Само вистина на Заев и Мицковски: Сериозно незнаење!

Многу внимателно ја следев емисијата насловена како и во првиот дел од насловот на овој текст, емитувана на ТВ Канал 5, на 26 март годинава, во која учесници беа споменатите господа во насловот. Немам намера да го оценувам сето она што беше предмет на дијалогот во целата емисија. Ќе се задржам само на проблемот со вториот езерски договор. Сепак ми останува обврската во иднина да проговорам и за партизираната кадровска политика. Не поради тоа што таа е таква, партизирана од најниското до највисокото ниво, туку поради апсолутниот непотизам (ќе јадеме живи луѓе), што е основата на таквата политика, од што произлезе и договорот за кој тука ќе стане збор. Последица на таквата политика потоа се и погрешната економска политика и избрканата демократија од општеството. Кај нас сѐ е извртено. Затоа незнаењето не само што доминира туку е и најголемата немоќ, која ни се претставува како партиска моќ.

Во еден мој напис тврдев дека преговорите за промена на името и идентитетот се водени според концептот „Преговарање за непреговорливото“, на проф. Даниел Шапиро, директор на Харвардскиот проект за преговарање, кој нашата страна не го знаеше, а се впушти во преговорите неподготвена и изманипулирана или селективно подготвена. За да се докаже ова тврдење мора подлабоко да се навлезе во концептот.
Најпрво да ја објасниме суштината на делот од овој концепт, за „Користење на политиката на идентитетот за соединување“ или, поинаку кажано, за интегрирање во некои повисоки институции. Но најпрво да се задржиме на суштината на самиот концепт. Тој е толку суптилен и двосмислен, а психолошки сепак продорен и наведува да му се предадете. Само еден пример што многу убаво го илустрира тоа. Во него се разглобува текот на промената на идентитетот сосема спротивно на политичката и теоријата за преговарање преку барата, каде што до скоро постоеше оцена дека за идентитетот и човековите права не се преговара. Тој став за непреговорливоста за идентитетот произлегол врз база на анализираните крвави конфликти во светски рамки, по завршувањето на Втората светска војна, од кои повеќето од 90 проценти настанале поради непризнавањето на идентитетот и човековите права на одделни групи или народи во колонијалниот свет. По распаѓањето на социјализмот или комунизмот се појави истиот феномен – феноменот на крвави конфликти за стекнување на самостојноста на единките што порано биле дел од таквите држави.

Поради ваквите очекувања, но и поради заложбите за мирна Европа, беа направени определени измени во меѓународната политика и право. Меѓународната заедница креира ново право на интервенција. Врз основа на Повелбата за мирна Европа од Париз и документите на ОБСЕ, покрај правото да интервенира кога има конфликти меѓу државите, се воведе и правото да се интервенира и кога има внатрешни конфликти во која било држава. Исто така со тие документи се загарантира и правото на вето во меѓународните односи, на секоја држава што ќе оцени дека која било соседна држава ѝ го загрозува територијалниот интегритет. Тоа кај нас остана незабележано од сите што требало да го забележат, како што се дипломатијата, политиката, но и науката. Споменатото право на вето го искористи нашиот јужен сосед, наметнувајќи ни го ирационалниот проблем со името преку Советот за безбедност. Така дојде на ред преиспитувањето на непреговорливоста за идентитетот. Ова заедно со воените дејства на просторите на бивша СФРЈ стана основа на споменатиот концепт, според кој се преговараше и за нашето име и идентитет. Тоа е сосема јасно, бидејќи авторот на овој концепт експлицитно го нагласува тоа.

Овој пристап, применет на нашиот пример, почива на промена на името и идентитетот, што е цена да се интегрираме во НАТО и ЕУ, како институции со највисока моќ во светски рамки. Цената за тој наш пристап, нашите преговарачи ја дефинирале како адекватна за влез во овие институции, имајќи предвид дека за тоа се изјасниле околу 80 отсто од граѓаните. Тоа постојано ни го повторуваат господата Заев и Димитров, велејќи дека договорот е таков поради тоа што сакаме влез во овие институции. Но, сепак, тие немаат прецизен одговор зошто ни е променет идентитетот во целина, преку неговата поделба, на северномакедонски и на античкомакедонски во Грција, туку нѐ манипулираат преку изјавата дека тој не бил променет, што е спротивно на концептот и на реалноста што наскоро ќе следува. Но за да кажеме нешто за тоа дали цената е адекватна или не на присоединувањето кон моќните, ќе ја наведеме суштината на овој дел од концептот.

Исказот на авторот дека „…за остварувањето на политичката цел… треба да се плати цената за присоединувањето кон една посебна група, а не кон друга…“ е добар критериум за оцена на адекватноста на цената што ја плативме со езерскиот договор на Димитров, Заев и нивните поддржувачи. А овој исказ на авторот на концептот, почитувани, нели, како мене, и вас ве упатува на прашањето имавме ли ние можност во играта да вклучиме и друга „посебна интересна група за присоединување“ кон неа. Верувам, знаете дека имавме таква група и требаше да ја вклучиме, ако не заради друго, тогаш за да платиме значително пониска цена. Но да не го заборавиме и пристапот кон овие институции од страна на централноевропските земји што порано беа во СЕВ-заедницата, на кои воопшто не им беа поставени никакви услови за влез во НАТО и ЕУ. Се разбира, ова може да се анализира од повеќе аспекти, но за овој напис е битно да се кажа она што на сите им е познато, а за што нашите преговарачи не знам дали имаа знаење што не го употребија за да ја намалат цената на нашиот пристап кон споменатите институции. Тоа е дека висината на цената за пристапувачот зависи од големината на интересот на оној кон кој треба да се пристапи. Во нашиот случај, високата цена што ја плативме, значеше дека НАТО и ЕУ немаа никаков интерес за наше обединување со нив, за разлика од интересот што преговарачите го зголемија. А линијата на огнот, според мене, значеше само притисок да ја платиме високата цена.

