Почитувани читатели, познато е дека многу членови на СДСМ и добар дел нивни симпатизери и денес се убедени дека со договорот од Преспа нам Македонците ни бил загарантиран идентитетот. На „чело на колоната“ е поранешниот премиер г. Заев, а го следат многу избрани функционери од Владата. Но мене многу ме зачуди и изненади скорешната експлицитна изјава на поранешниот претседател г. Бранко Црвенковски, дека „има промена на нашиот идентитет“.

Така, тој е еден пример, кој ја потврдува онаа изрека за нас, дека „на Македонците последни им текнува“. Јас оваа негова оцена, без оглед како до неа стигнал, сакам и овој пат да ја потврдам бидејќи тој ја кажа вистината! Затоа се наметнува прашањето кои аргументи се битни за или против таборот на СДСМ и дел од нивните коалициски партнери?
За промената на идентитетот, насетував дека ќе се случи пред почетокот на преговорите и сакав тоа да им го соопштам на премиерот и на министерот за надворешни работи, кои беа забревтани и занесени во преговарањето, па кога почнаа тие преговори на двапати им се обратив, но тие си продолжија со своето „знаење“ за преговарање и така го добивме договорот со променет идентитет. По потпишувањето на договорот, на новинарски прашања, министерот Димитров тврдеше дека ни е зачуван идентитетот поради тоа што во членот 1 од договорот стоело дека сме Македонци, со додавка „од Северна Македонија“, а и јазикот ни бил признаен како македонски.

Јас реагирав дека во членот 1 од договорот не станува збор за идентитет туку за државјанство, па работите полека стивнуваа, а целосно стивнаа со писмото со кое нашето Министерство за надворешни работи им го презентира тој став на соседите со кои преговараше. Така мораше да биде, бидејќи тој не може кај нив да сее магла како што мислеше дека нас лесно ќе нѐ манипулира. Тие бараа црно на бело за овој член и го добија! Значи остана само јазикот како аргумент со кој и денес нашиот премиер се гордее дека со него е зачуван идентитетот. На јазикот еден наш професор социолог ја додава и културата. Затоа прашањето што и денес е актуелно и бара одговор е: дали е потврден или, пак, идентитетот ни е променет и покрај факторот култура.

По сета оваа збрка, која се наметна веднаш по потпишувањето на договорот, јас на 30 и 31 октомври 2018 година, во овој дневен весник, прво, во написот „Преговорите за името – триумфализам на незнаењето и присилата“, а потоа и на 6-7 април 2019 година, во написот „Само вистината на Заев и Мицковски: сериозно незнаење“, се обидов да расчистам дел од оваа магла околу нашиот идентитет во договорот. Во овие написи се посветив на примената на концептот за „Преговарање за непреговорливото“, концепт што сериозно е насочен кон преговарањето за идентитетот, а беше применет во преговарањето за договорот од Преспа. Притоа толкувајќи го членот 7, точката 3 од договорот лесно беше да се оцени дека нашиот идентитет е променет од македонски во северномакедонски. Навистина никаде во договорот не се споменува идентитетот, ама штотуку споменатиот член јасно упатува на што се однесува одредбата.

Да појасниме. Според споменатиот концепт, при преговарање за идентитетот се поаѓа од претпоставката на авторот дека тој е фиксен и променлив. Оттаму и споменатата одредба од членот 7, од договорот, точка 3 јасно упатува дека фиксниот дел или како што авторот на концептот вели „срцето“ на нашиот идентитет, односно македонски, не е променет ама се менува дел од името „северна“, па така идентитетот станува северномакедонски. Тоа е тој концепт на релациски идентитет, што јас го објаснував во погореспоменатите мои написи. Секој оној што го знае споменатиот концепт и внимателно го чита членот 7 од договорот од Преспа, нема забуна околу тоа дале е променет или не нашиот идентитет. Да додадам и тоа дека авторот на овој концепт, овој идентитет го нарекува релациски, идентификувајќи го со компромис. Кај промената на името е сосема јасно дека нема компромис, туку само наша согласност за таа промена, за да се влезе во ЕУ и во НАТО и без каков било влог на Грција за да има компромис. А дали и кај идентитетот има влог на другата страна. Очигледно е дека нема.

