработените и форсирањето на раководството законот да се донесе по секоја цена го наметнуваат прашањето кому таквиот закон му одговара и каква ќе биде иднината на македонската дипломатија уредувана со непосакуван закон.
Во Министерството за надворешни работи последните неколку години се спроведува политика на цврста рака. Бркањата од работа, масовните деградирања и мобингот станаа, за жал, дел од нашето секојдневие, а бројот на жалби и судски тужби против сопствената куќа достигнува бројки што се без преседан. Слушнавме дека и на министерот дискретно му било укажано од надлежни органи дека се претерало со репресијата.

Предлог-текстот на законот ја продолжува тенденцијата дипломатијата да се држи под цврста контрола. Концентрацијата на власт што тој му ја дава на министерот само дополнително би ја зацементирала неприкосновената моќ на министерот врз статусот и кариерите на вработените. Згора на тоа, во согласност со понудените решенија во предлог-текстот, би му дало и можност непосредно или преку колегиумот избран од него да влијае врз фундаменталните права што произлегуваат од работниот однос и со тоа да се замешува во приватните животи. Имено, со новиот предлог-закон, македонската дипломатијата би требало да „излезе“ од јавната администрација и со тоа да ја изгуби компонентата на легислативната заштита што оди со административниот статус, за сметка на влез на непозната територија, каде што системот ќе функционира арбитрарно.

Спротивно на сите норми за солидарност, предлог-законот ги „презема“ само дипломатите во МНР, а не и административниот персонал. Ова е сериозен дефект и одраз на непознавање на механиката на дипломатското работење. Дипломатскиот административен персонал е нераскинлив дел од дипломатијата и неговиот статус во меѓународните односи е ист како и тој на дипломатите регулиран со Виенската конвенција за дипломатски односи. Нивната одговорност и обврска за доверливост не се ништо помали од оние на дипломатите и тие се составен дел на сите наши успеси и неуспеси. За жал, предлог-законот не го согледува тоа.

Ваквиот предлог-закон, секако, не е соодветен ни за најголемиот дел дипломати кога се во прашање нивниот развој и кариерен напредок. На тој пат се поставени толку многу пречки во вид на потребно работно искуство, држење раководни позиции или работење во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, поткрепено со мислењето на фамозниот колегиум, што атлетската патека за трчање со пречки изгледа како гола авионска писта.

На дипломатијата не ѝ требаат стеги, ниту цврста рака. На дипломатијата ѝ требаат широчина и пропулзивност на помладите кадри, кои нема на неприроден начин да бидат спречени во остварување на своите амбиции. Секој дипломат има право да негува амбиции да стане амбасадор еден ден. Се разбира, со својот квалитет, вредност, лојалност и високоморални стандарди. Само здравата амбиција доведува до квалитет. Оние што уште на почетокот се помириле дека се задоволни со средното ниво, не ѝ носат подобри денови на нашата дипломатија.

Македонскиот дипломатски синдикат прави сѐ што е во неговата моќ да укаже на долгорочните негативни последици од еден ваков, непрофесионално подготвен и некомплетен по својот опфат, закон. Зад нас стои големо мнозинство вработени во МНР. Се чини дека и преостанатите државни институции почнаа да го согледуваат ова. Така, Секретаријатот за законодавство во текот на постапката даде огромна листа на забелешки од легален карактер. Министерството за информатичко општество исто така забележи на нерегуларна јавна дебата по однос на предлог-текстот, а Министерството за финансии ги оспори финансиските импликации од неговото донесување, како ставка што го нарушува државниот систем на буџетирање. Со ова паѓа во вода и еден од главните аргументи на пишувачите на законот, дека негова цел е подигање на стандардот и зголемување на личните доходи на дипломатите. Очигледно е дека одредбите за зголемување лични доходи по основа на новиот статус (надвор од администрацијата) не се претходно дискутирани, а уште помалку усогласени во Владата. Тој елемент по сѐ изгледа беше вметнат како „шарена лажа, која, за жал, беше отфрлена, но ете, сепак, законот ќе биде донесен.“

Со целиот овој товар на грбот на предлог-законот, останува заклучок дека зад превезот на желбата за реформа на дипломатијата и личните амбиции на самодокажување и оставање „наследство“ зад себе, во основа станува збор за личен проект на еден човек, поддржан од мала интересна група на вработени. Проект зад кој не стои македонската дипломатија.

Многу е несериозно и опасно оваа специфична професија да се даде во раце на поединци. Според личното признание на еден од пишувачите на предлог-законот, новиот текст ќе нѐ внесе во неизвесна непозната територија, односно во тера инкогнита. Тоа е нешто што најмалку ни е потребно во овие времиња на премрежувања. Стабилни, добро промислени подобрувања на постојниот закон се, секако, добредојдени.

Деновиве сме сведоци како раководството на МНР од петни жили се труди да испрати контингент на дипломати и амбасадори во странство, во време на функционирање на техничката влада. Има ли поголем парадокс тоа да се форсира по стариот закон, пред донесување на новиот, „реформиран“ закон? Ако веќе е толку квалитетен? Македонскиот дипломатски синдикат многупати укажа дека ваквите упатувања „во време невреме“ не ѝ прават услуга ниту на дипломатијата, ниту на колегите што би заминале надвор во овие услови. Така само ќе се продлабочат поделбите во куќата и уште повеќе ќе нѐ оддалечат од преболувањето на детските болести и дефинитивното созревање на македонската дипломатија.

Авторот е претседател на Македонски дипломатски синдикат