Пред два-три дена, на 28 февруари 2020 година, ТВ Канал 5, ја емитираше својата петочна емисија, „Само вистина“, во познатиот термин, со познатиот водител и во познатото студио, на кое гости беа поранешниот премиер и претседател на СДСМ, господинот Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ г. Мицковски.
Во овој текст ќе се насочам кон неколку битни „самовистини“ на поранешниот премиер, кои ги изнесе во споменатата емисија, а чија суштина е сосема блиска до невистината. Немам намера да ги образложувам пошироко тие „самовистини“, туку само ќе укажам на нив и вас почитувани читатели ќе ве насочам кон некои алатки од демократскиот свет, а кои кај нас никој досега не ги споменал, со што се потврдуваат моите квалификации за нив.

Прво, премиерот „се отепа удирајќи се во гради“, велејќи дека со буџетот за оваа година преку зголемувањето на средствата за плати на дел од вработените во јавниот сектор ќе им се зголемел квалитетот на животот. Да се разбереме: со таа мерка сигурно ќе се зголеми квалитетот на животот на тие вработени преку зголемени буџетски пари. И само толку. Тој и неговата министерка за финансии, која го застапува истиот став, не знаат дека тоа е економска мерка со краток здив и без ефект врз општествениот производ (ОП) на долг рок. На долг рок тоа може да биде јамка за бесење на развојот. Потрошувачката треба да биде реална и постојана, а вака конципирана таа ќе го гарантира тоа само на краток рок. И нема понатаму да зборувам дека ефектот на потрошувачката врз ОП е навистина битна но недоволна, ако заработувачките не се врзат со нивниот ефект, туку нив партизански ги определуваат двајца-тројца политичари од кабинетот на премиерот. Да додадам и тоа, дека ако не се извршат структурни промени во образовниот систем, кои министерот задолжен за тој сектор, се сомневам дека ги знае, бидејќи тој повеќе е свртен кон финансирањето на партијата што го сместила на функција, ефектите многу брзо ќе изостанат. Ете, јас, заради тоа, сум убеден дека споменатите двајца министри и премиерот во оставка, не го знаат концептот за квалитетен живот на Теодор Шулц и оттаму сеат само нивни вистини или ако сакате прецизно ирационалности, а преведено на народски „нѐ лажат“ за пак да се докопаат до власта на сегашните избори.

Второ, почитувани, не знам по кој пат премиерот и неговите послушници од коалицијата нѐ убедуваат дека постигнале огромен ефект со тоа што ќе сме влегле во НАТО и во ЕУ поради потпишаниот Преспански договор. Она што е придобивка, која јас ја признавам тоа е дека само влезот е некаков успех, бидејќи имаме само делумно ветување, кое од страна на ЕУ постојано се моделира, а условите се изоструваат, па нашето знаење за преговарање ќе биде недоволно за побрз влез. Јас морам да кажам дека нашето преговарање за овој договор за мене е слично на преговарање по мера на противникот, а не какво што требаше да биде. Договорот, според исходот, е целосна загуба за македонскиот народ, бидејќи знаењето за преговарање на преговарачите и некои професори нивни советници, беше занемарливо. Така тие, кои во 1993 година не го прифатија советникот што ни го испрати Владата на САД да ни помогне во транзицијата од социјалистичко во граѓанско општество и пазарно стопанство, преку овој договор ги жртвуваа името и идентитетот заради нивното миење на лицето за нивниот непромислен акт. Затоа и нашата стратегија во преговарање за овој договор беше крајно попустлива, која некои мои пријатели ја карактеризираат како однапред губитничка. Морам да споменам дека ниту нашата опозиција немаше знаење како да се реши проблемот, бидејќи ако тие го имаа тоа на средбите во Клубот на пратениците или по нивното завршување ќе ни го соопштеа тоа. Нашите преговарачи се заплеткаа во принципиелното и интегративно преговарање и го постигнаа она што го имаме.

Веројатно си мислеле дека друг пристап нема, како што постојано нѐ „трујат“! Јас, почитувани, мислам дека ние имавме друг пристап за кој јас одамна се залагав и им нудев помош на надлежните од поранешната и од сегашната власт. Ама тоа нив не ги заинтересира, па го добивме договорот од Преспа. Само ќе го споменам тој мој пристап. Авторите на принципиелниот концепт по кој се преговараше, нудат еден пристап за кој јас мислам дека само тој нам ни нудеше поволен исход. Тој концепт тие го нарекуваат џиу-џицу, како единствен концепт со кој некоја страна може да се справи со принципиелното преговарање. Ве упатувам: видете ја нивната книга преведена кај нас под наслов „Да се дојде до да“. Според суштината на џиу-џицу, пренесена во преговарањето како стратегија, значи кога некој те турка ти треба да го влечеш кон себе и обратно за да ја искористиш неговата сила. Попрецизно таа суштина во нашиот пример не упатуваше дека требаше да му го понудиме нашето име на соседот, бидејќи тој него и го посакуваше, не заради тоа што му беше потребно туку заради тоа што не сакаше во никој случај нашата земја така да се именува (да не снема како народ). Притоа, нашето барање за таа наша понуда требаше да биде предлог, кој таа страна не можеше да го прифати во ниту еден случај, со што ќе докажевме дека нема разлика во името. А бидејќи другата страна тој наш предлог немаше да го прифати, на оние што бараа промена на името, ќе им кажевме дека се во заблуда. Македонскиот народ само на овој начин ќе ја разбереше суштината на ирационалниот проблем – а меѓународната ќе требаше да се изјасни што бара од нас: промена на името (присила) или исход што ќе се добие од преговарањето. И потоа македонскиот народ ќе се определеше како понатаму. Објаснувањето на овие идеи бара многу простор и знаење. И за тоа засега толку! Во друга пригода можеби повеќе.
Трето, јас не сум правник, но бев упорен во барањето литература и искуство околу постигнувањето консензус, што кај нас сѐ уште е рак-рана. Меѓу таа литература, пронајдов и некои расправи меѓу професорите Харт и Дворкин околу принципите и нормата. Ако се примени тој пристап, мислам дека Законот за ЈО треба да претрпи некои битни измени. Затоа, според мене, повикувањето на премиерот околу оцените на САД и другите земји од ЕУ како аргументи за квалитетот на овој закон, ценам дека не се реални туку ирационални. Прифаќањето на овој закон од споменатите земји, повеќе се однесува на потребата да се донесе таков закон отколку на неговиот квалитет. Заради тоа јас сум убеден, иако повторно нагласувам не сум правник, дека споменатите земји не би дале согласност на некои битни одредби од законот. Ме чуди зошто и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не беше подготвен со такво знаење да се справи со проблемите за кои го напаѓаше г. Заев? А си го поставувам и прашањето дали нашата министерка за правда, инаку надлежна за овој закон, ги знаеше тие расправи или не. Како и да свртите, одговорот на оваа дилема се сведува на баш ми е гајле за странската наука: доволно ми е нашето научнополитичко знаење.

Почитувани, мислам дека вие ја разбравте поентата на овој напис. Мене ми останува само да ја повторам: Знаењето е сила, знаењето е моќ! Наспроти него е незнаењето – најбитниот фактор за регрес и назадување, потоа основа за потсмевање или можност за убава манипулација. Заедничкиот именител на сето тоа е одработување за туѓите интереси, што кај нас, сепак, поинаку и многу погрдно се квалификува.

М-р Ѓорѓи Трипков, економист аналитичар, поранешен државен службеник