Повод: Скандалот со пензискиот фонд и другите такви случаи

„Системска грешка“, гласи официјалното затворање на скандалот со 19-те милиони евра во пензискиот фонд! А, неодамна, пердуви летаа од новооткриениот скандал за „исчезнатите“ милиони… Изјави, истраги, објаснувања од врвните органи задолжени за законско работење во оваа сфера: Министерството, Фондот, ревизорските служби… Дури беше поднесена и кривична пријава против непознат сторител до ОЈО… Се вмеша и коалицискиот партнер ДУИ, долгогодишниот и континуиран „дегустатор“ на власта, со едно од парчињата колач наречено „пензиски фонд“… Почнаа и меѓусебни обвинувања, но овој пат, не со непознат сторител, туку конкретно – со Мила Царовска, актуелната ресорна министерка од СДСМ, која од ДУИ беше директно посочена како виновна, дека шири лажни вести… итн…

А кутрите ние, вџашени пред скудните информации, штотуку помисливме – криминалов е страшен, но барем е откриен и почнува истрага за расчистување! Кога, одеднаш, добивме нов студен туш од објаснувањето – дека било „системска грешка“! Случајот ад акта!

Уште понеодамна, нов скандал!
Зоран Заев изјави дека Владата ќе им ги покрие долговите на околу 200.000 семејства и поединци за струја, за периодот од 2001 до 2006 година. Со околу неверојатни 110 милиони евра! Заев, по обичај, не кажа според кои критериуми се одбрани тие семејства и поединци; дали се работи за социјални случаи; дали им се поведени постапки за неплаќање; каква е нивната структура; зошто токму во овој период; дали ЕВН како надлежен и овластен субјект презел нешто кон своите должници… итн.???

Притоа, особено зачудува фактот што ЕВН е приватна фирма, која е самостојна во остварувањето на својата дејност; што во државниот буџетот не се предвидени ставки за вакви намени; при што е нејасно – како овие должници се натамошни корисници на електрична енергија кога е јасна практиката на ЕВН – која, само за неколку месеци неплатен долг, му ја исклучува струјата на корисникот и сл.! Со ваков потег, апсурдно и парадоксално, Владата, од една страна го дискриминира населението, но од друга, ги дискриминира и другите фирми што имаат свои должници за ресурси од животно значење, како што се вода, парно, намирници, нафта итн. Настрана што во тој период постоел друг правен субјект – ЕСМ, кој е преземен од ЕВН по тој период со, наводно, регулирани сметки. По бурните реакции од јавноста, Владата соопшти дека за покривање на овие „долгови“ немало да се трошат пари од буџетот! Ами од каде? Но, тоа објаснување изостана!

Впрочем, останаа неодговорени сомненијата: во кое својство Владата од име на правен, независен субјект (ЕВН) презема и простува побарувања кон негови должници, односно, има ли Владата некаква уставна или законска надлежност да им надоместува долгови на граѓани кон други правни лица. За жал, сомненијата ескалираат во нови сомненија во јавноста околу вистинските цели на Владата. Дали се работи за прикриени зделки околу продажба на ЕВН, покачување на цената на струјата, „надомест“ за некакви други услуги, како – енормни вработувања на лица блиски на власта итн… Веројатно, повторно се работи за некој нов вид „системска грешка“?

Дали беше „системска грешка“ и неоснованата владината одлука за надомест на долговите на приватните и профитни винарници кон лозарите? Секако, грешка беше и распределбата на средствата за култура од министерот за култура, со која, во енормен и крајно понижувачки сооднос се фаворизираат непознати, штотуку основани фирми и поединци од албанскиот сектор, наспрема оние што со децении и континуирано остваруваат дејности од национален интерес, првенствено за државата, во која според највисоки стандарди е вградена и албанската, како и на другите етнички заедници, а потоа и за македонската култура? Спротивно на уставната и законска позиција на областа „култура“ и ресорното Министерство! Повторно Заев упати утешни зборови дека дел од распределбата ќе биде поништен и коригиран, и овој пат, веројатно, како „системска грешка“!

Мораме да признаеме, овој пат, за чудо, „објаснувањата“ од Владата не се лага! Навистина, „системската грешка“ е темелот на нашата држава и општество! Цели 27 години! Инфилтрирана во секоја нивна пора! Од сите носители на власта! Од една страна поради нивниот дилетантизам, незнаење, неетичност, алчност, но од друга, поради длабоко, темелно смислен план за разнебитување на државата и поништување на сѐ што е македонско, заради остварување некакви монструозни, попатно и свои, етнички интереси, на непринципиелен, криминален, геноциден начин!

Но да не заборавиме, независно од вистинските причини, „грешкиве“ се лукаво и дополнително насочени како директна контрибуција во предиграта на претстојните претседателски избори! За спроведување партиска кампања, со народни пари, насочени кон дискриминација и уништување на тој ист народ, третиран како „системска грешка“ на сопственото, вековно, континуирано постоење! Можеби, успехот на ваквата мисионерска „системска грешка“ немаше да биде толку успешна, ако во неа, своја драгоцена подлога не им обезбеди „меѓународната“! За жал, и таа, длабоко зацапана во својата „системска грешка“, како врвен резил на цивилизацијата!
Македонски манифест протестира за ваквото криминално практикување на власта од Владата на РМ на чело со премиерот Заев, чија жртва е невиниот народ, кому, со различни „системски грешки“, системски му се дере кожата!