Ако не беше така и постоеше некаков интерес за наше присоединување, цената ќе беше многу помала или занемарлива, а понудата за влез ќе беше постојано актуелна. Поради своето незнаење како да преговараат, нашите преговарачи прифатија многу висока цена иако имавме и друг пристап. Затоа еден мој пријател, постар дипломат, поодамна ми рече: „Кога ќе ги симнеш гаќите (негова метафора за свиткана кичма) се знае исходот“. Тоа ни укажува дека поради слабата стартна позиција (смкнатите гаќи) плативме значително повисока цена над потребната, која се изразува не само преку промената на името туку уште повеќе поради променета на нашиот идентитет со членот 7 од договорот, со кој ние сме дефинирани, запомнете, релациски, но не со грчкиот туку со идентитетот на нашите Македонци, од северната покраина на Грција, вештачки именувана за оваа цел, во 1998 година, по состанокот на ОБСЕ во Атина, одржан една година пред таа промена на името на покраината. Јас затоа си го поставувам и прашањето каде беа тука нашата дипломатија и политика, тогаш и потоа, од 1990-тата до денес. За мене одговорот сублимирано е сериозно незнаење на споменатите, кои нѐ труеја со проблемите заради свои интереси и бенефиции, од кои и денес не се откажуваат!

Да одиме понатаму! Суштината на релацискиот идентитет е во тоа што не се прави разлика меѓу ние и тие, врз основа на вредностите на оној на кој треба да му се промени идентитетот, туку е дефиниран од авторот на концептот, за да се употреби кога некој мора да си го смени идентитетот заради подобрување на односите со другите. И тука сега нема ништо спорно ако се преговара за име на предмети, а не за име и идентитет. Меѓутоа, што е уште потрагично, не се преговара за промена на идентитетот на Македонците во однос на Грците, како што стои во концептот, туку на Македонците од Република Македонија и Македонците од Северна Грција. Верувам, почитувани, дека согледувате изместено користење на концептот, кое го прифатиле нашите преговарачи дилетанти, со што помогнале да се заокружи мегали-идејата, а свесно или не ја прифатиле и вината за битката кај Херонеја од пред повеќе од два милениуми. Јас тоа, сепак, го припишувам на незнаењето на преговарачите, како да го искористат овој концепт, а не на доминантната улога на фондот на МНР на Грција за оваа намена – мислење што неодамна, случајно минувајќи по улица, го слушнав од еден непознат граѓанин, кој расправаше за овие проблеми со група негови пријатели.

Сега да се осврнеме и на „Мрежата на моќ“ за која авторот на концептот вели дека немоќните треба да им се умилкуваат и мудро да се позиционираат кон моќните. Мојот коментар е дека нашите преговарачи претерано се умилкуваа на сите страни, ама не изнедрија мудар исход, туку губитнички. Еве зошто мислам вака. Прво, поради тоа што нашите преговарачи беа сосема „навикнати и решени да попуштат во целост на притисокот од другата страна за да ги обноват односите“ со овој сосед и, второ, поради тоа попуштање се удавија во морето при „пловидбата по нашите домашни интереси“, бидејќи не добија согласност од народот на референдумот, ниту пак консензус со опозицијата, па мораа да се вадат, преку помилување и амнестија на криминалците и директните учесници во протестите од 27 април. И тоа го направија преку селективната правда. Заклучокот е јасен „нема правда, нема мир, има условен пристап кон ЕУ“.

Следува централното прашање за меѓународната политика – што не знаеле нашите преговарачи и заради тоа плативме висока цена. Па, почитувани, едноставно не ги знаеле принципите што ги воспоставија Џејмс Бејкер и Буш помладиот во врска со меѓународната стабилност. Прво, она што мора да се направи е да не се насладуваме на туѓата несреќа и, второ, да се изградат долгорочни кооперативни односи заради таа стабилност. Попуштајќи, ние реално им дадовме повод да ни се насладуваат на нашата несреќа.

Мојата оцена е дека преговаравме и за овој, како што преговаравме и за првиот езерски договор, толку неумешно и далеку од знаењето на џамбазите што преговарале купување или продажба на жива стока. Ако пак овој пристап, кој го предлагам јас, не дадеше резултат, бидејќи некој претпоставува дека вујко Сем ќе употребеше бомби-мајки или атомски, тогаш требаше да размислуваме поинаку. А што е битно? Тоа е дека македонскиот народ ќе знаеше дека е доведен пред изборот од двете зла да го избере помалото и ќе имаше исправен гард и глава високо крената горе, а не скршена кичма. Ќе завршам вака, народот вели секое зло за добро. Времето ги лечи раните, ама злото се памети и бара опростување за него и исправање на состојбата на злото од страна на оној што се осмелил да го стори тој животински чекор, однос што е вграден во менталитетот и политиката на јужниот сосед кон нас. Затоа треба никогаш да не заборавиме и сериозно да се преиспитаме – ние тука, оние од југ, но и оние раселени или присилно протерани од своите огништа по светот – особено во делот на знаењето за политиката и демократијата! Без тоа нема да успееме. Јас немам голема надеж во странска влада, креирана од нашите иселеници, како што некој ја има. Ни треба водач опкружен со знаење од сите сфери, кој ќе го реорганизира образованието од корен, врз основа на светските искуства, и потоа знаењето ќе го внесе во сите институции, почнувајќи од МАНУ (или по испиените дијазепами на академиците, по ново АНУСМ), па до најситните образовни институции. Има за тоа сериозни искуства.

Ѓорѓи Трипков, поранешен државен службеник