Реформи во образовниот систем во Македонија?

Во последно време, покрај сериозните економски, здравствени и политички проблеми, вниманието ни е свртено и кон реформите во основното образование, потсистем од системот на образование, кој се состои и од потсистемите за пред основното, средното, високото и по високото образование. Во моментот, актуелна е реформата на потсистемот за основното образование, темелот на овој систем.
Се чудам зошто никој од страна на надлежното министерство, но и од авторите на овој концепт досега не укажа какви ќе бидат врските меѓу другите потсистеми со потсистемот за основното образование, односно како глобално ќе се реструктурираат средното и високото образование и дали нивните потцели ќе бидат компатибилни (интеграција на знаењето) или спротивставени (висока специјализација), што е многу битно. Ако тие врски не се согледани, основното образование лесно може да остане надвор од системот, што го наметнува прашањето дали обединувањето на знаењето од сите потсистеми во еден систем е целта или не во оваа сегашна реформа. Отсуството на ваков пристап потврдува дека кај нас доминира, и така ќе остане и понатаму, партизанскиот/аматерскиот начин на решавање на проблемите, па лесно и оваа реформа, како и сѐ што се презема кај нас, ќе се претвори во цел сама за себе, без ефект во нашето знаење. Тоа е општиот поглед на проблемот.
Новиот пристап на решавање на проблемите преку ослободување на умот од прангите на самоосознаеното знаење, стекнато преку образовниот процес, а потоа и негово обединување или интеграција (на знаењето од различни научни области, не на истите во еден предмет), многу прагматски почна веднаш по Втората светска војна, за потребите на воената индустрија, кога во САД преку приватно партнерство се основа научна институција за истражување и развој, на која ѝ се препушти задачата да решава некои воени проблеми врзани за (не)ефикасноста во војувањето при лимитирани ресурси, поставувајќи го меѓу нив на врвот на лимитираноста знаењето.

Поаѓајќи од овие сознанија, може да се оцени дека нашата реформа на образовниот систем, која сега е актуелна, требаше да започне вчера, а денес е веќе задоцнета, но сепак насушно потребна во секој случај. Ако овој наш обид за реформи на образованието се спореди со знаењата и резултатите од штотуку споменатата научна институција, мислам дека сите мора да се согласиме дека овој наш пристап е доста неумешно поставен. Тој не е свртен кон ефективно образование на неговиот старт, иако така ни се претставува, туку кон остварување некои политички цели, бидејќи ја нема врската или не е согледана поврзаноста со потцелите на другите повисоки потсистеми од системот за образование во еден систем, а незнаечка и несмасна е и групировката на предметите. Поради тоа јас мислам дека поголемиот дел од работната група, вклучувајќи ја на прво место надлежната министерка, нема знаење за системски пристап во решавањето на сложени проблеми и е далеку од гореспоменатиот пристап, што не соодветствува на потребите на новиот концепт за образование. Оттаму и прашањето зошто се брза да се направи нешто за кое се нема знаење и е со крајно висок степен на неизвесност.

За да нема дилеми и да не ме осудат за циничност или злоба, само би споменал дека ова се моите аргументи за овој исказ: не знаеме што е консензус или компромис иако сите политичари не ги испуштаат од уста, а за тоа како се стигнува до нив дури се табула раза; не знаеме кои се и како се доаѓа до националните интереси; се воведе институцијата заштитен сведок, а не се знае играта меѓу двајца осуденици и да не набројувам. Затоа го поставувам прашањето зошто не се „купи“ знаење од оние што го знаат тоа поубаво од нас, како што на пример направи Јапонија по револуцијата Меџи, студирајќи го светското искуство, а потоа избирајќи го најдоброто и обединувајќи го со сопствената традиција, култура и искуство. Кај нас се споменува скандинавскиот модел, ама таков не постои, што е уште една лажна вест, туку постојат три посебни модели иако слични, но не и истоветни.
Мора да се согласиме дека е потребна трансформација во образованието од сегашниот пристап, кој се потпира на научување на материјалот напамет, кон бреинстормингот, односно кон потикнување на учениците слободно да ги изнесуваат своите размислувања за определен образовен материјал уште од почетокот на нивното школување, што мора да е цел на овие реформи во овој потсистем. Но она што не може да се заборави е отсуството на објаснување од творците на овој „концепт“ што по дискусиите на учениците.

