Реваншизмите се враќаат како бумеранг

Луѓето што се отиснуваат во политичките врвови за да прават какви било реваншизми и одмазди, не смеат да го прават тоа. Ни да помислат. Сето тоа се плаќа со иста мера

Овој краток текст е размислување за луѓето што практикуваат власт, за многу повеќе да размислуваат за последиците од кобни грешки што евентуално би ги направиле. И за процесираните. Овие вториве да не се уплашат од какви било судски пресуди. Оти ако се уплашат, ќе им ослабне организмот, психички и физички. Тогаш организмот ќе го нападнат болестите и човекот е готов.

Ставајќи го насловов се сеќавам за мноштво примери како во минатото така и денес, како околу нас така и во подалечни простори низ светот, како во поразвиени општества и цивилизации така и во посиромашните и недемократски земји. Во такви земји, лидерите што во налетот кон власта, а божем во името на слободата, демократијата, светлата иднина и поубав живот, не избираат средства и начини да се забележи дека работат токму обратно и го носат спротивното. Не знам дали оваа појава на реваншизми е во гените на човекот или е преземена од природата на животинските заедници, каде што владеат законите на џунглата и законите на видовите.

И една порака: луѓето што се отиснуваат во политичките врвови за да прават какви било реваншизми и одмазди, не смеат да го прават тоа. Ни да помислат. Сето тоа се плаќа со иста мера.

Како што реков на почетокот, примери за политички реваншизам и одмазда кон политичкиот противник има насекаде низ светот. Во нашата блиска околина се познати примерите во Србија во времето на Слободан Милошевиќ, кој издал налог да биде ликвидиран неговиот политички ментор и кум Иван Стамболиќ. Злосторствата што ги направи му се вратија по три години како бумеранг. Од наведените примери може да се извлече поуката дека луѓето што се вивнуваат во политичките врвови за да прават какви било реваншизми и одмазди не се на добар пат. Секоја одмазда, кога тогаш, се враќа и се плаќа со иста мера.

Никола Масалкоски