Влог се Македонците од соседната земја, со кои се прави компромис со нас Македонците од нашата држава. И внимавајте за тоа малцинство ниту Генералното собрание ниту Советот за безбедност, ниту генералниот секретар на ООН, ниту пак помагачите немаат одговор или поточно „глава не ги боли“, а тие имаат донесено толку многу меѓународни конвенции за таа намена! Значи и за правата на малцинствата во оваа земја имало политичка согласност (консензус) од страна на нашите надлежни за преговарањето, а не се преговарало според концептот или поточно за компромис. Затоа и коцката, за која многу самозадоволно зборуваше министерот Димитров, дека се испотил додека ја составувал, остана целосно погрешно составена. Така, Грција го реши проблемот со македонското малцинство во таа држава, без за тоа да бидат свесни тие Македонци таму, но и голем дел од нас тука.

Забуната, кај оние кај кои сѐ уште постои: дали е променет или не е нашиот идентитет, ќе им биде сосема јасна на сите по силниот ветер, кој ќе ги донесе јасно решенијата на меѓудржавната комисија, а најверојатно по завршувањето на нашиот прием во ЕУ. Заради тоа, во овој момент е битно за мојата опсервација околу овој завршен чин, да споменам само толку, дека нашиот дел од споменатата комисија и тимот за преговарање со ЕУ, нема да знаат како да се справат во текот на преговарањето со допирните точки околу идентитетот, бидејќи меѓу нив нема експерти за преговарање.
Ни останува уште да видиме дали културата е најбитен фактор на идентитетот, како што нѐ убедуваше професорот социолог, во своите написи во овој весник. Културата е општествена појава и е составена од повеќе значајни човекови активности, а идентитетот е појава што е поврзана со психолошките вредности на една нација, изразени преку верувањата, ритуалите, верноста, вредностите и емоционалното значење на искуството. Овие две општествени појави имаат сериозни разлики, меѓу другото и поради тоа што културата е свртена кон развој и култивирање на општеството или групата од што следува остварување на определени економски бенефиции, што изостанува кај идентитетот, кој е поврзан само со чувствата. Иако овие две појави имаат допирни точки кај обичаите, верувањата и традицијата сепак се далеку една од другата.

Идентитетот е чувство што се засновува на специфични идеали за кои се верува дека се вистинити, потоа на ритуали што се изразуваат преку персонални обичаи и церемонијални норми за празници, обреди, регуларни молитви сѐ до секојдневните. На сево ова споменато, се надоврзува чувството на лојалност спрема поединци или група изразено преку единствен збор како што се правда, сожалување или слобода и конечно емоционалното значење на искуството искажано преку интензивни позитивни или негативни случувања поврзани со поединецот. Поради тоа точно е тврдењето дека културата не е пресуден фактор за идентитетот, особено не кај нас. Токму споменатите прашања, кои го прават идентитетот, ќе бидат предмет на договарање со другата страна и на средбите на меѓудржавната комисија за историјата за што јас погоре веќе нешто споменав. Инаку балканската историја, напишана по иницијатива на Грција од страна на професори од балканските земи ѝ оди на рака на оваа земја. Затоа за мене и сега не е битно прашањето за што ќе се преговара меѓу комисиите, туку уште колку тие разговори ќе не обезличат како народ и држава и колку длабоко со нив ќе се навлезе во нашата историја и нашиот идентитет?
Балканската историја, заедно со отсуството на експерти за преговарање во нашиот дел од Комисијата, не даваат надеж дека нешто ќе се промени во наша полза од работата на оваа комисија. Така, сосема лесно се остваруваат посакувањата на некои „да се (до)убие Македонија“! А за заживување на државата ќе ни треба организирана работа и знаење од неколку векови и повеќе генерации. Неколку децении се недоволни, бидејќи го немаме критичното знаење. Нашето знаење, особено политичкото, завршува во границите на нашата држава.

М-р Ѓорѓи Трипков,
економист аналитичар,
поранешен државен службеник