Прецизно математички, како што љубеше да нагласи г. Мицковски, прашањето е што ќе стане по изнесените размисли на учениците за проблемот што бил предмет на размислување, особено ако има многу размислувања и битни разлики меѓу нив и дали ќе заврши часот без одреден степен на обединување (воопштување или синтеза) на размислувањата или не. Во голем дел случаи по ваквите необединети размисли може да настане раздор меѓу учениците, бидејќи тие на таа возраст сѐ уште се посесивни и нерационални, што во никој случај не треба да се остави на случајноста, со што се намалува ефективноста на овој систем. И ако е така, тогаш кој умее кај нас да го среди тоа за да се избегнат тие несогласувања, кога нашата психологија е таква каков што е нашиот систем на образование – да се научи напамет материјалот, па ќе остануваат многу нерешени проблеми и поделба во општеството. Ја нема и логиката, моралот… Тоа е основниот проблем, кој е многу битен, а е отсутен во оваа реформа. Тесно поврзано со ова е и прашањето дали и до кога (до кое одделение) учениците ќе можат слободно да ги диктираат темите и нивните решенија, а од кога основа за размислување ќе бидат книгите или учебниците, каков што е случајот со финскиот модел.
За општествените науки проблемот на обединување ќе биде многу покомплициран. Во некакво мултиетничко општество, какво што некои кај нас мислат дека градат, ветувајќи само права без обврски на малцинските групи, тие проблеми се на шести степен посложени од оние во природните. Такво размислување за структурата на материјата и времето на тие посебни предмети што ја чинат целината на предметот по општествени науки не се споменува во јавните настапи на „мајсторите“ на реформата, а е многу потребно заради оцена на целите на реформата.
Ќе бидам многу конкретен за тоа што треба да се стори во образовниот процес од мали нозе со нашите деца во основното образование. Историјата треба да се „извади“ од општествената област и да се изучува како посебен предмет, бидејќи нашата историја не е победничка и не се заснова на мегали или санстефански идеи и, што е многу побитно, ние сме народ што последен добива држава без војни, а општеството треба да го градиме врз знаењето за мултикултурализмот, а не како што е случајот во државите што се градат преку принципот „една држава една нација“, како што е со околните држави. Затоа ни треба знаење и на тие историски искуства, но и размислување за нив и нашиот однос кон нашата иднина, со акцент на логиката, моралот и психологијата, а потоа на сѐ друго и со помал фонд на часови.

На овој степен на образованието, овие науки треба да се усогласат со целите на историјата, а не обратно, како што нѐ информираат од Министерството. Моето мислење е дека за да се оспособат нашите деца, мора прво да ги научите на основните законитости од општествените науки. Наведувам пример: мора нашите деца да научат како, да изберат меѓу злото и доброто, како и меѓу две зла и две добра, или што може да посакуваат и да прават разлика меѓу тоа дали треба или не да го посакуваат тоа и на крајот дали мора да го имаат тоа или не… Има многу други примери на оваа тема од теоријата на игрите, потоа за корисноста и изгледите.
Во врска со овие проблеми останува прашањето што мора да се одговори. Дали ние вака не навлегуваме сѐ подлабоко во доменот на кибернетичкиот поим наречен „црна кутија“, систем што некој однадвор го разгледува врз основа на учебниците (како влезна големина) и знаењето (излезна големина), добиено од образованието, кое поради нашето незнаење ќе биде неефективно, при што тие однадвор изигруваат дека самиот систем (методот за работа на наставниците) не ги интересира, туку само влијаат на влезот (учебниците) и за тоа ќе ни дадат пари? Или, слободно искажано, мојата оцена е дека реформата е уште една црна кутија или експеримент во лабораторијата наречена „Северозападна Македонија“, кој се надоврзува на експериментите што почнаа со случувањата во 2001 година, преку Тиранската платформа, па до последните, како оној со промената на името, ветото за влез во ЕУ…, со што и на овој начин треба да се потврди неспособноста на државата за сопствен опстанок.

Сета критика изнесена погоре на реформата за образованието и споменатите експерименти потврдуваат дека нашата политика и (не)знаење многу добро се потврдуваат и преку изливот на вистинска политичка љубов, која му ја искажа министерката за образование на нашиот премиер, на последната седница за пратенички прашања, при крајот на штотуку изминатата година, кога се сврте кон него и, со восхит и широко отворени очи и ограничен ум, му рече: „Ќе ја исполниме и оваа задача…“. По овој исказ, остана да ми лебди прашањето: Станува ли тука збор за интереси на секта или за политичко и општествено прашање за доброто на идните генерации? Да беше жива мајка ми и јас да бев на некој начин поврзан со оваа реформа, немаше да плаче, како мајка му на премиерот (како што неодамна кажа Вицето), туку ќе ме подучеше, како што тоа го правеше кога јас покажував слабости во учењето во моето основно образование и се „вадев“ со наставникот: „Не знаеш колку не знаеш. Кога ќе научиш колку знаеш, ќе можеш да оцениш колку не знаеш“.
Веројатно отсуствувало вакво воспитување од родителите кај многу наши политичари и добар дел од научните работници политички определени, па сега им плачат мајките поради нивните инфантилни палавости присутни во нивното политикантство и „знаење“! Многу нивни мајки, иако некои дури и се наставници, домашното воспитување не го примениле ефективно, па денес си плачат на својата и судбината на нивните деца обликувани во ирационални политичари, склони кон корупција и лоповлук.

Ѓорѓи Трипков, економист аналитичар, пензионер